Ноќен тренинг

Ноќен тренинг

#3 „И? Што со тоа?“, помислив во мигот кога со работ од окото ги фатив нозете на мажот.
Како мене, и тој застана пред еден од графичките листови закачени на ѕидот, без рамка, само под стакло. Не би имало тука ништо необично да не стануваше збор за нозе со голем број. Не цупкаа обични патики, туку такви какви што се принудени да купуваат кошаркарите. Го кренав погледот и… навистина беше висок. Голем во секој поглед. Носеше стара, сива тренерка која станала вреќеста на задникот и колениците, а преку неа поставена кожна јакна. На главата имаше шарена скијачка капа со туфна. Не му беше гајле за мене. За кого било. Се задлабочи во призорот од кој јас веќе минав на следниот. Беше тоа приказ на онаа жена осудена на смрт со гушење која јаваше низ Мадрид на мазга опкружена со љубопитна толпа, во придружба на двајца чувари на коњи. Којзнае што го задржа пред тој призор? Кога би ми било до шега, би рекла дека му се допаднала шилестата капа со китка на женината глава. Мислам, црнците сакаат сè што има шари, нели? Се исправи, ја крена брадата. Се оддалечи три чекори наназад, како да го одмерува делото. Длабоко зеде здив и потоа звучно, кратко го испушти воздухот низ уста, налик на играч кој се подготвува да изведе слободно фрлање. Уште неколку пати ја префрли тежината од прстите на петиците со едвај чујно мемолење, пред првпат да потскокне. Бев затечена. Тивко подврисна. Исчекорувајќи со десната нога на страна, мажот почна да се ниша. Грлен звук сличен на стенкање му ги напнуваше вратните жили и се спушташе кон стомакот. Собирајќи ги нозете, потскокнуваше прво бавно, потоа сè побргу и побргу, многу вешто, токму како долго да вежбал жестокост на некое за тоа предвидено, скришно место, како да се подготвувал за јавен испад во Националната галерија.
Останав како прикована. Такво нешто во животот немав видено. Голем, силен црнец во скијачка капа со туфна скокаше во вис. Тоа веќе не беше потскокнување. Тој рипаше како на отскочна штица. Му го фатив погледот. До тогаш не се плашев. Во очите кои попусто бараа жариште, се беше собрала сила на мешалка подготвена да ги здроби ѕидовите заедно со мене, да ме пеплоса, да ме набие в прашина. Помислив дека ме забележал, па конечно ме фати страв. А тој и понатаму скокаше. Го изведуваше тоа одмерено, побавно, секој пат сè поблиску до таванот. Отпрвин тивкото подврискување стана погласно. Во разделите помеѓу напорните исфрлувања во вис, неговото двометарско тело потреперуваше в место, треперејќи со мускулите додека од грлото му допираше мрморење се повеќе налик на ’ржење ритмички фрази. Секој период завршуваше со земање воздух, по што следуваа два разбирливи збора. Скокачот ги изговараше во издишка, враќајќи им го звукот во стомачната шуплина: „Папа Легба“. Кога најдлабокото „баааа“ му го допре дното на дијафрагмата, следуваше скок, а по него конечно ослободување на силата во крик, кој тој пат беше толку продорен и силен што моите нозе сами полетаа низ скалите. И неколку катови подолу, непосредно пред излезот, уште можеа да се слушнат криците во чиј пресрет трчаа луѓето од обезбедувањето.

* * *

#4 Го напуштив прекрасното здание на британскиот национален храм на уметноста во кое дивееше следбеник на некоја непозната културна политика. Надвор се спушташе студен, синкав самрак каков што ги обвива некои градови на преминот од есен во зима. Дури на раскрсницата на многу прометните улици која се наоѓаше цел блок понатаму, почувствував како вилиците ми се ослободуваат од грчот, а рацете и нозете полека ги напушта она непријатно чувство на голема напнатост кое ме натера во трк, иако во ниеден момент тоа не беше вистински страв туку попрво исконска душевна и телесна потресеност при средбата со необјаснивата појава. Го притиснав копчето на семафорот чекајќи да се запали зелено. Сè повторно си одеше по својот ток: минувачите, автомобилите. Низата од скапи продавници веќе ги затворила вратите за купувачите. Во плитката ниша пред осветлениот излог заштитен со решетки, лондонскиот клошар си посла легло. Додека ја минував улицата, тукушто се готвеше за починка. Видов како седнува на ќебето и зева, а потоа ја одвртува дрвената нога. Легна на бок, се покри со капутот и ја стави торбата под глава. Протезата ја привлече крај себе за да му биде на дофат, ако некому би му паднало на памет да се обиде да му ја украде. Старецот со дрвената нога беше смирен. Конечно, за тоа имаше причина. Местото под стреа, слично на кутија, го нашол пред другите скитници. И во мене се врати мирот. Ме обзеде меланхоличен спокој, чувство блиско до рамнодушност, кое ги обзема сите жители на големите градови, дури и оние најчувствителните, најдушевните, луѓето како нас, кои ни во сон не би ги нарекле нечувствителни. Сепак, мора стравот да клечел во мене уште од соочувањето со црномурниот скокач и само чекал на некој, сеедно колку ситен повод за да излезе на површината.
Поводот имаше облик на маж. Носеше волнена капа на главата, фармерки и кожна јакна и не беше многу висок, но беше млад и црн и делуваше опасно. Се движев по улица која до душа му припаѓаше на питом крај, но навечер делуваше пусто, особено на делот со неколку костени кои го засенуваа осветлувањето. Кога забележав дека во пресрет ми доаѓа младич со нападен ôд каков што ги одликува уличните разбивачи, беше доцна за трчање. Така само би го поттикнала неговиот ловечки нагон. Чекорев право кон неволјата со спуштен поглед, кој не го кренав ни кога ми го препречи патот. Ги опуштив рацете крај телото, а нему не му преостана друго освен да ми напика леток во џебот од капутот. Тој, имено, делеше пропаганден материјал, што го сфатив дури при блиското соочување. Ми беше срам. Тргна понатаму довикнувајќи:
„Прочитај, и веќе нема да одиш по улица со сведната глава“.
На летокот го пишуваше следното:
Не е важно што сте слаби. Не е важно што сте жена. Нека не ви биде страв. Земете ја работата во свои раце. Јавете се или едноставно дојдете на ноќен тренинг. Rope Yard Rails 47
Крај адресата која беше во југоисточниот дел на Лондон стоеја и два телефонски броеви, а го пишуваше и името на велемајсторот на некоја вештина за која првпат слушнав. Се викаше Папа Легба.

* * *

Од таа случка минаа неколку години. Не ми е лесно. Винченцио од гробот ме опоменува:
„Интелектуалецот неволно ги следи упатствата, тешко му е да чекори во колоната магариња. Подраг му е потешкиот пат и порадо скока како козирог по кривулестите патеки на духот“.
Чекорам ли јас во поворка магариња? Го изневерив ли предокот? Капричата кога-тогаш ќе дојдат и во мојот град, а кога ќе стигнат, жими Бога, ќе ги свртам оние два броја. Можеби сè уште не е доцна за ноќен тренинг.

Превод од хрватски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:18+00:00 април 14th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 53|