Маестрално, Венко!

Маестрално, Венко!

А експресијата на бесконечната љубов на Јована кон Папа е врвна апотеоза, највисок празник на љубењето! Нејзината љубовна радост, славена како дете е – севселенски фрескопис! За таа љубов, и инквизицијата е безопасна, оти премудрото главче на Јована се чуди: „Зошто им го палат телото, Папа, кога телото е само книга на која се испишува страста, а љубовта е во душата?“3F И навистина, никој досега не успеал да ги запали душите кои се љубат, ниту „мислата на душата“4F. Така душичката на премилата Јована ја преживува и кладата, и како жарче, се „сели“ низ вековите – за да се запали повторно во современата црвенокоса студентка… Оти исто „мириса“ нивната љубовна интонација…
Се вели дека преубавото е премногу незамисливо – и дека не може да се опише или раскаже. Но, романот е доказ дека и неописливото убаво – може да опише, дека и нераскажливото убаво – може да се раскаже, оти постои вонсериска, дури татковска грижа за секој атом текст, но постои и најсетилен… „памук“ од емоции. Така и неописливата љубов се опишува преку описот: „Седите така, во невидена топлина, (…)“5F. Има ли „погуст“ опис од „невидената топлина“ која врие во љубовниците, или пак од описот на жешката, еротска сцена кога Папа ѝ вели на Јована: „‘Никој не може’, вели тој, ‘никој не може вака да те казни, дете непослушно, палаво, будалесто, аванче мое вжештено, (…)’“6F. Тие навидум „мали“, но симпатични моќници-метафори од типот „аванче мое“ – се вистинско „кралство“ на љубовната реторика и на дикцијата на страста! Вистински скапоцени камења расфрлани низ романот! Светат и ноќе, кога е темно, оти страсните дијалози на љубовниците се водат во љубовен транс, каде Папа љубопитно и покорно прашува: „‘Со кого се галиш сега, ти галливо суштество?’, а таа му вели: ‘Со зборовите, со гласовите, со мирисите, со сонцето, со сиот овој раскош околу мене’, рече таа нежно. ‘Значи ме изневеруваш’, рече тој. ‘Колку си улав, Папа’, рече таа. ‘Па ти си во сето тоа: во секој глас, во секоја прашинка, во секоја тревка, во секој мирис си ти Папа; ти го проникнуваш сиот овој пејзаж. Се галам со пејзажот, со тебе’“.7F
Знам дека токму на ваквите места ќе ја допишете приказната со ракопис од солзи. Оти можеби и ние сме нечии замислен пејзаж, со кој се храни нечија незнајна душа.
На повисоко „небо“ се водат овие дијалози, каде веќе отворено кулминира и авторовата вљубеност во текстот, кој за него е кралска љубовница, која треба нежно да ја „храни“ со својот генијален писателски сок! А триумфот на емоцијата кон литературата – е златна привилегија на авторот!
Оваа привилегија се облагородува на највозвишен начин, кога од еден „извор“, сосем спонтано, ќе потече скапоцен океан филозофски пораки. Оти следниот тип писмо е есеистички дискурс, чиј „мед“ „везе“ „платинест“ филозофемски мозаик. Така низ слаткото усте на средновековната Јована, неочекувано ќе „потечат“ медоносните дијамантски есеистички филозофемски парчиња аксиологии, врвни чисти идологеми, кристални есеизми! Особен шмек, па и шарм на овој тип писмо, му дава освежувањето – есеизмите се дислоцираат – преку атипични локации. Така, на пример, најгустите филозофемски „води“ ќе потечат сосем неочекувано, откако непосредно пред тоа се водела страсна љубов. Тие незаборавни филозофемски „дождови“ или есеизми почнуваат да „капат“ и да нè „оросуваат“, кога ќе чуеме дека: „Да ти кажам, да не кажеш потем дека не сум ти рекла: смртта е врата. И љубовта е врата. Истата врата, оти и по смртта во иста куќа уште си, иако во друга одаја. Затоа, не плачете по мртвите: во истата куќа се, само во друга одаја. И не плачете по разделените љубовници: во иста куќа се, во истата вселена, како и мртвите и живите, само во различни одаи. / И ќе се најдат, макар и во векови.“8F
Таков есеистички „дожд“ тече и од промислата: „Јазикот е гробје од зборови кои одново воскреснуваат во светата црква на човекот: устата. Низ нашите усти говорат мртвите. Ние само им го зајмиме гласот.“9F, или преку чисто теориски, наратолошки упатства, како: „Освен тоа, читателот пишува многу повеќе од писателот, читајќи. Да, читајќи меѓу редови, врз тие белини тој го испишува поважниот текст од романот, она невидливо писмо на читателската страст (…)“10F.
Има еден волшебен момент, кога сфаќаме дека дождот од есеистика умно е пратен само за да го „измие“ и „исплакне“ тлото кое се отвора под нас. „Се прочистува“, како беспрекорно измиена улица, бесценетото тло под нас, во романот. Имено, како што над нас се „отвори“ „небото од поезија“, така го покажа своето „лице“ и прекрасниот поден мозаик – од филозофски килим. Килимот има скапоцени „камчиња-филозофеми“, кои веќе се во нашите раце, и само треба да ги составиме во повисока целина… Одеднаш сеќаваме дека на златна тепсија ни е послан секој здив од романот и дека некој одзади совршено се грижи за повисоко осмислување на сите внатрешни можни осмислувања… На делото, и на животот… И тоа – преку маестрална елитна креативна елоквенција, но и со фасцинантна триумфална дарба!
На тоа поетско небо и на тој есеизиран килим-мозаик, идеална циркулација му е – „крвта“ што циркулира од следниот тип писмо – дискурс на детекција. Неговата „крв“ е акција, динамика, темпо, настани – совршено препознаени во хипер-енергичната „крв“ на црвенокосата студентка Јована од нашиот контекст. Тука имаме повеќегласие од комуникациски модели на писмо: e-mail допишувања, SMS-пораки, но и традиционални писма, сегменти од романот кој се пишува. Овие „парчиња“ од романот се во постојано одлагање, и затоа ја имаат динамиката на крими-роман. Дискурсот на детекција е свет на љубовни налози, писма кои се оставени некаде и треба да се откријат, делови од романот кои треба допрва да се состават… Копнеж на секој потенцијално вљубен. И тоа во време во кое секогаш правиме шест работи одеднаш: додека возиме ауто, зборуваме на мобилен, или во кафуле работиме на lap-top, или додека слушаме, а не гледаме телевизија, читаме или пишуваме…
Наполно освежувачки е дека сред акциониот дискурс, низ очите на ововременскиот универзитетскиот асистент – ќе излезат неочекувани топли, човечки реченици.

#b
3. Ibid., 310.
4. Ibid., 310.
5. Ibid., 302.
6. Ibid., 297.
7. Ibid., 291-292.
8. Ibid., 91.
9. Ibid., 58.
10. Ibid., 386.

АвторКристина Николовска
2018-08-21T17:21:12+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 59|