Нева Лукиќ – Поезија

/, Литература, Блесок бр. 118/Нева Лукиќ – Поезија

Нева Лукиќ – Поезија

МОЖНОСТИ
ПРЕМИН
ДУХОВИ
УМИРАЊЕ ВО ПУСТИНА
СВЕТЛИНА


УМИРАЊЕ ВО ПУСТИНА

Ја носам Убавината на грб.
Убавината е тешка, грбава старица,
безгранична бабушка,
последната честичка потешка од
празнината на самиот космос.
Во твоите прсти таа се претвора
во лесни зрна пржена леблебија;
низ твоите прсти таа пропаѓа
по дрвените тела на бабушките,
по круговите што ги вртат девојките
на своите тенки половини.
Зрната леблебија, такви лесни
пропаѓаат низ тунелот празнина
помеѓу ѕидовите
во кои имало лифт
од различни приказни што водел
од една до друга приказна
од вториот па до третиот кат…,
и кога лифтот конечно исчезна
сфативме дека сето тоа е
само една приказна
долга и далечна
што води сѐ до азурниот прстен
на една старица од чија стаклена чаша
дамна потекле морници;
па одејќи со Убавината,
со тешката старица на грб,
ги истурив по твоите прсти
и пржените зрна те одведоа
сѐ до филмските сетови
на кои моето тело
се преобрази во тешка,
азурна, неподвижна планина;
во сета тежина на убавината на светот
која вечно на небо го фаќа здивот
па без престан се гуши во земјата,
а од утробата ѝ капе крв,
езерото на чија површина
се дават зрната леблебија;
и тече крвта тече и тече
оти таа тече само кога ќе се
спојат вените.

АвторНева Лукиќ
ПреводЃоко Здравески
2019-01-15T12:13:02+00:00 март 27th, 2018|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 118|