Меѓу вечното и секојдневното

/, Литература, Блесок бр. 32/Меѓу вечното и секојдневното

Меѓу вечното и секојдневното

(Наташа Бунтеска: „Горниот град“, „Стремеж“, 2002.)

#1 Кога во предговорот на антологијата „Дваесет млади македонски поети“ (издание на „Прокултура“, 2000), нејзиниот составувач Лидија Димковска напиша дека „Наташа Бунтеска ја текстуализира реалноста која преминува во надреалност, но и се автотекстуализира, се реализира и ја реализира реалноста на поетскиот текст“, не можеше да се претпостави кон каде ќе тргне поетиката на Бунтеска – таа зад себе имаше една поетска збирка („Мали вечности“, издание на „Студентски збор“, 1998). Сега, кога читателите ја имаат во рацете втората стихозбирка на Бунтеска – „Горниот град“ (поделена во три циклуси: „Горниот град“, „Минијатури, кратки тури, заборавени бури, моменти и мали вечности“ и „Златна книга“) можеме да констатираме дека тврдењето на Димковска би можело да се однесува и на оваа книга. Овдека, всушност, поетесата на сугестивен начин го потврдува она што беше најавено во нејзиното дебитантско остварување.
Своевидна карактеристика што се јавува во скоро сите песни од „Горниот град“ е доведувањето во асоцијативна врска на далечните нешта. Во својот есеј „Поезијата и вечноста“ Вјачеслав Купријанов особено значење му придава на еден аспект од ваквата врска, средба (или приближување) на (навидум) далечните нешта, имено на блискоста и проникнатоста на секојдневието и вечноста, и бидејќи тој аспект ми се чини особено карактеристичен за поетиката на Бунтеска, ќе се задржам накратко на ставот на рускиот автор. Купријанов, имено, вели дека „потрагата по дивата вечност го принудува поетот (и, воопшто, уметникот) да се зафаќа за настани одвај ли не од секојдневието, да се фрла по лизгавиот миг, да лови ‘чудно магновение’, и ако тоа е чудесно запрено од поезијата, секако нè сретнува со вечноста.“ Тој потоа се повикува на апелот на Вилијам Блејк кој гласи: „во секое мигновение да се гледа вечноста.“
Приближувањето на вечното и секојдневното е забележливо уште во првата песна од стихозбирката – „Одврзување“ (првиот дел од првиот стих на оваа песна – „Здивот ме врзува“, е земен како наслов на краткометражниот арт филм чиј сценарист е токму Бунтеска, а режијата е на Стојан Вујичиќ). Овде здивот е посочен како врска помеѓу двата света, од што произлегува и збунетоста од постоењето, од припаѓањето и на земното и на небесното. И токму врската меѓу двата света се јавува како смисла на постоењето – без таа врска и лирскиот субјект би се претворил во „вкочанета, глупава, фигура“, а и бог би бил само предмет „во рацете. Ко бисквит ронлив“. Ваквото поврзување на далечните нешта доведува и до запрашаноста „можеме ли да отпловиме до бог без гуми за спасување?“ во песната „Разубавување“, а Големата Мајка од матријархатската митологија, по дваесетина стиха во кои таа „медитира на точката / во која се поттурнуваат / мракот и светлината“ и размислува за сопствениот состав: пола простор – пола време, оди да го подгрее ручекот за децата кои треба да се вратат од училиште (во „Големата Мајка“). Оттаму и едно вообичаено утро во една вообичаена зграда од нашиот град, во кое со звуците на лажичињата во шолјите за кафе, на штиклите на комшивката и на крцкањето на креветите се меша со звукот на бришењето на правот од ангелските крилја на третиот спрат во „Добро утро во зграда бр. 12 на ул. Методија Митевски“, а песните, кои се самите обид да се допре вечноста, се продаваат „на женскиот пазар / меѓу копчињата и патентите / на аголот кај зачините“ во песната „Неврзани песни“.
Овој спој на земното и небесното, минливото и вечното, овостраното и оностраното, ја достигнува својата кулминација во последната песна од циклусот „По улица доручкувам“. Успешноста на оваа песна се должи меѓу другото и на нејзиниот специфично развиван ритам – започнува со два стиха во кои во фокусот на нарацијата е секојдневието („По улица доручкувам / геврек и јогурт“), по што во третиот стих се случува промена која ја менува не само атмосферата на целата песна туку и погоре кажаното добива поинакво значење („храна што просветлува“). Потоа продолжува навраќање кон секодневното („одам / прва смена на работа сум“), за во следните стихови да се најави воодушевување од него и негово доживување како несекојдневно („и среќна / што роси / една капка / ми паѓа на носот / светка светка светка“), по што следува раѓање на чувство дека ова поинакво доживување на реалноста е предзнак за чудесноста скриена во и зад вообичаеноста („знам дека ова е / некој посебен ден“), и одново навраќање кон конкретниот миг и постоење („одврзаната врвца ме сопнува“). Тука е кулминативниот момент во песната, кога доаѓа до конечен спој на реалното и надреалното – и врвцата станува знак, или она што упатува на несекојдневното („ме сепнува ми го кажува тоа“), по што следи фокусирање на реалноста („среќна сум што немам / толку многу нешта / и што не ми требаат / и што замислувајќи ги / среќна сум што немам / дрска глад за животот/ вакви денови / ми го продолжуваат животот“), за да заврши со надеж дека, ете, можеби токму таквата реалност ќе одведе кон едно повисоко спиритуално доживување, кон она што во зен будизмот се нарекува сатори, а во ведантизмот самади – кон идеалот на Буда (Разбудениот) – вистинската, духовна будност („можеби денес ќе / налетам на големото будење“).
Песните од вториот циклус, како што посочува и самиот негов наслов („Минијатури, кратки тури, заборавени бури, моменти и мали вечности“) се карактеризираат со својата кусост – најголем дел од овие минијатури имаат два или три стиха. Првите четиринаесет од нив се ненасловени, и носат редни броеви. Некои од нив наликуваат на афоризми, на пример четвртата минијатура:
„Најпрецизен погодок
во животот
ми е статива.“
Други, најбројни, се блиски до хаикуто, носејќи ги сите (освен онаа во поглед на бројот на слоговите 5-7-5) главни карактеристики на моделот на јапонската кратка поетска форма. Таква е на пример петтата минијатура:
„Оголени прсти
после грицкање нокти.
Излупени овошја.“
Некои од нив се мини-мудрости во кои се согледуваат карактеристиките на сопственото постоење, како во седмата минијатура:
„Непостојаноста
Целото ми го скрива.“
Или мудрости за постоењето воопшто, како во десеттата минијатура:
„Бунарот за еден
за друг е планина.“
Последната песна од стихозбирката, „Златна книга“ (од која е составен третиот, истоимен, циклус), претставува запрашаност, а едновремено и стравување, над некои надежи и очекувања поставени во претходните песни. Така стиховите „Зашто, што со слободата / ако ги имам сите симптоми / на заспан човек“ можат да се читаат како одраз на стиховите „можеби денес ќе / налетам на големото будење“ од песната „По улица доручкувам“ – односно: што со доживувањата од „другата страна“, ако и покрај трансценденталниот „ефект“ останат непроменети овоземните нешта, ако „Исто како и сега / носот во бесконечноста / петиците во локалната бара“? Копнежот по малите и едноставни нешта останува („Има ли надеж да се спаси / уживањето во најбескорисните нешта / апсолутно романтични / ко црно – бел филм?“), како и свеста дека достигнувањето на највисоките онострани идеали е безначајно без ситните човечки радости. Наспроти бегството во самозалажување во супериорноста на „будењето“ (впрочем, и наспроти самозалажувањето дека „будењето“ е конечното и единствено вредно искуство), во стиховите на Бунтеска и натаму остануваат стравот и сомнежот. Главните сопатници при сопствениот развој, и неговите најсилни двигатели.
Осврнувајќи се на поетиката на Бунтеска, во предговорот кон антологијата на младата македонска поезија „Неидентификувана небесна дојка“ (издание на „Младинската книжевна асоцијација“; самиот наслов на антологијата е земен од стиховите од песната „Колекција“ на Бунтеска) Јовица Тасевски – Етернијан проникливо забележа дека нејзината поезија „претставува суптилна лирика во која се тематизираат женственоста и божественоста,“ потенцирајќи дека ваквата „тематизација се одвива преку авторефлексија, којашто е вградена во потрагата по трансценденталниот происход“. Можеме да додадеме дека со новата стихозбирка поетесата Наташа Бунтеска прави извесно свртување на својот поетски интерес од лирското кон наративното, со што постапно и внимателно го надоградува своето поетско писмо, следејќи ги современите поетски текови.

Книгата „Горниот град“ е достапна во е-формат, во издание на „Блесок“.

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 32|