Моj дел среќа

Моj дел среќа

(извадок од романот)

1.

Џорџ внимателно погледна во огласот за работа.
„Заработи екстра пари. Разнесување весници. Флексибилно работно време, лесна тура“.
Можеби би можел да го работи тоа. Кога би можел да заработи четири фунти на час, тоа не би била лоша заработувачка. Очите му шараа по останатите огласи што висеа на излогот од Колинс. „Детски велосипед, 15 фунти. Прекривка за кревет одвај употребувана. Невестински фустани, комплет од три. Несакана венчавка. Изгубен црно-бел териер. Се одѕива на ‘Бој’. Потребни му се лекови“.
Влезната врата од продавницата се отвори. Една жена во избелено кафеаво палто помина покрај Џорџ, со наведната глава наспроти ветрот што дуваше низ улицата Корпорејшн.
„Ден“.
Жената го крена погледот, но не се насмевна.
„Уште си тука?“
„Така некако“.
Ја наведна главата. Продолжи.
Џорџ повторно се сврти кон излогот, па погледна во часовникот. Уште дваесет минути и би требалo да биде кај Енди. Ја крена јаката, гледајќи го својот одраз во валканото стакло. Никогаш не бил добар во интервјуата за работа. Ламариненото ѕвонче два пати се огласи кога влезе во продавницата.
Еден маж стоеше зад рафтот со чоколади и со слатки во сјајни бои. Погледна во Џорџ кој му се приближуваше. Џорџ го знаеше човекот по име, но никогаш порано не бил во продавницата.
„Колинс, нели?“
„Да, точно пријателe. Може да Ви помогнам?“
„Се распрашувам за работата“.
„Која работа?“
„Онаа, огласена во излогот“.
„Разнесувач на весници?“ . Човекот сомнително погледна во Џорџ. „Не сте ли малку стар за тоа?“ Го среќаваше Џорџ овде-онде, но немаше поим кој е.
„Ништо не пишува за возраст“.
„Знам. Но очекував… некој помлад. Можеби ученик“.
Џорџ си ја исправи црната вратоврска. Чувствуваше дека го прави Колинс нервозен. Продавачот на весници го преместуваше купот списанија на рафтот.
„Тука стои веќе три недели“.
Колинс престана да ги прередува весниците и ги пререди изложените чоколади. Сигурен беше дека еден од муштериите му ја има кажано приказната за човекот што беше пред него. Тоа беше чудна приказна што го вознемири, а сега не можеше да се сети што беше.
„И?“
„Не можете да најдете никој, а јас сакам да го правам тоа“.
„Да разнесувате весници?“ Колинс испушти едно Марс чоколадо зад рафтот. Брзо се наведна да го побара, но кога повторно се исправи Џорџ беше наведнат преку рафтот, многу блиску до неговиот нос.
„Освен ако немате нешто друго?“
„Не, тоа е сè. Единствена работа што остана“. Се оддалечи од рафтот продолжувајќи да зборува. „Весниците ги носат во четврток наутро. Се разнесуваат по Енбанкмент, неколку во Клоуз и во повеќето станови во Гарденс. Познато Ви е?“
Џорџ кимна со главата.
„Вкупно околу деветнаесет куќи, ќе Ви треба околу…“
„Три часа“.
„Да, приближно“.
„А платата?“
„Десет фунти“.
„Петнаесет?“
„Не можам толку. Тоа е тарифата“.
„Секако дека можете“.
Колинс зјапаше во Џорџ. Црните очи што брзо се движеа гледаа во него и се смешкаа. За што се работи? „Дванаесет, во готово?“ Колинс посегна по весниците.
„Добро, значи четврток попладне“. Преку усните на Џорџ прелета лесна насмевка. Се заврти да си замине.
„Еј, како се викате?“
„Џорџ“.
„Добро. Тогаш да Ве очекувам околу два часот?“
Џорџ погледа кон продавачот на весници. Колинс повторно се заврти кон редовите цигари што висеа над него.
„Уште нешто. Ќе доведам и еден пријател. Малку да ми помага“.
„Тарифата е иста“.
„В ред, ќе си ги делиме парите“.
Џорџ се насмевна кривејќи ја устата пред да се заврти кон вратата. Ја доби работата.
Надвор два автомобили полека се движеа, забавени од семафорот. Една жена туркаше количка по плочникот. Две деца минаа во трк, играјќи, викајќи и туркајќи се, не обрнувајќи внимание на Џорџ. Тој цврсто го завитка палтото околу себе, чувствувајќи ја неговата тежина. Ветрот беше силен, но тој ја чувствуваше пролетта како надоаѓа со големиот наплив на реката. Сабота, часовниците ќе се поместат нанапред.

2.

Енди гледа телевизија. Недела вечер. Енди гледа телевизија секоја недела вечер; Кати смета дека тој погласно се смее во недела вечер, отколку во други вечери. Мајк мисли дека тој можеби погласно се смее во среда вечер, но не секоја среда. Некоја среда Енди воопшто не се смее.
Енди се смее на Покондурен опинок, се смее на Жителите на источен Лондон и на Улицата Коронејшн, се смее на Цајканот. Се смее на Светот во акција1F, но мрази Вести. Вестите му го искривуваат лицето во цврст грч на загриженост што прераснува во болка, сè додека Кати, или Мајк, или Ангела не го сменат каналот. Но обично се смее со смеа што спирално се извива и што блика од неговите тесни гради и се шири наоколу низ просторот во кој се наоѓа.
Недела вечер е, тој е во својата дневна соба. Мала, но удобна соба, со евтини обележја на мали, но лесни приходи. Недела е, во собата е со Кати, но може да е со Мајк, или со Ангела, или со Џорџ. Сите нив ги сака и не прави разлика.
Неговиот последен излив на смеа не предизвикува никаква реакција кај Кати, која во собата седи спроти Енди, незаинтересирано прелистувајќи едно списание.
Мајк еднаш ја праша Кати колку години има, на што таа одговори „Ич да не ти е гајле“, со тврд Армаг2F дијалект, што засекогаш го одврати повторно да го постави истото прашање. Таа живееше во градот веќе три години и тоа ѝ годеше. Неговите тесни, безлични улици со евтини апартмани и куќи ја задоволуваа нејзината потреба за постојана промена и за селење, и лесно ја бришеа секоја трага од Ирска. Акцентот ѝ остана, но научи да го користи тоа. Сите ги сакаат Ирците.
Го крена погледот од списанието додека листата на соработници течеше од крајот на програма до следната, но промената не го привлече нејзиното внимание, па таа се врати на површното читање. Енди ја забележа нејзината реакција, наведнувајќи се над софата, со устата отворена небаре сака нешто да праша, но кога таа ја крена главата, тој се заврти кон екранот.
Покрај телевизорот во боја имаше позајмен видео рекордер и полно касети расфрлани по килимот. Софата што ја засолнува Кати и нејзините списанија изгледа чиста и нова, што навистина е. Мала масичка со чадено стакло ги дели оној што чита и оној што гледа, а на неа има две шолји и празен пепелник со испишано Гран Канарија на предниот дел, со јасни, бели букви. Ѕидовите се бели; во средината, наспроти Кати, нежна фотографија на ливада во Франција, додека наспроти Енди е грда, врамена венчална фотографија на двојка во доцните дваесетти, несигурно гледајќи во камерата и во иднината. Две завеси ја штитат собата од соседите и од сјајот на ламбите, но неделните вечери во овој дел од градот се тивки, како и приливот што лизга по калливиот брег од реката, од заливот.
Кати спие во куќата на Енди најмалку три, понекогаш четири ноќи во неделата. Тоа е мал бунгалов, но покривот од керамиди покрива три спални соби. Таа спие кај Енди уште од своето прво доаѓање во градот. Кога не е кај Енди, се враќа во станот кој за кусо го изнајмува на улицата Корпорејшн, или на улицата Парк, или блиску до Шпар. Постојано се сели. Тоа е страст што ја обзема секои пет или шест месеци, кога ќе одлучи дека станот ѝ е премногу темен, или влажен, или блиску до обиколниот пат, или до реката, или до паркот. Станот на Енди е единствениот постојан во нејзиниот патувачки нов живот во градот и поради тоа го сака.
Вечерва се враќа во својот стан, кој привремено е на третиот кат во Викторијанската зграда над Мерчес Гарденс3F. Нејзиниот последен стан имаше градина над паркот, но училишниот распуст предизвика вирулентна турканица од деца кои играа и се тепаа до доцна во долгите летни вечери. Новиот стан ја привлече со погледот кон реката, преку покривите покриени со плочи, но штом паднаа лисјата од високите чинари, можеше да ја види пиварницата, а наутро густиот сладок мирис на препржен шеќер и квасец се спушташе над станот како превез.
Кати го спушти списанието врз купот расфрлан по софата и безволно погледна кон часовникот на ѕидот.
„Речиси е шест, Енди“.
Во нејзиниот глас имаше заморна досада од читањето, но Енди не ја забележа вртејќи ја главата од екранот. Тој гледаше во неа со очекување, охрабрувајќи ја да продолжи, што таа го стори, откако му остави доволно време да одговори.
„Џорџ ќе дојде во шест“. Лицето на Енди веднаш се рашири во насмевка, која премина во придушена смеа, следена од виткање на вратот. Кати се насмеа на реакцијата, правејќи пауза пред да продолжи.
„Ти се допаѓа Џорџ, нели? Ти се допаѓа неговото готвење“. Го спушти гласот речиси мрморејќи. „Не можам да замислам зошто, педесет и девет варијанти ќофтиња со грав и со компири“. Внимателно гледаше во Енди, очекувајќи да ѝ одговори, но нејзината доверба во едностраната конверзација спласна.
Енди повторно се заврти кон телевизорот, брзо заморувајќи се од звукот на гласот на Кати. Ја помрдна главата, лизгајќи ја кон рамената, но само ги следеше боите што светкаа на екранот. Кати се заврти, чувствувајќи дека повторно се задржува.
Се крена од софата и отиде до Енди. Беше висока жена и Мајк не беше единствениот кој се обидуваше да ѝ ги одреди годините, триесет или четириесет. Застаната над Енди, го улови прашањето во неговите очи кога тој го крена погледот кон неа. Пред да ја оттурне, таа се наведна нежно бакнувајќи го во ќелавото теме од главата. На лицето ѝ се јави насмевка.
Остриот звук што го најави ѕвончето на влезната врата ја тргна од мислите. Енди затрепери од звукот и потона подлабоко во фотелјата. Црвениот колан преку половината повеќе се затегна, небаре го држеше како заробеник.
Пред да се појави Џорџ на влезната врата, од ходникот се слушнаа звуци на поздравување. Лицето на Енди се зарумени во очекување, кога Џорџ ги крена рацете поздравувајќи го.
„Сè е в ред, Енди? Како си, ортак?“ Џорџ влезе во собата и си направи место на софата меѓу перничињата и списанијата. Кати отиде во кујната.
Енди повторно почна да се смее, додека со раката френетично си го триеше носот. Смеењето престана, но тој се нурна подлабоко во столот, а стомакот му подрипнуваше под препреката од црвениот колан.
„Сакаш шолја чај?“
„Сакам, Кати, стави и за Енди“.
„Штотуку го испи“.
„Тогаш само за мене“.
Енди ја заврти главата назад кон Џорџ.
„Како беше?“
Кати викаше од кујната. Разговорот се одвиваше преку Енди, кој се обидуваше да ги следи звуците додека тие разговараа.
„Добар е. Попладнево прошетавме до пристаништето. На крајот малку му пристуди, нели Енди?“
„Како му е стомакот?“
„Се испразни утринава, за првпат во последниве три дена. Му давав да јаде сливи но, се чини, немаше голем ефект“.
Енди талкаше меѓу разговорот и ликовите што трепереа на екранот. Безгрижно. Недела вечер е, наскоро ќе излезе.
„Ќе го преслечам пред чајот. А, Енди? Брзо преслекување и ќе бидеш спремен за чајот“.
Кати се врати во дневната и на Џорџ му подаде шолја чај. Седна на софата до Џорџ.
„Убаво го мина викендот?“
„Аха, добро, знаеш“.
„Беше некаде?“
„Ех, неколку кригли во пабот во саботата. Ништо посебно. Ти?“
„Не. И вчера работев. Отидовме до пазарот, си купив евтини најлон чорапи“.
„Имаше народ?“
„Секогаш има“.
„Стално мислам да отидам, но никогаш не сум во близина“.
„Треба да го однесеш Енди некоја сабота. Му се допаѓа“.
„Да, секако“.
Непријатна тишина завладеа во просторијата, зашто оние кои можеа да зборуваат размислуваа да кажат нешто друго. Џорџ сркна од чајот. Кати погледна во екранот. Сликите се движеа.
„Па, треба да заминам. Повторно излегувам вечерва“. Лажеше, но природно ѝ дојде и полесно ѝ беше да го каже тоа, отколку дека останува сама со телевизорот и со шише црвено вино. Не сакаше Џорџ да го знае тоа. Ја зеде кожната чанта од потпирачот на софата пред да зачекори кон Енди.
„Се гледаме, Енди.“ Енди го крена погледот, додека Кати се наведна и нежно го бакна во врвот од темето.
„Тогаш, добра ноќ“.
Му се насмевна, пред да се упати кон вратата. Некоја ноќ би требало да разговара со Џорџ. Да поразговара за онаа ноќ во нејзиниот стан над паркот. Се случи само таа ноќ, но тој не може да се однесува како ништо да не се случило.
Џорџ чекаше да тресне вратата.
„Што ѝ стана, Енди? Нешто си ѝ рекол?“
Енди му се насмевна.
„Нема врска, сега сме само јас и ти. Напиј се малку чај“. Ја зеде пластичната чаша од масата и во неа тури малку од неговиот чај. Чашата имаше додаток во форма на инка што тој ја вметна на страната од устата на Енди. Енди ја наведна главата наназад кога почна да го голта чајот со големи и брзи голтки. Шараше со погледот ваму-таму, сè уште зјапајќи во екранот и истовремено гледајќи и во Џорџ. Тешкото голтање беше проследено со подголтнување и со силно ждригање и плукање кога се засркна. Го исплука чајот на џемперот.
„Да му се сневиди, извини Енди, малку пребрзо го направив тоа, нели?“ Џорџ брзо го избриша исплуканиот чај од џемперот на Енди со крпата што ја чуваа за такви прилики, пикната на страната од неговата количка.
„Но овој пат побавно, нели?“ Џорџ повторно внимателно ја стави чашата, набљудувајќи ја реакцијата на Енди. И порано му се случувало. Дозволи инката лесно да му лизне на страната од устата.
„Во црква вечерва, Енди. Расположен си за малку пеење?“
Направи пауза, но знаеше дека нема да има одговор од Енди, чие внимание беше меѓу екранот и шолјата од која капеше чај.
„Добро, испиј го чајот“. Му овозможи на Енди уште една голтка чај, пред да ја врати шолјата на масичката и да ја тргне водената крпа што ја остави околу вратот на Енди како лигавче.
„Ајде, де, Енди“. Се исправи и застана од десната страна на Енди, пред да се наведне да го отпетла ременот од неговата половина. Едната рака ја стави преку грбот на Енди, со прстите го фати за градите. Со другата рака го фати Енди под колената и се наведна пониско, пред да го исправи грбот со едно движење, при што го крена Енди од столот.
„Ете, Енди, брза промена. После малку ќе се дотераме“.
Без напор го носеше Енди додека одеше низ собата и надвор, во ходникот, кон спалната соба на Енди.

Превод од англиски: Катица Гароска Ацевска

#b
1. Популарни ТВ серии во Обединетото Кралство во1990-тите години (заб. на прев.)
2. Армаг: една од шесте области во Северна Ирска (заб. на прев.)
3. Мерчес Гарденс: кварт во Кардиф, Велс, Обединето Кралство (заб. на прев.)

АвторЛуис Дејвис
2018-08-21T17:20:49+00:00 јуни 30th, 2013|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 90|