Нивните разговори

/, Литература, Блесок бр. 99/Нивните разговори

Нивните разговори

Писма
Врски
Илузии
Лаги
Свестувањa
Другарствa
Љубов:
Разделби
Болки
Вини

Маја…
Многу ми е жал за тебе, без оглед на тоа што сè она што ти го кажав тој ден на скајп, како што и самата рече во твојот и-мејл, го мислев… Целата таа омраза или што и да беше тоа, сега ми е претворено во само огромна, огромна жалост. Откако се случи ова со Горјан, на сè гледам некако поинаку… Нема потреба да бараш да ти простам… Ама ништо никогаш нема да ти заборавам…
Другиве сите се ОК, колку што може човек да биде ОК кога ќе се случи нешто вакво… Нон-стоп сме со Иван, веќе година дена живееме Стрип и јас со него… Иван е најлошо од сите, веројатно, нормално… Можеби е глупаво да ти го кажам ова, ама ти сакаш да знаеш што се случува со сите – Стрип и јас сме заедно… Соња и Кико се најубавиот пар што некогаш сум го видела… Среќни се. Изгледа ќе се селат некаде во странство… Можеби и ние, не знам… Пробав да ја убедам Соња да ти пише, па макар и да ти каже нешто злобно, за да се помири со себеси… Мислам дека ѝ треба време. Можеби е и подобро да не ти пишува… Имаш ти свои начини да ги разјадуваш и најпрекрасните нешта на светот.
Знаеш, колку и да пишуваш како да си сменета и како да си друга личност, сепак мислиш дека сè се врти околу тебе… Карма било ова… Многу убаво памтам Маја во каков контекст ти го реков тоа тогаш, не ми ги превртувај зборовите… Да мислиш дека тоа што Горјан умрел е твоја карма, не знам дали може некој да падне пониско…
Сите се обвинуваме… Соња се обвинува што ве запозна тебе и Стрип. Мисли дека кога не би го направила тоа не би се случило она што се случи… Стрипче мисли дека да не се начукал толку таа вечер, ќе ти се јавел да зборите и ти немало да отидеш кај Горјан и немало да истрча по тебе на улица… Иван мисли дека да зборел со него, наместо да се однесува како кретен, зашто знаел за вас, сè ќе се средело поинаку, Кико мисли дека да не бил толку кретен да чека толку време да се соочи со фактот дека е заљубен во Соња, таа вечер ќе сме се виделе јас и он како што бевме договорени и ќе сме отишле кај Иван да збориме со него за тебе и Горјан… А јас… јас мислам дека да не отидев таа вечер да му признаам на Стрип дека сум заљубена во него, немаше да стои како скаменет кога си дошла да му раскинеш и можеби немаше толку вознемирена да отидеш кај Иван и Горјан…
Можеби сите сме виновни, Маја, можеби си ти, можеби јас… Можеби некоја од нашите постапки довела до неговата смрт, можеби сите наши постапки довеле до неговата смрт, можеби неговите постапки довеле до неговата смрт… не знам… Знам само дека мене сите оние глупости од тогаш, сега ми се чинат премногу далечни и премногу тривијални. А ти, Маја, ти продолжуваш со истите драми… ти цупкаш во истата кал, ти сè уште сакаш да повлечеш некого во своите одвратни сплеткарии подолни од најдлабокото дно… сè е сменето освен ти… Жал ми е за тебе… секогаш ќе си останеш таму долу…

Со сожалување,
Цаци

АвторФросина Стојковска
2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 99|