Многу куси раскази

/, Литература, Блесок бр. 17/Многу куси раскази

Многу куси раскази

Погрешен чекор
Несмасни забави
Чудовишта во визбата
Внатрешна бездна
Судбоносна грешка
Последици на невнимание
Безизлезна положба
Катастрофа
Телеграма

Слегувајќи едно попладне во визбата, откривате дека во неа се населиле чудовишта. Решавате на брзина да ги исчистите оттука: нивното присуство во куќата е нехигиенско, а и просторот во визбата ви е потребен за други нешта. Впрочем, една визба со чудовишта е една неупотреблива визба — ништо корисно не можете да држите во неа.
Се подготвувате темелно за еден таков потфат: четки и метли, запалени партали и прашок за перење. Ете, одеднаш толку работа!
Додека слегувате во темнината, ве пречекуваат злобно светкање на ококорените очи и подмолно с’скање на чаталестите јазици. Но, стравот трае само еден миг: потоа се фаќате за работа.
Колку крикови и писоци, колку гребења на канџи и прпелкања на крила! Додека мавтате со метлата, околу вас кружат тие опаши покриени со стргунки, тие клунови со двојни редови заби, тие уши зад кои ѕиркаат мали рокчиња. Откако виделе дека нема да можат да ве исплашат, тие се обидуваат да предизвикаат сожалување, лазат и цимолат. Но, вие немате милост: визбата си е ваша, и таа ви е потребна за разни корисни нешта.
На крајот, чудовиштата се избркани, визбата исчистена. Само неколку сиви пердуви сведочат за драмата што тука пред малку се одигрувала.
Сега можете да легнете и да се одморите. Толку сте уморен што сонот ви доаѓа веднаш.
Но по неколку мига се разбудувате испотен. Сфаќате дека сè е готово, свршено и дека сега повеќе нема лек.
Кој можеше да претпостави дека тие, избегани од визбата, ќе се населат токму во вашите соништа?

2018-08-21T17:22:01+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 17|