Небесни птици (извадок)

/, Литература, Блесок бр. 24/Небесни птици (извадок)

Небесни птици (извадок)

21. Синџир од сведоци

Во метрото се собрал свет, викот.
Двајца милиционери се обидуваат да онеспособат еден граѓанин. Се појавуваат уште двајца милиционери. Го зграпчуваат, го удираат, го влечат. Човекот се брани, вика, гласот му се губи.
Се фаќа со двете раце за металната прачка на оградата. Удира со тупаница во металната прачка, веројатно за да го сврти вниманието на луѓето, да побара поткрепа.
Изгубен, зашеметен, преплашен, човекот без спас е сиот во паника. Накострешена коса на вечните жртвувани јагниња. Распукани усни.
Милиционерите го тргаат од потпирачот, го влечат кон крајот на горниот премин. Ги снемува.
Тофана прашува:
– Кај ли го однесоа? Му го виде лицето цело во ужас?
– Да. Одам да видам што се случува.
– Оди побрзо, помогни му, не оставај го сам кутриот човек. Барем да знае дека има еден сведок.
Ја прашувам железничарката што се случило. Ми одговара дека лицето го нарушило мирот и редот во подземната железница и дека не знае повеќе од тоа.
– Кај го однесоа?
– Во милиционерската станица на метрото, на крајот од ходникот.
Тргнувам. Железничарката, солидарна со луѓето на законот, вели:
– Не мешајте се! Гледајте си ја работата. Опасно е да се замешате.
Ја пронаоѓам Милицијата на метрото. Подземна. Не сум некој херој, па според тоа влегувам внатре со стегнато срце. Мрак, камен. Типично за собите на теророт. Светилка од 40 вати, врата. Дежурниот офицер ми го препречува патот. Му ја покажувам легитимацијата на која пишува:„Печат“. Си мислам: само во филмовите со Германци сум видел вакви бункери.
Енергично велам, за да го надвладеам стравот:
– Печат!
– Што сакате? Кажи, другар, што сакаш!
– Пред неколку минути лишивте од слобода еден човек. Сакам да знам што се случува.
– Овој случај не треба да го интересира печатот.
– Ги знам надлежностите на печатот. Немојте, ве молам, мене да ми кажувате кои се надлежностите на печатот, десет години работам во печатот.
– Бегај, другар, немам време за губење!
– Но, ве молам…
– Бегај ако не сакаш да настрадаш!
Срцето ми бие. Нормално, не сум некојси витез. Мојата легитимација не ги плаши овие луѓе. Не ги убедува ни мојот изглед. Напротив. Тоа што имам брада во нивните очи е знак дека сум или од поповите или од неконформистите. За нив влакнестиот „украс“ значи или клер или бунтовник.
Па дури и за широките маси тоа значи: само што масите ги одобруваат овие две категории. Еднаш во автобус еден непознат господин одвај чујно ми рече: „Знаеш што симболизираат за мене многумината млади интелектуаци што пуштаат брада? Национална жалост!“
Според тоа, изразот на лицето уште веднаш ме прави сомнителен пред милиционерите.
Се појави уште еден милиционер. Ја зеде легитимацијата, ја разгледа од сите страни.
Им обрнувам внимание на точно напишаното црно на бело:
„Сопственикот на оваа легитимација ги ужива сите законски права и можности пред партиските и државните органи“. Енергично повторувам: „партиски и државни“, мистични зборови на нашето време, тајната на подредувањето и на сеопштото заглупување.
Партијата и државата, тоа страшило прогласено за свето е единствената моја помош во темницата на милиционерската станица на метрото. Велам:
– Ве молам да го повикате шефот на станицата.
Одбива. Вели:
– Покажете ми полномошно дека имате задача да го испитате овој случај.
Како не! Потпишано полномошно за случај од пред три минути!
Мирно велам:
– Мојата легитимација е повредна од три полномошна. Прочитавте дека пишува оти ја уживам помошта и поддршката на органите… А јас не дојдов да го испитам случајот туку само да го спречам физичкото малтретирање на уапсениот.
За тоа време слушам силни удари со тупаница во соседната просторија во лавиринтот. Ме полазуваат морници.
Се слушаат чекори. Се појавува еден бавен мајор.
Се претставувам, му ја пикам под нос легитимацијата. Му ја покажувам волшебната формула: „партијата и државата“.
Вели:
– Ве молам веднаш да заминете. Кој ви дал право да влезете овде? Никому не му е дозволено! Го прегазивте законот!
Велам:
– Од печатот сум, а вие го повредувате законот што не го ни знаете. Не си одам одовде сè дури не му дозволите на Печатот да констатира што се случува со граѓанинот лишен од слобода. Ако е виновен за нешто, можете да го дадете на суд. Но не треба да го малтретирате, да го сакатите.
– Ние никого ни малтретираме ниту пак лишуваме од слобода. Само задржуваме поради испитување. Ве молам веднаш да ја напуштите станицава.
– Кажете ми го вашето име и името на задржаното лице.
Ми ја пцуе мајката. Се разбеснувам и му велам:
– За ова ќе ја известам дирекцијата на Печатот. До гледање.
Само што не сум заминал.
Од непопустлив се претвора во попустлив. Веројатно си помисли дека сепак… дека можеби се крие некој друг зад мене… а јас сум само врв од синџирот… а не се знае колку е долг синџирот зад грбот на еден човек што се дрзнал да влезе во овие м(р)ачилишта. Па вели:
– Чекајте да ви објаснам.
Ми дава формални објаснувања. Вели дека граѓанинот е провокатор, дека го нарушил редот и мирот и дека агитира, што е прекршок и се чини дека е под влијание на алкохолот, но ние ќе ги испитаме сите овие поединости.
Шефот на станицата знае дека ќе дојде ден кога ќе треба да излезе од подземјето. Офицер е, има скали за искачување.
– Сакам да видам во каква состојба се наоѓа лишениот од слобода.
– Толку! Си земате премногу права. До гледање!
На перонот Тофана ме чека пребледена.
Се израдува кога ме виде. Возот само што беше заминал, носејќи го со себе човештвото и постојката изгледаше огромна. Забележав дека еден во цивилно ме следи, без да го крие тоа.
Тофана прашува:
– Те виде ли човекот што го фатија?
– Не, не ми дозволија.
– Ќе беше добро за него да те видеше. Да знаеше дека некој го видел во ситуацијата. Да знаеше дека не е сам. Дека не им е препуштен тукутака на ѕверовите. Тоа е она најстрашното: што овие те изолираат од каков било поглед, само и само да немаш сведоци. Не е најстрашно што те измачуваат, туку што те мачат во целосна изолираност од светот.
– Да, те изолираат. Ти ги закопуваат и телото и делата. Ако некоја жртва е убиена пред очите на сите, смртта е како дар. Свештеникот Попиелуско имаше корисно потомство, не можеа да му го одземат и името!
Да, модерната епоха не ги распнува повеќе жртвите пред очите на сите. Тоа е префинетоста на злосторството: да му ја одземеш на жртвата титулата речовит сведок. На тој начин модерната епоха ја обвиткува старата крволочност во нов цинизам.
– Добро е барем што милиционерите знаат дека постои сведок што не ги испушта од поглед, вели Тофана. Си мислев, продолжува Тофана, дека еден ден истото може и мене да ми се случи… да ме фатат, а да бидам сама, без сведок… да ме турнат во некој подземен ходник на метрото, во некое подземје… во оние нивни лавиринти… во некој затвор, а никој да не знае кај сум. Од тоа ми е најмногу страв. Цело време се плашам од тоа. Колку би сакала да куртулам од овде! Да се спасам. Да заминам. Да заминам.
Се расплака и не можеше да престане.

АвторВасиле Андру
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 24|