Маестрално, Венко!

Маестрално, Венко!

Соработка на дискурсите е можна, полнокрвна и животворна. Оти може и од гола убавица да „потече“ есеј, или од свештеничка руба да „капне“ сосем човечка и љубовна реплика. Топло е, сосем човечки е од униформата или рубата да излезе емоција, како што од голата убавица е можно да потече филозофска река, која се отвора кон океанот…
И типовите на дискурс се во взаемна еротизација. Меѓусебно е „надразнет“ светот на дискурсите. Таа стимулација е најсочна „храна“ на „сокот“, кој го произведува динамичкото во ова дело.
Но која е поентата на „миксот“ на дискурсите? Секако, не е тоа гол експеримент, туку е насушна потреба за уметничка автентификација не само на дискурсите, туку и на универзумите на мислење, на чувствување, на доживување. Сиот тој комплексен, сложен процес на водење на љубов на дискурсите, не е напразно помодно блудничење или парада на очигледни брилијантни способности на творецот на ова дело. Тоа е можеби најакустичниот можен дијалогизам меѓу ентитетите и најсофистицираните теории, кои може да се разберат и низ „ини векови“. Нема завеса меѓу нив. Тоа е доказ дека ако еден автор посакал да се „дисперзира“ на неколку автори, значи дека може да води полифон, најдлабок интелектуален и емотивен разговор, внатре во домот негов. А домот е романот, кој е неверојатно компактен во сиот тој декомпозициски процес, оти парадоксално е, колку што романот покажува потреба да се декомпонира, толку од заднината се составува нова, потенцијална композиција. Но таа не е „тврда“ и конечна даденост, оти се допишува низ вековите… А ние сега само сме транзитни коавтори на делото, кое допрва ќе се допишува…
А замислете го само „зачинот“ на сето тоа… Најнежните детски сцени, на кои сите ние низ „sfumato” се сеќаваме: сцената кога детенцето во „Фиќо“ заминува со родителите на одмор и го лепи носето на задното стакло од колата. Или кога Анте и Варошлија, заедно со Татко – се опиени од отровот на печатарското олово од „Нова Македонија“… Замислете го само тој сетен свет… Тие веќе одамна – се литература… и додека беа живот…

* * *

Ова е само дел од оригиналните постапки со кои ова дело инвентивно расчистува со праклишеата во наратологијата, но и во – ж и в о т о л о г и ј а т а. Едно од тие оспорени клишеа е дамнешното: „литературата ја имитира стварноста“. Авторовиот идеал е обратен: фикцијата да ја продуцира стварноста! Да ѝ даде нова, можна идеја на реалноста! Тоа и се случува во делото. Сите дирекции на наративниот глас се упатени кон црвенокосата девојка. Таа ги следи љубовните упатства преку писма, преку делови од романот кој се создава во меѓувреме. Тој застарен облик на комуникација има нешто што ниедна електронска пошта и телефонија не може да ја овозможи. Во свет во кој заборавивме што е тоа писмо, што е тоа роман, веќе и не може да постои класично писмо, ниту класичен роман. Ни имитација на една стварност. Иако знам дека придушен сон на секоја двојка или потенцијални љубовници е токму овој тип на комуникација – преку одлагање. Оти ова е роман во вечно одлагање, тој се допишува со Вашиот живот. Моливчето внатре во романот, или страниците кои се за допишување, се само симболика за алатот кој ни е неопходен. Да го допишуваме, или да го препишуваме својот живот. Онака како што авторите или авторските гласови во ова дело тоа го прават.
Во свет на маркетинг, во свет во кој нападно се рекламира (веќе истрошената) идеја за живот, во свет во кој е опасно сериозно да ги следите упатствата за идеален изглед, свет на диети, закони, правила, тортури, инквизиции, медиумски линчувања. Оти светот очајно им припаѓа на етикетите, рекламите за т.н. „идеален“ живот. Во свет на невидливи студија, сцени и локални Hollywood-и, здраво ли е да посакаме друг (нережиран) свет, од кој можеби ќе добиеме нова идеја за живот?
Оти ние сме највозвишениот преплет на приказни.

* * *

Затоа, слободно „влезете“ во романот Вештица некое време. Поживејте го овој роман… Читајќи го. А потоа, така чисти и обновени, пак „влезете“ во своите животи…
Па ако искрено го живееме делото Вештица, а не само да го читаме – тогаш се раѓа нова, најсвежа можност и идеја – да почнеме поинаку да го читаме и нашиот живот. И тоа не отпосле, како неми сведоци на сопствениот живот, туку како главни ликови. Онака како што читателот во ова дело се побунува и сака да биде автор. Ако после вашата средба со ова грандиозно дело, почне да заживува новата, свежа идеја за вашиот нов живот – мисијата е исполнета! Особено ако после нашиот најнов живот со делото Вештица – се ослободиме барем од една инквизиција или од еден затвор. Сторете го тоа, во оној момент кога авторот сака да излезе од светот на кориците и да се упати кон вас, вие – упатете се онаму каде што тој излегол…

Можеби себе си ќе си бидете помалку таен документ…
Оти можеби некаде сме запишани, а не знаеме. Можеби токму ние сме нечија сонувана приказна или лик. Или сме „писмо“ кое некаде е запишано. Можеби сме и роман или „парче“ од роман. Нечиј незнаен сон
Можеби некој веќе ги напишал нашите животи и ни дал нова идеја за осмислување.
Оти ние сме само можна метонимија на самите себе. Засега сме само – она што мислиме дека сме. А тоа е само – дел од можните ние!
Како што и приказните се само помал дел од поголема приказна, која постојано се преопишува и пресоздава…
А романите растат од свет на темнина… Тие се осветлување.

* * *

Имам чест јавно да му благодарам и да му се поклонам на авторот за делото. Овој роман е новото убаво лице на македонската култура! Лице, од кое светот ќе чита…

* * *

Овој роман не се чита, тој се живее… Како и секое ремек-дело.

Маестрално, Венко!

АвторКристина Николовска
2018-08-21T17:21:12+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 59|