Нивните разговори

/, Литература, Блесок бр. 99/Нивните разговори

Нивните разговори

Писма
Врски
Илузии
Лаги
Свестувањa
Другарствa
Љубов:
Разделби
Болки
Вини

Кикси,

Извини мила што ме нема периодов да ти пишам, се пореметив скроз. Немаш појма колку ќе ми беше сè полесно да не беше во таа глупава Германија кај тоа нацистите. Што бараш таму веќе, ајде враќај се, те молам! Не е исто по мејл, џабе збориш. Мислам да, ќе ми олесни ако ти раскажам сè, точно, највеќе затоа што ќе си ги подредам мисливе споулавени, како терапија ќе ми дојде, ама сепак, замисли колку ќе беше јако на нашето место со кафенце и едно две три кутии цигари, хехехе.
Пред некое време почувствував ужасна привлечност кон жена!!! Леле Кикс… чудно ми е и да го напишам ова… Девојката е девојка на најдобар другар на Иван. Типот инаку е сто посто неизлезен геј, али ај. Инаку си ветив дека ова ќе биде моја и само моја тајна, ама неверојатна алапача сум… Некако мислев дека има нешто многу убаво во тоа барем едно нешто што ми се случило во животов да остане само мое, само за мене. Ама не можам, што да правам? Морам да споделам.
Еден од проблемите со чувствувањето привлечност кон неа беше тоа што и она ја чувствуваше и пред некое време отидовме заедно во еден хотел за да сфатиме што се случува и што сакаме. Од кревет не излеговме… Ко мало дете во чоколатерија се чувствував… не знам дали забранетоста во сето тоа или пак тоа што првпат во животов така се почувствував за жена, ама нешто направи тоа да ми е најубавата вечер во животот. Се договоривме никој никогаш да не дознае…
Не ме сфаќај погрешно. На крај памет не ми е да раскинам со Иван, го сакам повеќе од сè. Се заљубив да, ме знаеш мене, никој полесно не се заљубува… Ама љубовта со неа беше различна од љубовта со Иван. Различна од која било љубов. Имав две паралелни љубови. Не само затоа што истовремено се случија, туку и затоа што како и две паралелни линии, немаат ниту една заедничка точка во целиот универзум Знам дека си викаш е добро бе, голема работа, жена што има врска, ама не е така… Многу ме збуни целава ситуација.
Памтиш ли во основно, околу 10 години имавме, ми се чини, неколкумина од маало виделе како постарите вртеле шише и се бацувале и отидовме позади белите згради, кај тој столбот кај што ти кажав дека уште ти го има несмасниот „графит“ од лак за нокти и тоа беше првиот од илјадниците пати што после тоа ја игравте таа игра, а јас секогаш „случајно“ каснев со изговор дека моите дома пак ме терале да правам нешто, а вистината беше дека мразев да ја играм играта, разбирливо, нели? Кога почна да се врти шишето, откако се бација неколкумина, па уште и некој објасни дека требало со јазик – како на филмовите, мене во еден момент толку ми се згади што сакав да избегам, ама тогаш шишето се сврте кон мене и кога го здогледав на другиот крај Оливер, ми се стресе цело тело. Мислев дека сите ме приметувате, мислев дека ќе паднам во несвест, од памет се извадив. Ако се сеќаваш, тогаш некој почна да инсистира дека мора да се бациме, такви биле правилата и се бацивме. Кога се вратив на место, додека сите вриштеа од смеење и се дереа „педери, буљаши, двоцевки“, а Оливер плукаше и правеше гримаси, ти ме погледна и примети дека ми е дигнат. Погледот што ми го упати, не знам дали беше чудење, срам или неразбирање, ама и ден-денес кога се чувствувам за нешто посрамено, ми доаѓа пред очи. Сега, откако го напишав ова, ужасно ми е смешна ситуацијава, ама остај што тогаш мислев дека ќе умрам па те избегнував некое време, т.е. Неколку дена, колку можевме да се избегнуваме тогаш… туку и и ден денес ми е глупаво од ова кога ќе се сетам, иако сите на светов што ги знам знаат дека сум во врска со маж.
Таа вечер, за првпат помислив дека сум различен од сите околу мене и дека тоа никогаш нема да се смени колку и да се трудам. Претходно мислев дека тоа што понекогаш машките ми беа поинтересни за гледање од девојчињата, знаеш, Брендон ми беше поубав од Бренда и сл., не е само како кога некоја песна ти е поубава од некоја друга или некоја сликичка попријатна за гледање од некоја друга. Не знам дали можам баш да се објаснам како беше тоа за мене, ама како мал тоа го сфаќав ептен нормално, како сите околу мене да се такви. Прво, кога пријателите на моите ќе ме прашаа „имаш девојка од градинка?“, јас мислев дека паровите маж и жена постојат за кога ќе имаат деца, мајката да ги носи во градинка во понеделник, а таткото во вторник, после кога потпораснав малку и сфатив што прават мајките и татковците, мислев дека сексот е нешто што родителите мора да го прават, како идење на работа и фрлање ѓубре, ама некако си мислев (или се надевав) дека кога одат заедно по риби или нешто слично татковците си ги гледаат голите тела и се пипкаат, мислев тоа не е секс, тоа е нешто друго, нешто нормално што не мораш, туку сакаш да го правиш хехехехе
Кога се случи она со шишето и сите изреагираа онака како што изреагираа на моето бацување со Оливер, сфатив дека не е баш така. А сега, ме привлече жена… Никогаш претходно не ми се свиѓала жена така…
Глупаво ми е што не можам да му ја раскажам најинтензивната работа што ми се случила на Иван. Првпат чувствував слобода додека сум со некоја личност во иста просторија. Не знаеш како се поврзавме… Како може нешто толку прекрасно да има толкав потенцијал да повреди некого? А ова прекрасно нешто најмногу ме повредува мене. Можно ли е да ме привлекуваат и жени? Од каде тоа?
Треба ли да се каам што ми се случи? Не знам дали ќе можам да седам на иста маса со другар му на Иван и особено со неа! Можеби треба да сум среќен затоа што неколку вечери од мојот живот доживеав нешто посилно од било која дрога, пострастно од било кој секс и потрогателно од било која приказна што сум ја чул. Боже не ми се верува колку живо се чувствувам… Некако сум многу, многу среќен… Каков хаос, бејби, а?
Што мислиш ти?
Во моментов знам само дека не знам како да бидам како порано, не се сеќавам каков бев, не се сеќавам на себеси од порано, како е да се постои во свет во којшто тие неколку дена се немаат случено… Знам дека Иван ќе знае дека нешто не е во ред… не знам што да направам. Што викаш?
Леле колку многу ти напишав… ај доста ти е за сега! Ќе ти пишам за некој ден, да се потсредам малку, па ќе ти раскажам сè како се случи и ќе те известам како ќе биде првата средба откако се случи…
Еј, уште ова да ти кажам: девојкава те знае, зборевме и за тебе, ептен се отворивме, никогаш послободно и поотворено не сум зборувал со никого, зашто се чувствував некако многу опуштено… Испадна дека во основно била затрескана во братучед ти тој панкер што беше порано, сега кој знае што е, заедно учеле и некогаш на роденден кај него сте се запознале, те памти, ми рече ептен дека си ѝ била забавна.
Пиши ми брзо!!!

Те сакам,
Горјан

АвторФросина Стојковска
2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 99|