Небесни птици (извадок)

/, Литература, Блесок бр. 24/Небесни птици (извадок)

Небесни птици (извадок)

* * *

Тогаш за последен пат ја видов Тофана.
Утредента го замолив духовниот учител Сорин, во добри врски со лекарот од индиската амбасада, да се зафати за визата на Тофана. Сорин отиде, зборуваше, дозна. Му рекоа дека именуваната Тофана Мелидон пред долго време оставила барање за виза и оттогаш не се појавила; не дошла во договореното време за да одговори на прашалникот за емигрирање, а тие не можат да ѝ испратат виза по пошта… ним им се чини дека барателот не покажал реални намери да се пресели во Индија.
И дека, слично како многу други Романци, Тофана им изгледала дефетистички и раздразнето сменувајќи ги едно по друго одбивањето и импулсивноста. Им изгледала како човек што не знае да си работи во сопствена корист, како човек што си ја блокира енергијата што не можеше да ја троши на гнев, во некоја чудна тромавост. Толку дозна Сорин од лекарот во амбасадата.
Потоа следуваше национална конференција на која Вода рече дека емигрантите се „рачки од секира“ и дека треба да го стегнеме шрафот. Границите се затвораат херметички.
Сакав да ѝ кажам на Тофана веднаш да појде во индиската амбасада, кај што има отворени врати и разбирање. Ја барав насекаде. Камбанаријата беше празна. Никој не знаеше каде е. Само уште некој станар од зградата отспротива си спомнуваше за неа.

* * *

Една ноемвриска ноќ Тофана ми се јави по телефон. Ладно и влажно време. По полноќ. Телефонот како да ѕвонеше од некој друг свет.
Ми вели дека ѝ е роденден. Дека е со Мехмед. Дека биле во ресторан и сега скитаат по улици. И дека ќе го остави на самото место ако земам такси и дојдам таму веднаш!
Вели дека ѝ студи. Дека нозете ѝ се смрзнале. Дека ѝ влегува вода во чевлите. Дека од камбанаријата се преселила во некоја гаража. Дека ѝ тропаат забите од студ.
Вели: „Стојам до еден студен и влажен ѕид, покрај еден јавен телефон на улица и слушалката е метална и студена како мраз, а Мехмед ме задева со прашања: „Кого будиш од спиење во ова време?“ а јас не знам колку е часот, како да е денес, како да е утре.
И го честитам роденденот, ѝ велам дека амбасадорот на Индија ја очекува во вторник во 11 часот. И пожелувам среќа.
– Дојди под итно, вели, те молам дојди, веднаш ќе го оставам Мехмед. На плоштадот Росети сум, студи, кај Плафар сум, дојди. Би се напила алкохол, ама сите крчми се затворени. Дојди да ти раскажам во кој стадиум се моите настојувања со емигрирањето, мислам дека најпосле и јас ќе заминам, со Божји благослов. Имам сериозни ветувања од Египет. Ужасно врне. Роденден ми е. Господе, колку тажен ден. Мехмед ме трга за ракавот како слон. Дојди и веднаш ќе го оставам. Те молам, те молам.
И велам дека нема да дојдам.
А Мехмед ја трга за ракав како слон. И таа вреска во слушалката:
– Ми студи и имам 27 години!
– Уште еднаш сè најубаво, Тофана!
Чекам прва да ја спушти слушалката.

Тоа беше нашиот последен разговор. Долго време ја замислував во тоа издание од таа ноќ. Како стои покрај некој студен ѕид, наврната, тресејќи се од студ. Потоа ми текнува како јадеше јаболка. Како се прекрстуваше до папок. Како фрла од жичарница човек. Како гледа нерешително во хоризонтот. Свиткана, се тресе од студ, а чевлите ѝ се скинати и ѝ пливаат во вода. И готова е да полета, со рацете подадени во далечината. Си ја замислувам како шлапка со распаднатите чевли по баричките. А покрај неа, некојси Мехмед што ја влече како слон. Од којшто можеби ќе започне нејзината нова украсна иницијација: нејзиното ново менување на верата; или можеби само уште една гозба во ресторанот Нанг Јинг. Некојси Мехмед кој можеби е нова мистична перспектива, или пак нова слика на нејзиниот неуспех.
Го истуткав листот на којшто бев запишал: „Сите што сакаат да ја запознаат Божјата волја првин треба да се откажат од својата“.
Помина есента. Зазими. Денес паѓа снег. Ја чекам Тофана да ми се јави, да ѝ кажам дека ја чекаат во амбасадата на Индија. Но од Тофана ни глас ни трага. Два месеца, ништо.
Блага зима. Мојата ќеркичка Дана се залепува до мене, вели: „Тате, зимата ми е другарче, мразот ми е другарче, снегот ми е другарче“. Потоа следуваа денови полни со лапавица, конгреси, весници со дополнителни страници. Постојано дополнителни страници. Ни трага ни глас од Тофана.

АвторВасиле Андру
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 24|