Нарцизмот и (само)задоволството во текстот

/, Литература, Блесок бр. 19/Нарцизмот и (само)задоволството во текстот

Нарцизмот и (само)задоволството во текстот

Аспектот на оваа тема го пронајдов во секогаш инспиративниот гениј на Аристотел, во текстот без кој не може да се замисли теоријата на литературата. Уште Аристотел во Поетиката ја отвора можноста за читањето на текстот низ клучот на еротското, па идејата за текстот набљудуван како тело, иако придобивка, пред сè, на теориската мисла на нашето време, ја наоѓаме иницирана во овој капитален текст на нашата цивилизација кон кој секогаш ќе се навраќаме како кон антиципирачко јадро за многу теориски идеи.
Аспектот од кој поаѓам е поместен во IV глава на Поетиката во делот од текстот каде ги читаме, четирите важни поѓалишни точки за мојата натамошна елаборација на темата:

„… подражавањето им е вродено на луѓето уште од детската возраст; по тоа тие и се разликуваат од другите живи суштества што се најмногу склони кон подражавање што своите први знаења ги постигнуваат преку подражавањето и што (1) сите луѓе уживаат во подражавањето. Доказ за тоа е она што се случува при гледањето уметнички дела: зашто и оние предмети и суштества што ги гледаме со гадење кога се во природна состојба, како на пример, (2) облиците на најгрдите животни и мртовци, нивните слики, кога тие се предадени сосем верно, ги гледаме со задоволство. Причината и за ова лежи во тоа што (3) сознавањето им е пријатно не само на философите ами и на други луѓе, само што овие (за) кратко време учествуваат во тоа (уживање). Луѓето, пак, затоа ги гледаат сликите со задоволство, зашто со гледањето почнуваат да сознаваат и да размислуваат, што претставува секое нешто, како да се потсетуваат: „па тоа е оној“, бидејќи (4) ако случајно го нема пред тоа видено, делото нема да предизвика задоволство како подражавање, ами само поради вештата изработка, или поради бојата или поради некоја друга таква причина.“1F

1. Ставот: сите луѓе уживаат во подражавањето со глаголот (уживаат) е вистинската дистинкција на вродениот нагон кој го поседуваат сите живи суштества и кои се интегрираат во светот на возрасните од својот род, токму со имитацијата. Тоа значи дека мимезисот со чија помош уметноста ја ре-креира природата, исто така, е нагон. Но, овој нагон не е универзален, него го чувствуваат, со него се обдарени само мал број луѓе. Значи, освен квантитавниот критериум релевантен за учењето на животот, во овој случај можеме да го вклучиме и квалитативниот, селективниот, бидејќи нагонот да се прави уметност е дистинктивен во рамките на човечкиот род кого, пак, како споредлив со божественосата на Креаторот на природата можеме уште повеќе да го извишиме во хиерархијата на суштествата, воопшто. Дали, притоа смееме да направиме и обратна споредба, поаѓајќи од својата, христијанска култура, со заклучокот дека етичкиот коментар на старозаветниот Бог, по секој од деновите во кои е создаден еден од деловите на Универзумот (И виде дека е добро), зборува за истото уживање во креирањето на уметноста? (Секако треба да ја имаме предвид и тезата на делот од толкувачите на Аристотел кои уживањето во уметноста небаре го лоцираат во аспектот на рецепцијата).

2. Ставот: облиците на најгрдите животни и мртовци, нивните слики, кога тие се предадени сосем верно, ги гледаме со задоволство прави разлика меѓу естеткиот чин и неговиот предмет и ја зародува идејата на наследниците на Аристотел за разубавување на природната грдост со уметноста.

3. Ставот: сознавањето е пријатно го воведува естетски нерелевантниот, но постоечки факт дека уметноста има и други функции кои при рецепцијата не можат да се игнорираат.

4. Ставот: делото нема да предизвика задоволство како подражавање, ами само поради вештата изработка, или поради бојата или поради некоја друга таква причина, според мене кореспондира и со ставот од Реториката (141 б10) дека со задоволство резултира и препознавањето, на пример, на метафората и на споредбата (задоволство поради компетенција, поради влегување во кодот), но овој став уште повеќе ја потенцира дистинкцијата, интерното раслојување, хиерархизацијата на оние кои ја консумираат уметноста.

При преводот на Поетиката на македонски јазик Михајло Петрушевски ги одбрал лексемите задоволство, пријатно за да ги изрази ефектите од имитацијата и од мимезисот; и при споредба со другите преводи забележуваме дека сите преведувачите се решаваат за лексеми кои можеме да ги прочитаме како еротски алузивни – поради прирадата на јазикот, но, очигледно и поради импутација на значењето што ја прави фантазијата на читателот.
Ако внимателно ги разгледаме ставовите на Аристотел ќе забележиме дека и при имитацијата на постапките со кои се интегрираме во светот на својот биолошки род и при мимезисот во уметноста реагираме со задоволство при препознавањето. Но, ако препознавањето е универзален услов за задоволство, тоа самото е условено од степенот на знаењата за светот и за уметноста.
Задоволството од препознавањето на природата/светот е поуниверзално; за неговото реализирање е доволно општочовечкото искуство на живеењето кое, од друга страна, не е универзално, туку, мошне индивидуално и определено од културно-историскиот контекст. Истиот принцип – задоволство од препознавањето, овојпат на матрицата на текстот, препознавање на метатекстот, препознавање на белезите на жанрот на кој му припаѓа текстот функционира и во литературата. Можеме да тврдиме, и покрај опасноста од симплификација, дека реалистичниот код во наративната литература е најпрепознатлив за просечниот рецепиент, и дека секое исчекорување на текстот од реалистичкиот код, другите не-раскажувачки жанрови, текстот-лирика – бараат знаење плус, бараат инакви знаења, бараат инакви компетенции на читателот.
Во таа смисла ја изведуваме сличноста на еротиката и на читањето по линијата на врската меѓу сетилата и умот. „Еротиката е секогаш сознаен чин“ рече Јан Кот во својот луциден есеј за еротиката продолжувајќи: „Во тоа еротско сознание телото се подложува на секција, а сетилата заемно се верифицираат. Погледот како да станува снабден со некои функции на допирот, а допирот со некои функции на погледот. Еротиката е постојано повикување од погледот на допирот, и од допирот на погледот. Небаре постоењето на еротскиот партнер постојано се става под прашање и постојано бара докази.“2F
Во овој исказ на Кот ја препознаваме и идејата на Аристотел пријатноста на сознавањето, но за нас би требало да биде уште поважно тоа што Кот ја „пренесува“ синестезијата од сферата на литературата во сферата на плотното.
Еротиката и читањето се комуникациски акти, обата специфични во однос на вербалното комуницирање во кое секој соговорник функционира корективно во однос на другиот, реагира на исказот на другиот. Во еротиката вербалната двонасочна комуникација е редуцирана, рудиментирана и неартикулирана, ономатопејска но – таа постои! Во комуникацискиот двосложен акт: автор – текст, текст – читател, комуникацијата не е активно двонасочна. Пишувањето и читањето како составни делови на овој комуникациски акт можеме да ги споредиме со репродуктивниот сексуален чин (кој не мора нужно да го елиминира задоволството, но кој многу често е мачна реализација на нагонот, односно, во литературата: на дарбата со која е „оптоварен“ талентираниот) и со еротиката која нужно го подразбира задоволството (откако, според афинитетот, ќе се одбере соодветниот соговорник во желбата).
Односот автор – текст комуниицра со исказот на Кот за еротиката:
„Партнерот вистински не постои, тој е креиран, тој е материјализирана еротска фантазија. Како во онанирањето. Тој се создава низ сопственото сексуално его. Но еротската фантазија никогаш не создава потполна ситуација ниту потполна личност. Еротскиот партнер од мечтите и од посакувањата е создаден или е даден само во фрагменти. Како скршена статуа чиишто делови ги наоѓаме или ги гледаме еден по друг. Тоа се одделни предмети: торзото, рацете, нозете, главата, стомакот.“3F
Правењето текст (аспект на авторот) е и заведување, и мимикрија и травестизам, игра чиј господар е писателот и кој раѓајќи го текстот се убива себеси воскреснувајќи во нараторот или во лирскиот субјект кој не смее да личи на него. Игра на криенка. Мижитатара во која нарцизмот на авторот само се преслекува, да, многу често и во облеката на спротивниот пол. Мимикрија за сопственото тело и за сопственото битие, за егото кое навидум затскриено во парчињата (торзото, рацете, нозете, главата, стомакот, рече Кот) се удира в гради велејќи дека е господар на целото.
Оваа претходна игра, во некое друго време и простор, но со страотна илузија за синхроничност како воајер ја гледа читателот. При читањето улогата на сетилата во однос на пишувањето се превртуваат: „грубата“ тактилност на пишувањето, насилството врз текстот, врз белината (на хартијата, на екранот), се компенизира со нежната тактилност на галењето на хартијата и со потенцирањето на сетилото на видот, при читањето. Во двата дела од овој комуникациски акт со текстот неопходен е – умот. Во него се создава восхитувачката хемија на проблесокот на имагинацијата која ја придвижува раката/рацете во физичката манифестација на духовното при пишувањето. Во него слична хемија ја придвижува фантазијата која раѓајќи трпки физички се верифицира низ повратната реакција на сетилата на читателот.
Несигурноста во „разбирањето“ на пораката е заедничката сема на еротскиот однос и на читањето Онака како што еротските партнери никогаш со сигурност не можат да знаат колку го разбрале и колку се разбрани од другиот, така и текстот со своите значења по површината е вистинска загатка со поливалентноста на смислата. Да, постојат клучови за разгатнувања, но сетете се колку беше во право Вуди Ален кој иронизирајќи со тапата самобендисаност на ликот-интелектуалец што самоуверено го интерпретира Мек Луан во неговиот филм го негира со тоа што лично ќе го поттикне вистинскиот Мек Луан да му каже в лице дека разбирањето на неговите тези од страната на тој самоуверен универзитетски предавач – не е точно!
Со својата потенцијална можност да реализира едно од многуте тела за писателот и со својата фиксираност за читателот текстот навистина ја исполнува функцијата на секси-кукла која творецот ја дефинирал, но која купувачот-љубовникот-читателот потоа ја трансформира според својата фантазија и своите знаења. И убавината во освојувањето на текстот се состои во тоа што при читањето е применлива онаа мисла на Кот за љубовта: „Партнерот повторно бега. Не дозволува трајно да се сведе до тело. Во тоа, веројатно, се состои поразот на секоја страст, а можеби и постојаната загуба кога е во прашање појавата наречена љубов.“4F
И во читањето станува збор за љубов. За огромна енергија во љубовта со која само во умот, за миг ќе се состави целото тело, а потоа со бескрајна нежност ќе се нурнува, ќе се длаби во слоевите на текстот. Со истиот занес текстот се испишува, се всадува во белината на ништото поради што – како во огледало се здогледуваат авторот и читателот – во истото самозадоволство. Самозадоволувачко и доволно им е сознанието дека знаат за себе, и дозволуваат да ги заведе мислата дека го освоиле текстот.
Но, тоа не е можно.
Затоа што текстот е недофатен. Без оглед на полот на авторот и на читателот, без оглед на мимикријата на нараторот и на лирскиот субјект поради односот на авторот и на читателот кон него, во истата љубов и во истата желба да го освојат и да го поседуваат, се соочуваат со неговите понорни длабочини, поради што не може да се освои…
Затоа што родот на текстот, всушност, е женски.
Текстот е таа.

#b

1. Глава 4, За поетиката. Скопје 1979, стр. 22-23.
2. Jan Kot: Kavez traži pticu. Niš 1983, стр. 19
3. Jan Kot: Kavez traži pticu. Niš 1983, стр. 16
4. Jan Kot: Kavez traži pticu. Niš 1983, стр. 20

2018-08-21T17:21:58+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 19|