Неколку зборови за компаративната книжевност

/, Литература, Блесок бр. 28/Неколку зборови за компаративната книжевност

Неколку зборови за компаративната книжевност

II.
Овие потсетувања и ова мало несогласување со неколку доминантни текови на современата книжевна критика имаат цел да ни овозможат да го согледаме она кое би можело да биде конструкција на моделите на Компаративната книжевност.
Една од карактеристиките на четирите теми на истражување што јас ги окарактеризирав е тоа што тие ги третираат книжевностите поаѓајќи од границите на книжевностите, на идентитетите поаѓајќи од границите на идентитетите, на критичките тези – поаѓајќи од нивните (критички) граници. Границата се сфаќа како разграничување меѓу предметите, и како една лимитација или ограничување во логичка смисла. Лимитација затоа што ние не можеме да заокружиме ни една анализа на нашите книжевни предмети на истражување, која е при тоа, целосно свртена кон самата себе.
Оваа игра на границите на книжевностите, на културите и на критичките тези, не треба да се меша со она што се нарекува интерлитература, интеркултура, интеркритика. Практиките кои се сродни на ова „интер“ кореспондираат често со еден облик на критички синкретизам. Во голем број трудови, референците на Бахтин се сведуваат на безбројни цитати на зборовите интердискурс и интеркултура.
Во нашата конструкција која поаѓа од границите што веќе ги спомнавме, поаѓаме од извесна претпоставка за издржаноста на нашиот модел и се трудиме да пронајдеме соодветен контекст. Контекстот кој ќе му соодветствува на моделот е оној на границите на книжевностите, на културите и оној на рекомпонирањето на овие граници.
Компаративната книжевност ги исцртува во суштина когнитивните области кои имаат меѓусебни допирни точки (интерсекции) и кои, преку овие интерсекции, ја означуваат можноста за едно обострано, взаемно или заедничко сознание (mutual knowledge) за книжевноста. Ова заедничко сознание (знаење) е, сè на сè, когнитивниот (спознајниот) контекст кој дозволува да се имаат предвид симултано различни книжевности. Овој когнитивен контекст е подложен на ревизија до колку се проследи од една нова интерсекција на когнитивните области, таквите кои ги карактеризираат различните пристапи кон книжевностите, културите.
Конструкцијата на интерлитературните, интеркултурните и интерлингвистичките критички модели нема друга функција освен да ги одреди границите на нашите познавања, проникнувањата на нашите когнитивни или спознајни подрачја и да предложи фигура на општото знаење, која ни допушта да се вратиме повторно кон различните книжевности на специфичен начин. Валидноста на моделот е во самиот распон и домет на неговите примени, на неговите контекстуални ефекти; контекстот, тоа се во исто време различните книжевни и културни предмети, како и различните истражувачи.
Јас се наоѓам во ситуација да го напуштам поимот компарација/споредба. Претпочитам да кажам дека компаративната книжевност е метод кој конструира модели кои даваат најмногу контекстуални импликации, поаѓајќи дури и од границите на контекстите.
Може, значи, да се прецизира поимот взаемно знаење (mutual knowledge): знаење што го споделуваме; знаење кое прави да бидеме во состојба да ги споделуваме епистематски (парадигматски) контекстите; знаење кое ги препушта контекстите на нивните разлики.
Се разбира, ова заедничко знаење е константно подложно на ревизии, и тоа од две причини: првата која е веќе спомната – новите граници на предметите, нови совпаѓања (интерсекции) на спознајните (когнитивните) подрачја кои секогаш треба дабидат одбележани; втората причина ќе ја прецизирам сега: ова взаемно знаење не може да биде валидно/потврдено по мисловен пат. Ако преземеме такво потврдување тоа би нé вратило на лажните генерализации што веќе ги назначив. Ова взаемно знаење е, значи, спротивно на неговата сопствена проверка и на сопствената реформа. Предлагам, всушност, една мудра солуција за да станат валидни истражувањата на Компаративната книжевност. Не се работи само за тоа да се провери Компаративната книжевност преку еден позитивистички пристап, ни за тоа да се одбие, затоа што таа не може да им се врати на предметите на еден стриктен начин својствен на секое по-локално книжевно истражување. Се работи за тоа да се потврди преку нејзината моќ (на компаративната книжевност) да контекстуализира и преку најширока координација на книжевните студии што таа последователно ги имплицира.
За ова што пред малку го реков би дал една поширока формулација: да се придонесе секој критички модел да допушти да се читаат што поголем број книжевни контексти; да се овозможи различните контексти да конституираат едно преиспитување на взаемното знаење. Да се направи нашите критички модели, кои произлегуваат од ова движење, да ни овозможат, по пат на изведување, да отвориме нови контексти – што е можно пошироки.

АвторЖан Бесиер
2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 28|