Миз Амбрела

Миз Амбрела

И се клатевме понатаму, се нишавме по асфалтната патека како еден многуглав и многуног Албанец што се гега во одот потонати во измаглицата на топлиот ден и приковани ко робови во земната галија водена од розевиот чадор што кренат кај челото нè влечеше напред и не ни даваше да писнеме.
“Korean War Memorial,” “Vietnam War Memorial,” допираше до нас ‘рѓосаниот глас, а ние одевме, одевме, ушите ни откажуваа, нозете нè издаваа, мускулите се бунеа, постоеше реална опасност да се споиме со долгиот, мермерен ѕид на кој беа испишани имињата на многуте млади маченици што џагореа од заедничката гробница, ни завидуваа, нè жалеа.
И тогаш дојде олеснението. Неочекувано и од никаде како што се појави и таа. Без договор, без заговор, без ништо.
„Амбрела, Амбрелита…“ се слушна низ толпата и веднаш се разлеа низ неа како првокласна шира нестрпливо чекана од жедните гости на некој селски празник да ја лижнат, да ја вкусат, грлата да им сетат нежен клокот и милина. „Што велат, што велат?“ велеше Симон и потпукнуваше со долгите прсти од влакнестите раце.
„Ја крстија, ја крстија Чадор, Чадорка, Чадорче…“ повторував и самиот вчудовиден од прецизноста на кажаното. Оваа фина синегдоха, овој свеж глас во пустината што вака неочекувано брзгна среде нас како издашен извор и ја освежи многуглавата толпа фатаморгански задремана под рамномерните налети на здодевност и агресија, ни ги отвори очите, нè задоволи, ни ги светна лицата, ни го зеде уморот и сега одевме свесни дека ја имаме в раце спасоносната контра.
“Fifty thousand and… men and seven women!” удираше по нас нејзиниот глас, а потоа на она упорно „Што вели, што вели?“ од Симона објаснив: „Педесет илјади и кусур мажи загинале во Виетнам и седум жени! Изгледа Чадорот не ги сака многу жените. Она седум жени го кажа некако од навал, без трошка сочувство!“
„Амбрела, Амбрелита…“ кружеше мрморот низ воздухот како чума а деминутивот ја подјадуваше дрскоста на зданијата наоколу, ја гризеше стабилноста на големата Америка, се закануваше да го зарази широкиот Потомак и да го задуши во неподнослива смеа.
Симон наеднаш почна да врти со главата, мафташе со рацете, не знам дали за миг се налути за синегдохата што султански зацари тука меѓу нас а јас толку брзо ја прифатив и применив зашто се вцрви повеќе од вообичаено, одреагира, нешто го штрекна, нешто не му беше право видов. Го погледнав и во тој миг за прв и последен пат од нашиот престој во Вашингтон не бев сигурен дали е во Македонија, дали лови срни, дали седи замислен над машината за пишување, или пак потајно цело време бил и е овде, гледа, слуша, се засадува во таа огромна американска ледина по која газевме во џагорлива, зајадлива процесија среде која од време на време, ко по некоја заедничка команда на многу јазици се слушаше: „Амбрела, Амбрелита…!“
„На глава ни се качија со тој Виетнам! Ко само тие да знаат што е војна! Што мајка бараа таму?“ рече Симон но ми се стори дека горчливата лутина што нагло изби во неговиот глас беше наменета за нешто друго.
„Амбрела, Амбрелита…“ татнеше насекаде.
“And now the Lincoln Memorial” одголта старицата и покажа кон скалите што водеа нагоре кон зданието небаре не забележа дека некој непријатен мрмор што се однесува само на неа доаѓа од поворката што се растегнала зад неа, се распрдила, но сепак срамежливо, како ученици што подготвиле нешто подло за учителката што треба да им дојде на час, со покриена уста, тихо се кикоти.
Кога стигнавме во подножјето од спомен-домот, водичката наеднаш се заврте кон нас како да сакаше нешто да ни каже, да нè прекори можеби, да го објасни своето поведение, можното недоразбирање да го објасни или својот живот којзнае. Но, ништо не рече. Само ни го заврте грбот и полека, со отворениот чадор, тргна угоре по скалите.
„Господе, зошто се чувствувам како ученик?“ повторуваше Симон како сето ова само на него да се однесуваше, го стегна џакетот префрлен преку левата рака и сè така го стискаше како да сакаше од него да исцеди некаков одговор, ваков или онаков не беше важно.
„Амбрела, Амбрелита..“ с’скаше зад плеќите од водичката отровната, злобна, жолто-црно-бела змија што ползеше по неа стрвна најпосле да го столчи веќе каснатиот плен.
Горе, на самиот влез од зданието жената застана, помислив дека задолжително нешто ќе стори, вложениот авторитет беше во опасност, суетата, животот нејзин можеби. Ги извади очилата, го сврте збрчканото лице кон збеснатото сонце како да сакаше ова да ја испегла неправдата или нешто друго што ѝ штукнало во нејзината распаметена глава. Потоа како на нешто да се сети, го впери прстот од едната рака во Симона којшто стоеше веднаш тука под нејзе на самото чело од подбивниот ѕвер а со другата покажа кон згрчените прсти на рацете од статуата на Линколн направена горе на ѕидот над една врата што личеше на олтар.
„Гледај му ги рацете!“ преведував малку за Симона а повеќе за да ја потиснам непријатноста што ме зграпчи и не ми даваше да дишам.
“His hands! Look at his hands!” се тресеше госпоѓата или госпоѓицата разјарена од силен гнев. Потоа слезе една скала подолу и го фати Симона за раце, му ги стегаше, му ги љубеше и повторуваше “His hands! His hands!” Симон стоеше како закопан, беше фатен во небрано, не знаеше што да стори со разнебитената жена а кога малку се свести, ги извлече згрчените прсти од нејзиниот заграб и нежно но машки ја привлече кон себе, ја прегрна и долго ја држеше така дури не сети дека се смирува, се олабавува, се враќа во сопствената кожа, во сопствениот живот пикната така во безбедната прегратка на туѓинецот тука под згрчените прсти на извајаниот Линколн.
Другиот ден поручекта кога се сместивме во авионот на една од пистите во „Далас“ аеродромот, додека го јадевме секој за себе стравот пред полетувањето, сакав да му кажам на Симона за ноќешниот сон во кој ја видов госпоѓата или госпоѓицата Амбрела, насмеана и млада како весело се насмевнува место статуата-жена од врвот на Белата Куќа фатена за половина од црнокосиот, виток Симон но само што заустив тој грубо ме пресече:
„Магариња,“ ми рече, „да беше млада ќе ја гледавте во колковите и газот, да беше средовечна косата ќе ѝ ја фалевте, а вака стара, во неа видовте само чадор!“
Сакав нешто да кажам, нешто како извинување но потоа сфатив дека нема зошто прошката да ја барам од него. Само погледнав во неговото строго, белобрадо лице, а мојот тих мрмор бргу се загуби во страшната бучава на ербасот што наеднаш се одлепи, се крена и замелушени нè понесе кон најкратката ноќ во нашите животи таму некаде над Гренланд.

АвторДраги Михајловски
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Проза, Блесок бр. 06, Литература|