Лулашки

Лулашки

Тој пат заѕвонив, и Мони ми отвори низ синџирчето.
– Чекај – ми рече. Ми се причини дека нешто има во устата, дека усните ѝ се малку светкави.
Ми ја затвори вратата и претпоставував дека ќе ми ја отвори. Но јас стоев и таа не ми отвораше. Долго време стоев така, можеби пет минути, чувствувајќи се многу непријатно. Сигурно мајка ми ќе ме караше што така си дозволувам да ги вознемирувам луѓето. Тргнав накај скалите и само што почнав да се симнувам, кога Мони ја отвори вратата.
– Кај одиш? – ми рече.
– А, па мислев дека нема да ми отвориш.
– Аман ма Ива, каква си, малку почека и одма се налути.
– Не се налутив – се обидов да се оправдам, ама Мони веќе влезе во станот и ја остави вратата подотворена зад себе, најверојатно за да влезам. Пред да ми сврти грб видов дека на работ на едната усна е размачкана со чоколадо. Се прашував дали ми е лута затоа што можеби не ја чекав доволно.

Можеби пак јаде чоколадо и не сака да ми даде, си помислив, и тргнав пак, како тогаш, да си одам, но во тој момент Мони ја отвори вратата низ синџирчето, и ѝ ја видов бушавата глава.
– Аман ма – веднаш ми рече Мони – види колку рано си дошла. Што правиш? – не ми ја отвори вратата.
– Сакав само нешто да ти кажам! – се сетив на лулашките.
Мони ја затвори вратата и повторно се прашував дали ќе ми отвори. Но се слушна како синџирчето се лизна по металната подлога и кваката шкрипна уште пред да се помрдне. Ја отвори вратата и видов дека е по пижами.
– Некои чичковци дојдоа сабајле и ги поправија лулашките! – викнав насмеано.
Мони се заинтересира.
– Стварно? – рече. – И, што направиле?
– Ништо, ставија нови седишта, и најважно, ми рекоа да ви кажам да не го пипкате мостот затоа што уште се лепи, го направија црвен. Сакаш да одиме да се луламе?
– Добро де, голема работа – одеднаш се премисли Мони. Ќе одиме подоцна. А треба и да ја викнеме Бистра.
Не сакав многу да ја викнеме Бистра, но таа и Мони беа неразделни. Мони беше главна, ама кога требаше некој да се тепа или да се кара, Бистра ја преземаше таа улога. Беше крупна, црна, со мали мустачиња над усните.
– Важи. Сега?
– Аман па и ти, сега. Не гледаш дека само што станав? Треба и да ја чекам сестра ми да се врати од продавница, а и не сум доручкувана.
Се сетив дека се симнав да купам леб и дека мајка ми ме чекаше. Се фатив за џебот од панталончињата да проверам дали парите ми се сè уште таму: таму беа, проѕвечкаа кога ги притиснав. Пребледев кога ми текна колку ќе ме кара мајка ми.
– Леле! Требаше да купам леб, мајка ми ме чека!
– Де, де, голема работа – рече Мони и смирено седна на масата – сега само да дојадам и одма ќе одиш да купиш леб, а и ќе ја викнеме Бистра па ќе одиме на лулашки.
Па можеби мајка ми нема да се лути толку, си помислив. Најверојатно ќе ѝ текне дека сум се заиграла со другарките.
Седнавме на масата. Уште кога ми текна на лебот, цревата почнаа да ми кркорат. Мони извади од кутијата за леб едно меснато, дебело парче што ѝ го имаше оставено мајка ѝ за доручек. Го одвитка од пластичната фолија и го стави врз чинијата што ја чекаше на масата. Потоа од полицата до фрижидерот извади тегла еурокрем. Седна и почна со ножот да црпи огромни растопени смеси од чоколадниот крем и да мачка дебели слоеви врз парчето леб. Она што ќе ѝ паднеше на чинијата, го собираше со прст и го ставаше во уста. Цревата уште повеќе почнаа да ми кркорат. Ми беше страв дека Мони ќе ги чуе и ќе сфати дека сакам да јадам. Потоа ми текна колку пати од една огромна кофа што ми ја купи татко ми сме јаделе еурокрем со Мони, и си реков дека можеби и не е срамота тоа што ми се јаде кога ја гледам. Мони ме погледна пред да ги зарие забите во растопеното чоколадо размачкано врз лебот и како и секогаш, ми рече,
– Сакаш? Нејќеш. – и почна мирно да си јаде.
Секојпат кога ќе купеше сладолед, смоки или чипс истото ми го правеше: Сакаш? Нејќеш. Еднаш ова ѝ го кажав на мајка ми и таа ме посоветува и јас истото да го кажувам отсега натаму, кога ќе си купам нешто.

– Сакаш? Нејќеш – реков еднаш јас кога си купив сладолед.
– Сакам! – рече Мони и го одгриза целиот дел врз којшто имаше чоколадо. Од година в година врз сладоледите имаше сè помалку чоколадо. Ми беше криво, останав само со ванилата.

Си мислев на ова додека ја гледав како се размачкува во еурокремот, но немав сила да ѝ речам „сакам“.

Конечно Мони го набута лебот во уста, отиде до фрижидерот и се напи млеко право од отворот на тетрапакот. Овојпат не ми ни рече ни „сакаш-нејќеш“ туку само се наголта млеко, го врати во фрижидер и ја тресна вратата кога го затвораше. Соковите што стоеја во преградите се затресоа и нешто се преврти но Мони не се ни мрдна. Едвај чекав да си одиме: цревата ми кркореа, мајка ми ме чекаше, а и требаше другите деца да ги предупредам за лулашките. Како што ми текна на последното, нешто неубаво ми помина низ телото и ми дојде да викнам. Испуштив само едно мало „аааа“.
– А? – Мони помисли дека ѝ се обраќам.
– Ништо, ништо – реков. Не можев од глава да ги извадам чичковците во сино што ме искараа. Ме фаќаше огромен срам што ме искарале, и ми паѓаше непријатно од самата себе. Секогаш така кога ќе ми паднеше непријатно кога ќе се сетев на нешто, ми доаѓаше да викнам.
Сестра ѝ на Мони сè уште се немаше вратено од продавница, но тоа веќе како да не беше проблем. Мони ме остави да ја чекам на кујнската столица додека се облече. Потоа дојде, си ги навлече патиките, заклучи, го стави клучот под чергиче, и заедно си заминавме.

Јас и Бистра живеевме во ист влез, а Мони живееше во тој отспротива. Продавницата се наоѓаше малку подолу, близу до лулашките. Ја замолив Мони прво да ми прави друштво до продавница, а потоа да одиме кај Бистра за да ја викнеме на лулашки.
– Еј па сега – почна да се буни Мони – кој ќе оди до продавница? Оди сама. Јас ќе одам кај Бистра.
Сакав и јас да одам со неа во исто време кај Бистра затоа што прва ги видов лулашките и јас сакав да ги предупредам децата дека мостот е црвен и дека не смеат да се качуваат на него. Инаку, Мони пак ќе се направеше главна и на сите ќе им раскажуваше како таа да била таму. Многу често така и ќе излажеше, ќе измислеше нешто, или ќе кажеше нешто што кажал некој друг како да било нејзино.
– Добро, ај и јас ќе дојдам со тебе па после тоа ќе одам да купам леб – се премислив и тргнав по Мони накај зградата во којашто живеевме јас и Бистра.
Заѕвонивме на вратата и Бистра отвори. Зад неа беше нејзината мала и дебела сестра. И двете јадеа цедевита со лажици, а јазиците им беа жолти.
– Знаеш што – рече Мони, спремна да ѝ каже сè на Бистра, и ништо да не ми остави мене.

АвторРумена Бужаровска
2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 49|