Неколку зборови за компаративната книжевност

/, Литература, Блесок бр. 28/Неколку зборови за компаративната книжевност

Неколку зборови за компаративната книжевност

I.
Во она што го имам слушнато на различни средби на МАКК, ми се чини дека четири теми преовладуваат во студиите по компаративна книжевност:

– културните и книжевните идентитети и трансфери;
– синхроните читања на различни книжевни епохи, на различни јазични сфери (региони), на различни култури;
– книжевната и културната историја на различни региони;
– метакритиката
.

Ќе ја прецизирам позицијата на секоја од овие теми со цел да им ја одредам специфичноста.
(1) Кога се работи за културните и книжевните идентитети и трансфери, прашањето не е сомневање во идентитетите, туку едно распрашување за соодносот на идентитетите. По тој повод, вкрстувањето во дадена култура е само еден вид постоечки идентитет, а не непризнавање, како што обично се вели, на идентитетите. Книжевностите можат да бидат, така, репрезенти на релациите на идентитетот. Вкрстувањето се појавува како нешто кое ги носи во себе и ги илустрира во себе релациите на идентитетот.
(2) Што се однесува до синхроните читања на различни книжевни епохи, на различни јазични сфери, на различни култури, прашањето не е толку да се пристигне до некои заклучоци кои ќе имаат позитивен или емпириски карактер, туку да се создадат категории кои ќе овозможат едно заедничко читање на тие периоди, на тие култури. Се елаборираат виртуелни модели кои се средства на ова заедничко читање.
(3) Што се однесува до книжевната и културната историја на различни региони, овде се поставува прашањето и потребата да се надминат реските национални поделби на региони со цел да се разберат книжевните истории како истории на регионалните заедници. Овие регионални заедници управуваат со дизајнот на новите критички, културни и социолошки парадигми. Овие книжевни истории се неопходни затоа што стварноста и нашата перцепција на регионите се менуваат. Една компаративна книжевна историја е најдобар вовед во едно навистина актуелно книжевно промислување на овие региони.
(4) Што се однесува до метакритиката, познато е, нашата епоха повеќе не е суштествено наклонета да го развива срцето на книжевната теорија. Тоа не подразбира дека треба да се напушти било каква метакритика. Прашањето е двојно. Постои ли теорија која е навистина трансверзала на различните книжевности? Возможно ли е да се води сметка, во рамки на една иста теорија, и за книжевниот артефакт, и за признавањето на книжевниот артефакт? Знаеме дека овие две прашања го надминуваат полето на современата естетика. Естетиката не нуди јасни одговори. Ние можеме да видиме кои се одговорите на овие две прашања во различни култури и книжевности, за да го исцртаме општото знаење (common knowledge) што ни го даваат тие две прашања: знаење кое ни допушта да ги разгледаме различните одговори на овие прашања.

Она што штотуку го кажав наметнува една првична констатација. Ние конструираме трансверзални, културни, историски и метакритички модели на книжевноста, на книжевностите. Знаеме дека овие модели се подложни на ревизија во онаа мера во којашто тие треба да ни дозволат да преминеме од една во друга разлика. Да се разгледа разликата како таква нема смисла. Тоа би било како таа да се третира надвор од било каква ко-релација и, последователно, да се разурне констатацијата за самата разлика. Така, има ли нешто потешко од тоа да се моделира книжевноста на патувањето (патеписната книжевност), освен ако не се редуцира нејзината карактеризација на една тавтологија: патеписната книжевност е книжевност(а) која зборува за патувањето и за баналностите на дискурсот за средбата со другиот. И покрај тоа, возможно е да се избегне оваа баналност. Би можела да се избегне оваа тавтологија и оваа баналност, но само ако ја сфатиме патеписната книжевност како претставување на меѓусебното знаење што патниците треба да го стекнат од нивната средба со другиот.
Ако се движиме во оваа насока што ви ја предлагам, ќе се избегнат три лажни воопштувања (генерализации), кои се вообичаени денес и за коишто ќе ви посочам три примери:

1. Конструкцијата на критичкиот модел и размислувањето за моделот, кога се употребуваат за нивни сопствени цели, стануваат мисловно движење кое во крајна линија се означува единствено самото себе. Ова се илустрира со сите деконструктивистички тези. Овие тези искажуваат една генерализација само преку бесконечноста на нивната сопствена демонстрација;

2. Конструкцијата на еден критички модел може да доведе до реификација (опредметување) на тој модел. Би требало да се цитираат критичките модели кои ги воведуваат поимите власт и алиенација (отуѓување) и кои водат кон реификација на овие поими. Во оваа перспектива, би можеле да се наведат повеќе примери. Јас ќе извлечам и ќе посочам само еден од нив. Идентификацијата на модернитетот со самата моќ на разумот прави од нас наследници и когнитивни робови на 18 век. Се работи за една реификација која го отежнува промислувањето на когнитивната, естетската и книжевната рационалност денес. Една таква критика на рационалноста, кога оваа станува поткрепа на книжевната критика е, всушност, уште една лажна генерализација.

3. Тешко е да се негира интересот и важноста на книжевните формализми, на пристапот на книжевноста пер се. Но треба да се подвлече дека овие формализми, во онаа мера во којашто тие се реифицирани, водат било кон позитивизам – она што јас го нарекувам, на пример, позитивизам на книжевната наратологија –, било кон субјективизам – штом еднаш ќе се постават формалните согледби, книжевноста се проучува субјективно. Жерар Женет е добра илустрација на ова двојно движење, кое завршува во еден безизлез/ќорсокак на субјективизмот. Оваа реификација и овој парадокс на еден пристап пер се, на книжевноста, има свое потекло: потешкотиите да се промислува книжевноста тогаш кога ќе се направи некоја едноставна констатација: ние повеќе не пишуваме, ние повеќе не читаме, повеќе не ја истражуваме книжевноста внатре во фиксираните традиции и хомогени дадености. Треба да се одлучиме за тоа што е книжевен предмет и за начинот на којшто го читаме. Реификацијата и лажната генерализација се последици на фактот што оваа противречност на формалистичката книжевна критика и нејзините причини не се доволно испитани.

АвторЖан Бесиер
2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 28|