Лулашки

Лулашки

Наредниот ден се разбудив посреќна знаејќи дека ќе можам да одам на лулашките и таму да си играм со другите деца. Мајка ми повторно ме прати да купам леб, но овојпат купив убав, бел, мек и дури малку топол леб, па кога се вратив мајка ми не ме караше, дури и ме бакна.
– Каде ќе одиш? – ме праша.
– Ќе одам да си играм со другарките – ѝ реков.
– Добро, ама немој многу да си играш на лулашки за да не паднеш – ме предупреди, како да знаеше дека ќе одам на лулашки.
– Добро – реков, и излегов од дома.

Кога стигнав на лулашките, Бистра и Мони веќе се лулаа, а до нив седеше и пиштеше сестрата на Бистра.
– Сега јас, сега јас! – викаше таа, а Бистра и Мони високо се издигнуваа на лулашките, фалејќи се дека знаат да се лулаат.
– Чекај малку! – врескаше Бистра, а сестра ѝ потскокнуваше во место, или се испречуваше пред лулашката, но кога ќе ја видеше Бистра како со голема брзина се враќа накај неа, ќе се тргнеше.
И Миле беше таму. Тој се бесеше на мостот, и трчаше по решетките.
– Сув ли е мостот? – реков, за да покажам дека нешто знам.
– Е што мислиш? – ми рече Миле.
Го пипнав мостот и тој навистина уште многу малку се лепеше, само ако многу силно ја стиснеш раката за него.
– Уште се лепи – му реков – Вчера чичковците ми рекоа да им кажам на другите деца да не се качуваат по мостот, да не се извалкаат и да не ја уништат бојата.
– Па што? – викна Миле и продолжи да се беси на мостот. – Петар вчера се извалка, ха ха! – се изнасмеа.
Видов дека мостот не е мазен каков што беше кога го обоија претходниот ден двајцата чичковци во сино, туку наместа беше рапав, како нечии раце да се лепеле по него. Средината на решетките од мостот беа најрапави, таму каде што газеле децата. Се сетив на чичковците и како ми рекоа да им кажам на другите деца дека мостот е свежо обоен. Ме фати страв да не дознаат чичковците. Пак ми дојде да испуштам едно „аааа“. Јас бев крива што мостот беше малку расипан.
Никогаш не го сакав многу Миле, па му завртев грб и тргнав накај Мони и Бистра.
– Кај си ма Ива – ми рече Мони – Зошто не излезе вчера? – сигурно знаеше дека ме казниле.
– Така – реков јас – Може и јас да се полулам малку? – ги прашав.
– Аман ма Ива – ми одговори Мони – само што дојде и одма сакаш да се лулаш. Па почекај малку. Гледаш и дека сестра ѝ на Бистра чека ред.
Седнав во песокта и зедов да си играм со камчињата. Ги фрлав накај клацкалките и слушав како камчето прави „тинг“ кога ќе се удри од железото. Бистра и Мони продолжуваа да се лулаат. Кога ќе се умореа, само си разговараа меѓу себе и полека се нишкаа, додека дебелото сестриче ја тегнеше лулашката на којашто седеше Бистра. Потоа пак ќе земеа замав и така некое време. Потоа конечно Бистра се симна затоа што сестра ѝ почна многу гласно да плаче. Седна на лулашката и Бистра почна да ја бутка. Сестрата одеднаш престана да плаче и почна гласно да се смее, сета мрсулава, и да си ги покажува малите, шилести, расипани заби.
Мони не се симнуваше, иако јас седев во песокта и ја чекав. Но тогаш од некаде одзади се појави и Јасмина. Јасмина беше иста возраст со Бистра и со Мони. Дојде и се поздрави со нив, а мене само ме погледна. Мони веднаш стана и ѝ ја отстапи лулашката на Јасмина.
Се налутив.
– Добро Мони, не е фер – собрав храброст да ѝ кажам, ама тивко за да не чуе Јасмина – нели јас те чекам веќе толку време да се симнеш.
– Да, Ива, ама Јасмина е постара од тебе и таа има право да се лула, а не ти.
– А сестра ѝ на Бистра? Таа е помала од мене па ете и таа се лула!
– Да, ама таа е многу помала и ако не се лула ќе плаче, и заради тоа има право да се лула пред тебе – рече Мони и ми ја сврте главата – ама ако сакаш ела да си играме на мостот.
Мостот отсекогаш ми се гледаше како нешто страшно. Сега ми изгледаше уште поголем и уште пострашен од порано, затоа што бојата му беше многу црвена.
– Ај да си играме кој побрзо ќе го премине мостот! – викна Мони.
Јас не знаев да го прекачам мостот. Можев само на раце и на нозе, но не само да одам по него како големите. А Мони, Бистра и Миле знаеја.
– Ајде! – викнаа во ист глас Бистра и Миле.
– Играш? – ми се сврте Мони.
Не знаев што да речам. Сакав и јас да играм, ама ми беше страв.
– Не – реков – не знам да го качувам мостот.
– И јас не знаев, па се научив! Не знаев кога бев мала. А ти веќе не си мала и треба да го прекачиш мостот – ми рече Мони и зеде стапка по стапка да се качува.
Кога таа го правеше тоа изгледаше многу лесно. Стапалата ѝ се подвиткуваа пред и зад шипката на којашто стоеше, а рацете ги држеше испружени од страните за рамнотежа. За да покаже колку ѝ е лесно, дури си потсвиркуваше како што се качуваше. Стигна до највисокиот дел од мостот и личеше на џин. Потоа полека се спушти.
– Сега ти си на ред – ми рече.
– Не, не можам – реков, веќе црвена како мостот.
– Пфффф – направи Бистра со устата и таа почна да се качува по мостот.
Малку понесигурна беше од Мони, но сепак се искачи до врвот и потоа се спушти од другата страна. И нејзе стапалата ѝ се виткаа. Си ги погледнав моите. Носев меки папучки. Можев да ги свиткам нозете, пробав. А и претходно се имав обидено да се качувам на мостот, и на првите неколку скали беше лесно. Потоа кога ќе стигнев до врвот ми стануваше страв.
– Гледаш? – ми рече Бистра – и не е толку тешко. Само не треба да се плашиш.
– Сега јас! – рече Миле и протрча по мостот. Тој беше најдобар, се гледаше дека има вежбано. Не само што го помина од едната страна, туку за да покаже колку е добар го премина повторно од другата и се врати на истото место каде што имаше почнато.
– Ајде сега Ива, тебе да те видиме – се исклешти Миле. Имаше процеп меѓу забите, и сплескан нос. Кога ќе почнеше така да се клешти стануваше уште погрозен.
– Не си веќе мала: ако сакаш да бидеш голема ќе мора да се однесуваш како да си голема – рече Мони со носот во воздух.
Не знам како собрав сила да тргнам накај мостот. Не ми беше јасно ништо, само гледав како Бистра и Мони ме гледаат и слушав како сестра ѝ на Бистра заедно со Јасмина го сечат воздухот со лулашките. Се качив малку и ногата ми се затресе. Ја спуштив на земја.
– Ха ха ха! – се изнасмеа Миле со пискав глас.
Потоа ја кренав и другата нога, и пак уште еднаш. Стигнав некаде пред врвот, рацете ги држев испружени. Мони, Миле и Бистра одеднаш станаа малечки, а во следниот миг осетив како нешто ми се лизна од ногата, и Мони, Миле и Бистра ги снема, и наместо нив пред мене се појави небото. Слушнав само еден многу тап звук, и некаква болка од камен под грбот.
Мони и Бистра ги немаше. Само го видов Миле како се наведна над мене и ми се изнасмеа со дупката низ забите, дури и ме потшутна со нога по половината, ама ништо не осетив. Со отворените очи и уста само сакав да му кажам да ми помогне, дека не можам да земам воздух, ама и него го снема и пред мене остана само синото небо. Сакав да викнам по мајка ми да ми помогне, ама пак не можев да земам здив. Сигурно овојпат немаше да ме кара.

АвторРумена Бужаровска
2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 49|