Не гледам ништо лошо

/, Литература, Блесок бр. 88/Не гледам ништо лошо

Не гледам ништо лошо

„Што е ножот, Неда? Најдоброто што го имаш. Ти ги водиш прстите. Фати ја дршката, фрли го ножот, забиј го врвот во метата. Фати го сечилото, фрли го, пак забиј го врвот во метата. Врвот удира во метата. Идејата е како да се направи уметност од нож што врти во бес. Секое фрлање почнува пат. Патот мора да биде брз, точен, убав и да те остави без здив.“ Зборовите на Марко ги заробија нејзините мисли. Сеќавањето ѝ проструи во главата.
Марко ја гледаше од другата страна на сцената. Очите му се стеснија. Се познаваше како бранови надоаѓаат во неговата шареница. Мирис на бура му го зафати здивот. Оваа висока појава, во тесно црно одело, со поглед го пробиваше просторот меѓу неа и Неда. Со дланката, над неговата глава, го држеше ножот со врвот на прстите. Марко љубоморно чекаше да ја покаже својата вештина. Го фати сечилото посигурно од удобните столчиња во гледалиштето. Самоувереноста зборуваше низ задишаните погледи кон публиката. Топ светлата се прекршуваа на неговите бразди и нерамнини на лицето. Го држеше сечилото за врвот. Само една милисекунда пред да замавне Неда предвиде ужас. Огромен набој на болка и слабост, закопан внатре, сакаше да се ослободи.
Неда беше врзана и неподвижна на голема дрвена мета. Зелениот фустан ѝ беше оптегнат и градите тешко дишеа, невидливо и нежно допирајќи ги рабовите на деколтето. Елегантност што лежи на застрашувачка симетрија. Надворешна кревкост што се претопува во доминација и сјае од очите. Тоа беше Неда. Нејзината кожа светеше од убавина која не старее. Пониска од нејзиниот партнер, кој злокобно набљудуваше, се потпираше на кружна табла со раширени раце и нозе. Ја имаше сета виталност што ја нема во Витрувовиот човек на Да Винчи, а сепак беше пример за неговата пропорционална совршеност. Таа можеше да ја предвести пропаста на човекот кој го придвижи ножот наназад.
Тогаш раката го отпушти ножот и се виде само железен отсјај како врти во лудило. И првиот се заби веднаш до вратот на Неда. Прецизноста го пресече молкот со воздишки кои нараснуваа. Работ на сечилото го погали нејзиниот мек епидермис. Нејзините очни капаци и веѓи не се ни помрднаа. Не се ни застресоа, ниту за миг. И пак, уште еден нож се заврте алчно крадејќи и распарувајќи витли од воздух. Така стигна право до нејзиното десно рамо. Врвот на сечилото се зари во мало парче од нејзиниот фустан доволно нежно за да повлече провидна, неопиплива црвена линија на нејзината површина. Сепак линијата веќе ја снема кога долета и третиот нож за да го истурка претходниот од неговото место. Вториот нож брзо се затресе беспомошно обидувајќи се да се задржи на таблата но падна на земја. Тапиот оддек на железото се ширеше низ преполната театарска сала. Луѓето немаа време да ги доживеат сите емоции на едно фрлање. Ножевите доаѓаа арогантно брзо и фатија див ритам. Марко ги исфрлаше ножевите кои му беа прикачени со црни траки на рацете, нозете и градите. Беше секавично подвижен и хируршки педантен. Прво го извлекуваше ножот и ја сечеше лентата со сечилото па замавнуваше наназад, како поскок готов да нападне и потоа замавнуваше напред и го отпушташе во вистинско време за да ги зароби погледите на гледачите. Точно знаеше кога да го отпушти и фрлањето да го направи зачудувачко мајсторство. И двете раце, левата и десната, исфрлаа цел арсенал од ножеви. И покрај тоа, Неда остана неповредена и неверојатно мирна. Зениците ѝ беа статични и насочени директно на ѕверски размавтаниот фрлач. Во мирот чуваше лош предзнак, нешто што виде во гестовите на Марко, нешто страшно што полека му го обземаше лицето. Болно и потајно се одразуваше на нејзините провидни и кренати влакненца на кожата. И како со спокојот да го разбесни, Марко почна да блуе воздух додека фрли четири ножеви еден по друг. Ја потсети на ранет војник кој последен пат пука со митралезот. Еден нож отиде под нејзината пазува, друг се закачи на милиметри од нејзиното лево уво, третиот поткастри многу мало парче од нејзината коса и застана над главата, а четвртиот си освои место меѓу палецот и показалецот. Точно пред да го исфрли и петтиот нож, треска ненадејно му се протна низ цело тело. Раката му се тресеше. Ножот се трудеше да го издржи земјотресот на неговите мускули. Марко падна пред ножот. Очите му се затворија. Ударот на ножот ги вознемири сите. Сè послабо одекнуваше додека Неда држеше капка вода на работ од очните капаци. Ние обично ги нарекуваме солзи, но за неа тие беа секој можен дел од сеќавањето за него. Не сакаше да ги продаде.
„Што е животот ако не низа од сеќавања? Некои едноставно те прават подобар човек, други пак веднаш се губат во бездна, а некои полнат дупки во мозокот со непреболна тага.“ Неда беше длабоко повлечена во оваа интроспекција местејќи ја тенката јакна над зелениот фустан. Сè уште не сакаше да ги даде капките сеќавања одржувајќи ги на врвот на очните капаци.
Еден блед, болен остаток од Марко сега вегетираше во болничкиот кревет пред неа. Дури и тогаш покажуваше знаци на инстинктот за преживување. Дланката ја држеше на вратот на Неда и палецот цврсто му лежеше на нејзиното уво. Зборуваше со глас што се бореше да најде земја да застане. Марко грчеше, но грчеше слабо, во очај, како куче кое ја губи борбата избегнувајќи ги смртоносните загризи на противникот. А противникот веќе одамна се смести во него и неповратно го раскинуваше.
„Кажи ми како изгледам? Како изгледам, Неда?“ Марко прозборе во немоќ да го надмине стравот.
„Добро. Изгледаш добро. Доста ме прашуваш глупости.“ Одговори Неда со речиси мајчинска верба.
„Ме лажеш.“ Ја погледна право во очните капаци.
„А ти? Синоќа те прашав дали можеш да настапуваш. Рече: Да.“
„Ние треба да изведуваме. Слушај, имам контакт од еден… Еден човек. Во јакната е, на оној стол. Види во левиот џеб… Добар учител е, ако не и најдобриот во регионов. Ние сме изведувачи Неда. Мораш да бидеш добра во ова, мораш!“
Неда се мислеше на секој негов збор и ја пресече неговиот придушувачки тон. Се вџаши и со презир слушаше за тој човек. „Како може еден човек да има поголема важност од тебе? Гледај што ти се случува?“ Таа нервозно и горко го проголта прашањето во себе. Потоа едвај изусти збор: „Еден човек?“
Марко го надвладеа претсмртна паника. Очите широко му се отворија. Цврсто ја фати за лицето во својот последен рефлекс. Уште еднаш докажа дека е човек со сила и волја, но мрачна сенка му го покри видот.
„Време… Нема веќе време. Кога ќе си дома… Во спалната! Исечи ја марионетата под подот во спалната. Сè што штедевме… Неда, во џебот… јакната… човекот!“
„Кој човек?“ Прашањето просто ѝ се лизна од уста. Беше во недоумица како во оној микроскопски дел од секундата пред злото да влезе во нашите животи.
„Точно знае што прави. Добар е… Анастасија… Мајко… Мајко…“ И тогаш ја пушти дланката од нејзината мирна кожа. Рацете, нозете, главата, телото му се собраа. Како некој да ослободил марионета од јажињата.
Неда се предаде. Ги испушти капките. Сè се случуваше необјасниво брзо и беспричински сурово за неа. Требаше време за да преболи. Несвесна за вистинската болка од загубата и нерасонета од она што ја снајде, таа реши да се сретне со човекот.
Едно горчливо попладне светеше сонце со заби. Ран есенски ветер соголуваше места на правливата земја. Тука, сред пространата ширина во периферијата на градот, Неда, во тесен црн фустан и чизми, бараше наоколу со поглед. Црната облека оцртуваше став на совршена тага во небесната светлина на хоризонтот. Го чекаше човекот. Тапо одекнаа чекори одзади.
Ја сврти главата. Огромна и добродушна појава ѝ се приближи на неколку стапки. Таа ги скенираше нејзините црни чизми, бледите фармерки искинати на колената, тесната црна маица и кожната јакна. Потоа фокусот ѝ се префрли на главата. Имаше остри црти на лицето и брчки растурени наоколу, но не многу. По побелените влакна на брадата и мустаќите можеше да се каже дека е постар човек. Сепак годините не можеа да го стигнат, тој ја чуваше младоста со добронамерната насмевка. Капка дожд на устата по суша, ете таква му беше насмевката. На Неда тоа ништо не ѝ значеше, само ја изнервира повеќе. Зјапаше во него без да каже збор. Иако беше необјасниво туѓ за неа, не можеше да си објасни како ја потсетуваше на некој познат. Тој заграба еден каиш со цел сет на ножеви што го носеше на рамото и го задржа во раката.
„Како е татко ти?“ Беше очигледно дека сака одговор. Неда така почувствува уште кога тој брзо и напнато мрдна со раката. Забележа како му се стеснуваат црнките во очите и почна да ги испитува промените на контракциите и линиите на неговото лице. Постепено го надвладеа грижа. Тогаш таа му прозборе.
„Што Ви е татко ми?“
„Не ти кажал?“
„Ќе прашував глупости да ми кажал?“
„Што се случи?“ Насмевката му се претопи во набори од жал.
„Одвратна случајност, Кројцфелт-Јакобова болест.“
„Случајност?“
„Во болница ми рекоа дека фаќа еден во милион.“
Му натежна главата долу. Изгледаше како да го осудиле на доживотен затвор.
„Јас сум Симон… Дали кажа нешто?“ Зборовите му се измолкнаа во тешка агонија. Насмевката ја немаше.
„Кажа дека сте добар во ова. Кажа дека сте најдобриот учител тука. Тоа му беа последните зборови.“
„Разбирам. Сочувство… Ќе почнеме на онаа дрвена табла онаму… Неда, така?“
Симон веднаш ја крена главата. Политичар кој глуми ужален човек како изразува сочувство уште ќе ја држеше наведната. Не, тој ја дигна и ја понесе жалта во неа, внатре. Неда го воочи тоа преку очните јаболкца кои нагло и повремено му се мрдаа на страна. Ова ја заинтригира но ѝ даде и доверба да ги следи неговите упатства. Отидоа на едно место каде што беше поставена кружната и дрвена табла. Имаше остатоци од железна ограда и парчиња од стари шатори долу на сувата почва. Таа разгледуваше наоколу и се прашуваше за потеклото на предметите но Симон дојде до неа, грижливо ѝ ја крена главата и ја намести на 6 метри од метата. Кога ја допре таа ја препозна сигурноста и заштитата на човек кој го познаваше со години.
Тој избра нож од каишот, претпазливо го извлече па ѝ го даде на Неда. Се насмеа и со сила го покри немирот што му вриеше во гради.
„Да видиме што си научила досега.“
Од џебот, Симон извади маркер и почна да црта човечка силуета на таблата. Рутината на неговите енергични и одлучни движења ја заменија нејзината меланхолија со хармонија. Потоа зборовите кои тој ги изговори во неа побудија искра на препознавање на себе си.
„Слушај, ми рекоа дека не си фрлала на жива мета. Значи имаме многу работа, така?“
„Зошто? Вештинава умира.“
„Умирањето ја одржува во живот. Баш заради тие неколку секунди на неизвесност, пред да го фрлиш ножот, остануваат сите будни на седиштата. Телата им лачат повеќе адреналин. Едно мало лизгање може да го чини партнерот живот но навременото испуштање од насилството прави уметност. И тие го знаат и тоа и го сакаат. Ние си играме со веројатноста на умирањето, оваа игра е наша и тие секогаш ќе се мислат за резултатот: мртовец или жив човек? Фрли еднаш!“
„Што работите инаку? Не сте само тренер, нели?“
„Јас сум скаут за таленти. Работам за неколку ТВ и филмски продукции. Ајде!“
Таа дрско го сврти ножот во воздух, го фати за рачката, страшно замавна како татнеж и го пушти напред. Се вртеше надреално. Личеше на некое суштество кое само што се појавило од космосот. Врвот се заби неколку сантиметри под замислената лева града на силуетата.
„Уф, отиде слезината.“ Насмевката му се врати на целиот лик.
Неда за миг молчеше. Ги згрчи веѓите како да беше спремна да го навреди Симон. Крајно понижување на учителот стоеше на врвот на нејзиниот јазик и чекаше да избие. Сепак, таа толку заразно прсна од смеа што им даде шанса и на двајцата да се олабават. Одеднаш не беа ни малку туѓи еден за друг. Како да ги држеле тренинзите долго време.
И вистина, ова имаше потенцијал да стане чиста реалност. Неда и Симон почнаа да се среќаваат трипати неделно сè додека Неда не почувствува дека треба да вежба секој втор ден. И набргу се гледаа на тренинг секој ден. Брзината и решителноста не беа проблем кога фрлаше. ѝ фалеше прецизност. Ќе ги направеше сите вежби со Симон и понекогаш навистина одеше над својата сила. Ненаситен копнеж да ја достигне супериорноста на татко ѝ ја водеше во бунтовнички марш напред. Желбата на родителот и конкурентниот дух на детето никогаш не биле толку врзани во еден единствен стремеж. Што од двеве работи се наметна е веќе друго прашање. Кога ќе завршеше еден ден на макотрпно вежбање таа не одмораше. Го користеше секој час да ги исправи грешките зашто единствениот стремеж постепено ѝ прејде во преголема страст да го покаже вистинскиот талент пред учителот. Кога ѝ укажуваше на грешките таа мислеше шила ѝ го копаат стомакот однатре. Кога ги поздравуваше обидите, макар и скромно и малку, таа ги преживуваше истите овации од настапот со Марко. Со брзите кимања на одобрување, тој ѝ даде смисла што не можеше да ја замени со ништо друго. Учителот стана причина за да оди напред. И на учителот почна да му се допаѓа неговата положба. А ова беше со потенцијал да стане тековна стварност, но само имаше потенцијал.
Неда стигна порано еден ден и го начека Симон како си ги брише солзите со ракавот од кожната јакна. Несразмерна тага истураше нанадвор од речиси безживотно тело. Благите контракции на вилиците и градите сè уште пуштаа сигнал дека е витален. Неда немаше никогаш да си го претстави таков дури ни во најлудите, најпроникливите соништа. Го забрза чекорот и се затрча. Црниот фустан ѝ се оптегна на целото торзо и чевлите ѝ удираа на земја како тапани кои најавуваат непозната опасност.
„Симон!“ Ехото замина во далечината. Тој не сакаше да се сврти. Не сакаше ни да ги подигне веѓите.
Сега Неда се најде баш пред него. Со очите се обиде да го разузнае изворот на неговиот психички товар. Тој беше фокусиран напред на кружната табла. Му го пратеше погледот и застана настрана.
„Десната пазува…“ Раката му се подигна како да носи цел товарен контејнер а не обичен и лесен нож. Се придвижи наназад и нанапред со натчовечки напор. Откако го катапултираше ножот многу лошо се истегна. Симон подлегна на болката и падна на колена држејќи се за раката баш под рамото, настрана. Неда се наведна да му помогне да стане ама се исплаши да не го повреди и просто седна до него. Можеше само топло да ја допре неговата дланка. Тогаш Симон страсно ја набљудуваше нејзината префинета кожа и правилните, долги прсти. Солзите се исушија во ситни фрагменти како од восок.
„Затоа не замавнувавте да ми покажете удар? Колку време сте повредени?“
„Многу, вистина… Види!“ Симон погледна во метата. „Десната пазува.“
Ножот удрил во една точка неколку сантиметри под десната пазува. Насмевка срамежливо ја полази по лицето. Симон гледаше во едно искинато парче шатор на земјата.
„Знам дека ти е тешко ама кажи ми кога му ја открија болеста?“ На брзина ги избриша солените капки кои му се спуштаа на образите.
„Многу доцна. Не може да се дијагностицира во рана фаза. Кај него се јавија симптомите но ги открија кога станаа прејаки.“
„Какви симптоми?“
„Пред само осум месеци тој без причина стана депресивен и имаше несоница. Ме вадеше од памет со неговото ноќно вежбање. И двајцата не можевме да спиеме. Потоа добиваше нагли напади во мускулите, му се тресеа… Понекогаш губеше координација па го држев за да може да оди…“
„И уште настапувавте? Можел да си ја заколи ќерка му.“
„Болеста беше променлива, некогаш закрепнуваше, беше во форма, а некогаш многу се мачеше. Го знаевте Марко, тој само мртов би се откажал од ножевите, а се собраа и купчиња сметки. Ноќта пред да… Го прашав дали може на сцена. Многу беше упорен. Имаше силни напади. Го изгуби видот а потоа срцето… Срцето, ете така му запре. Деловите од телото му се сврзаа. Мускулите…“
„Ќе ни помине времето. Стани!“ Очигледно Симон избегна да ја дослуша. Емотивната тежина што ја носеше натиснуваше тони неизречени вистини. Неда го разоткриваше ова уште од мигот кога се сретнаа. Меѓутоа, таа сè уште сметаше дека тоа некогаш ќе излезе, а Симон секогаш знаеше како да ги зачува своите скриени причини. „Почнуваме со овој пар ножеви“. Извлече две мали ками од каишот па ѝ ги подаде. Прво беше вџашена од неговата реакција но бргу сфати дека ја привлекува неговото сочувство за смртта на татко ѝ.
Стана потпирајќи се на него и тивко ги следеше неговите упатства. Симон ѝ ги постави телото и рацете. Штом ѝ го ослободи зглобот на раката од неговиот впечатлив и сигурен зафат таа го пушти едниот нож и ги стави прстите на неговите усни. Тие бавно ги милуваа неговата уста и брада. Беше заведен од подадената љубов.
„Вие бевте добри пријатели? Го знаевте долго време?“
„Таа имаше точно толку години колку тебе… Колку години имаш?“ Симон се преправаше дека не ги слушна прашањата.
„Дваесет и седум,“ прошепоти Неда.
„Да баш како тебе,“ Ја фати за дланката. „Го знам мирисов… допиров.“
Беше знак за Неда да се припие до него. Внимателно му ги избриша згрутчените солзи. Една сестра, обучена да ја тргне нечистотијата од раните, не постапува толку педантно и посветено како Неда со Симон. Устите им се вовлекоа во цврст, олеснителен стисок. Неда и Симон ревносно се бакнуваа споени еден со друг. Главите им трепереа од долго очекуваниот излет на приврзаност. Рацете ѝ се кренаа горе на неговиот грб. Дланката на Симон го издрпа широкото деколте и се спушти долу по нејзиниот тесен фустан внатре во бедрата. Ги галеше злобно и глатко и се доближуваше до меѓуножјето. Таа беше готова да се предаде со навалена глава наназад и со отворена уста за да ја угости воздишката од среќа. Го истри палецот од питомата површина меѓу нејзините нозе. Неда воздивна. Овој звук или можеби нешто ужасно што му помина низ мислите му попречи на Симон. Се тргна назад и се ѕвереше наоколу како да се разбудил од кошмар. Преплашен, го сврте грбот и во трк замина.
„Крај на тренингот.“ Исчезна некаде далеку откако го искашла последниот збор.
„Немој сега да си заминал… Симон!“ Неда остана раздразнета со откриени гради и забрзано издишуваше разочарување. Пред неа просторот веќе зјаеше празен. Сонцето заоѓаше над неплодниот хоризонт.
Следниот ден, отпрвин, само бледо се гледаа. Имаа израз на војници кои наишле еден на друг на воено поле полно трупови. Иако се од спротивставени страни молчат со испиени погледи закопани во земја. Само тие се преживеани и по крвопролевањето и двајцата глумат дека ништо не се случило. И двајцата сакаат да заминат по својот пат и да го остават лудилото на војната зад себе. И така и беше, Симон продолжи да ја подготвува опремата, а Неда вежбаше повеќе начини на замав со рацете. Ги бираше ножевите, гледаше колку се остри сечилата и на крај најде еден. Тргна кон неа и се сети на нешто старо, нешто зад кое стоеше уште од младоста. Беше готов да го каже но Неда прва ја прекина тишината.
„Сакам да пробам на жива мета. Спремна сум.“
„Колку време вежбаме?“ Се замисли Симон.
„Повеќе од три месеци.“
„Ќе ти дадам уште малку време. Може треба да…“
„Веќе дадовме премногу време. Морам да пробам.“
Симон само кимна и таа го зема ножот. Додека тој одеше до метата и смирено го навали телото наназад, таа нетрпеливо го преврте ножот во воздух. Сенка на одмазда ѝ падна на челото. Бесот од претходниот ден и интуицијата што полека го издаваше Симон дека многу криел, вриеја кај неа.
„Повеќе од три месеци се наоѓаме, вежбаме, разговараме, делиме едно исто чувство, стануваме многу блиски и пак… Зошто имам впечаток дека уште не сакаш да ми кажеш нешто?“
Тогаш Симон се наврати на старите мисли. Ги истегна рацете на метата во грчеви и лелек. Потоа ги рашири нозете и уште еднаш се обиде да затскрие работи под маската на спокојот. Не беше ни малку свесен дека налева масло во огнот.
„Што е ножот, Неда? Најдоброто што го имаш. Ти ги водиш прстите. Фати ја дршката, фрли го ножот, забиј го врвот во метата. Фати го сечилото, фрли го, пак забиј го врвот во метата. Врвот удира во метата. Идејата е како да се направи уметност од нож што врти во бес. Секое фрлање почнува пат. Патот мора да биде брз, точен, убав и да те остави без здив.“
Збор до збор Неда, потресена, го слушаше чудото од теорија на Симон. Како ја слушаше така се изместуваше и заматуваше во нејзината глава зашто беше во бунило.
„Ова го смислив за да ја сфатам вештината. Почнав да верувам во тоа уште на твои години. Ми помагаше тогаш…“
„Тоа се на татко ми зборовите. Си даваш за право да кажеш дека е твое, плагијатору одвратен!?“ Таа му ја разнесе реченицата и не му даде ни шанса да продолжи. И другиот нож пак летна во воздух, таа го улови за сечилото, го намести шпицот на врвот на прстите и го крена над главата. Тоа беше позиција карактеристична за Марко. Симон ја дигна раката за миг. Ова беше последното предупредување дека треба да се соочи со минатото и сегашноста. Неда беше прегладнета за вистината како јагуар што го демне следниот чекор на жртвата.
„Неда, татко ти ја научи вештината од мене. Треба да знаеш веќе. Ми беше брат…“
Вилиците на Неда се затресоа, но уште беше во состојба да ја задржи позицијата.
„Марко беше куклар, да, силниот фрлач на ножеви играше со марионети заедно со Анастасија, мајка ти.“
Слика од марионета расечена долж телото со пари кои висат однатре ѝ затрепка во мислите. „Сè што штедевме…“ Едвај отвори уста. Симон беше решен да открие сè.
„Претпоставувам дека те поштедиле од фактот дека не се разбираа добро или поточно воопшто не се разбираа. Слушај, мајка ти никогаш не беше среќна на својот избор на сопруг. Таа беше непоправлив непријател на татко ти. Секогаш наоѓаше нешто да се жали за неговите идеи, за неговите претстави и ги реализираше само своите идеи. Анастасија ја носеше сила што татко ти не можеше да ја прочита. Таа сакаше… Таа сакаше…“
„Мајка ми е почината. Како можеш да зборуваш за неа… Ти сè ненормален, ти си ненормален да ти ебам!“ Го впери ножот кон него и нервозно мрдаше со раката.
„Неда, те молам, тоа ти го рекол за да те заштити од нешто што, можеби, не си требала да го знаеш. Јас го правев истото и се обидов да проценам како треба, но очигледно тоа изгуби смисла. Затоа таа сакаше да најде некој со истиот агресивен карактер и се приврза за мојот талент. Бев во најдобра форма, на дваесет и седум години и мајка ти беше. Сите го држевме нашето место во циркусот… Да, пред дваесет и пет години имаше циркус овде. Можеш да ги видиш остатоците распарчени насекаде. Држевме место заради моите настапи. Со марионетите не одеше како што мислеше татко ти. И една ноќ таа дојде кај мене, ме молеше да го оставиме Марко и да почнеме наш бизнис во странство. Бевме многу блиски и интимни и за кратко време сфатив дека тоа е зло што не го сакав во нашата фамилија. Таа полека направи лудак од татко ти, цело време го понижуваше и ја избркав. Немаше веќе место за нејзините злобни амбиции. Прво го лажев татко ти дека си отишла. Глумев дека сум збунет и шокиран. Дури и ја барав со него. Не дознавме каде живее. Ти имаше две години.“
„И?“ Сега Неда го следеше исповедувањето на Симон со болка и волја да дознае сè друго. Со погледот застана некаде во далечината.
„Татко ти имаше триесет години кога почнавме да вежбаме. Веруваше дека ако ја совлада мојата вештина пак ќе ѝ го привлече вниманието. Му реков дека ќе го научам и беше многу посветен. Му беше тешко да постигне прецизност, но беше сè подобар и подобар исто како тебе. Сепак заслужуваше да слушне што се случи. Веќе беше подуен од завист поради моето познавање на вештината и Анастасија дотогаш му ја наполни главата со прикаски за успешниот брат. Трениравме, коментирав на секоја грешка, побесни и призна што мисли, дека јас сум замешан во бегањето на Анастасија. Му ја кажав вистината за да се извинам, морав… Татко ти зема два ножа, ги фрли и ми ги засече делтоидите на површината, баш под рамената. Ги засече за да ми остави трајна повреда и да не можам да настапувам веќе. Како да го изгубив гласот. Не можев ни да викнам… Бев врзан за метата. Тој ме ослободи, замина и веќе не се видовме се додека не ми се јави еден месец пред да почине. Марко се плашеше од тоа што го чека и мене ми се довери за да ти помогнам.“ Симон ги држеше рацете на страна. Гримасата на неговиот лик издаваше агонија и каење.
Неда ја спушти главата. Рамнодушноста, аверзијата и очајот ѝ го намамија погледот долу во раскинатите парчиња. „Оди! Оди си!“ Врисна и Симон едноставно тргна по нејзина волја. Сенката ѝ се тегнеше на неродната почва.
Дома, во една мала мрачна мансарда, Неда седеше со рацете потпрени на маса. Една чинија со јаболко и нож беше оставена во средината. Ѕидовите, масата, целото место како да се стеснуваше до загушувачки димензии. Сите нешта се спојуваа со јаболкото. Ова беше перспективата на Неда за миг. И сепак, длабоко во нејзината реминисценција ги прелистуваше зборовите на Симон и застануваше на: „Едно мало лизгање може да го чини партнерот живот но навременото испуштање од насилството прави уметност… од насилството прави уметност.“ Го зеде ножот и јаболкото и одеднаш го исече овошјето со жестоки замави. Доби мал нож, фигурина од јаболко, не беше идеална но беше нејзина. Нејзините прсти, нејзината работа се гледаа на целата фигурина. Тогаш донесе зеленчук и уште овошје на масата. Го испразни фрижидерот и сите кошници во станот. Почна да ги лупи и длаби со вродена леснотија. Уметничките дела имаа мани, но наскоро малите скулптури ја добија посакуваниот облик. Животни, цвеќиња, минијатурни овошја, велосипеди, чизми, ножеви, мети, секакви форми извираа од прецизните и брзи раце на Неда. Ден за ден таа се посвети на новиот, охрабрувачки стил. Месец по месец фигурините растеа по број и дизајн кои таа одлучи да ги изложи. Видеата од нејзиното автентично и брзо моделирање на храната беа споделувани и објавени на интернет. Луѓето ги купуваа нејзините дела и одеа на часови во малата плодоносна мансарда. Симон ѝ најде врски за да може да изведува пред камерите. Неда започна со свое шоу за обликување и украсување на храна. Замавите со ножот покажуваа една поинаква вештина. За првпат во животот можеше без мислење да рече дека веќе нема да биде фрлач на ножеви. Тоа беше сигурно. Ножот навистина беше најдоброто што го има. Желбата на Марко се исполни, но таа која ги водеше своите прсти издлаби непознат, просветлен пат. Среќата ја најде во навременото испуштање на нејзиниот природен стремеж. Насилството беше средство за да се склучи мир со вештината. „Нема ништо лошо во близина. Имаме очи за да гледаме напред.“ Тоа беа мисли на Неда.

АвторГорјан Милошевски
2018-08-21T17:20:50+00:00 февруари 23rd, 2013|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 88|