Мрачно патување низ ноќта

/, Литература, Блесок бр. 61-62/Мрачно патување низ ноќта

Мрачно патување низ ноќта

(Спиј пред вечерта од Магдалена Бол)

#1 Спиј пред вечерта на Магдалена Бол следи една година од животот на седумнаесетгодишната Маријана, талентирана пијанистка и одлична ученичка. Пред неа стои сјајна иднина со целосна стипендија за Универзитетот Њујорк како прв чекор понатаму. Но, тогаш животот ги покажува роговите: нејзиниот сакан дедо умира, а непредвидливите манијакални расположенија на мајка ѝ ја прават да се чувствува изгубено и предадено. Барајќи излез на непознатите улици од западната страна на Менхетен, го среќава дваесетинештогодишниот шармантен Мајлс кој ќе ѝ понуди утеха и сладок заборав.
И така започнува мрачното патување на девојката низ ноќта додека ги прави првите чекори по надолната спирала на зависноста од дрога. Иако читателот сигурно ќе посака да го сврти погледот (како што тоа го сторив и јас), Бол не прави така. Таа го прикажува секој детаљ со живи бои и со тенко, сигурно четче. Ја следиме Маријана како што таа дипломира од марихуана до хероин и стигнува до игла. Ја следиме во чекор додека по своја волја ползи кон незамисливите места до кои одат само најголемите зависници. Гледаме како животот предвидливо ѝ се одвиткува, а Бол кај нас создава чувство на интимност со Маријана, а не само за неа.
Магдалена Бол ја покажува својата умешност за музикалноста на јазикот и многу сцени се натопени со живописни слики. Иако раните сцени со Мајлс изгледаат како да следат приказна за некоја романса, понатаму погодив дека Бол ја раскажува приказната секогаш и точно од гледната точка на Маријана, а нејзиното искуство за светот, пред нејзиниот скок во неговата темна страна, е невино, видено низ очите на една млада романтичарка, па пишувањето го одразува нејзиниот премин од дете кон возрасен.
Како што драмата сè повеќе се затегнува, овој квалитет на пишувањето го задржува читателот врзан за себе. Како што Маријана се бори со своите демони, а нам ни запира здивот додека ѝ се ближи осумнаесеттиот роденден, Спиј пред вечерта на Магдалена Бол ни покажува дека за да се најдеме себеси, секогаш прво мораме да се изгубиме.

(Објавено во Roses & Thorns, 3 август 2007 година.)

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторКети Бирибауер
2018-08-21T17:21:10+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 61-62|