Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

/, Литература, Блесок бр. 112/Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

Ловец сум на моменти, што ретко кога успевам да ги уловам

Најмладиот педесетгодишник во македонската поезија намерно оди разбушавен

Критиката често, во неможност (или несакање) подетално да се позанимава со одредени автори, без понатамошна елаборација, лесно го фрла на маса епитетот „млади“ или синтагмата „помлада генерација“, дистанцирајќи се така од какво било нивно вклучување, класификација или канонизација. Така некако и Јовица Ивановски останува еден од најмладите педесетгодишници во македонската поезија. По повеќе од дваесет години пишување поезија и дванаесет објавени збирки, за него се напишани едвај десетина критички осврти. Речиси сите од нив се од „вонинституционални“ критичари (т.е. Оние кои формално работат вон научно-образовните и истражувачки институции кои се занимаваат со јазик, книжевност или култура) и повеќето од нив промотивни (т.е. Со цел да се промовира некоја од новонапишаните збирки). „Наспроти олкуте објавени книги, учества на фестивали, резиденции,… наспроти преводите на повеќе јазици, застапеноста во повеќе антологии,… за Јовица Ивановски е пишувано многу малку“, вели Оливера Ќорвезироска, додавајќи дека „сите го читаме, ’критиката‘ исто така го чита, но некако го забораваме, го испуштаме, не одминувајќи го во широк, туку премолчувајќи го во тесен лак…“ (Ќорвезироска 2015).
Речиси сите овие критички осврти се насочени кон (или барем во нив упорно се провлекуваат) две карактеристики на поезијата на Јовица. Првата е нејзината урбаност, или нејзината тематска ситуираност во градот (сегашно Скопје) како хронотоп во кој поетот домува1F. Така, Богомил Ѓузел кажува дека овие стихови имаат „автентично урбан сензибилитет“ (Ѓузел 1995), а Елизабета Шелева заклучува дека „поезијата на Јовица Ивановски е плод на една континуирана урбана прељуба со еден простор“ (Шелева 2005). Оливера Ќорвезироска за оваа скопска вдоменост вели дека „песните на Јовица Ивановски… се одамнешни жители на Скопје“ (Ќорвезироска 2015), а Влатко Галевски во своето претставување на последната збирка поезија на Јовица, Градот што веќе не е мој (Темплум 2016) вели дека „поезијата на Јовица е како првиот стихуван музеј на поразите на еден град, на неговите жители“ (Галевски 2016). Втората одлика на оваа поезија која се чини дека им запнува в очи на критичарите е она што Душко Крстевски го нарекува „метонимиски“ стил на пишување, т.е. Наративен, раскажувачки, дури и епски, наспроти „метафоричниот“, т.е. Лирскиот, во голем дел апстрактен стил (според Крстевски 2012). Интересно (но не и сосема изненадувачко) е што речиси сите критичари чувствуваат за потребно не само да ги посочат овие две работи, туку и да се стават во нивна одбрана2F, дефинирајќи ги не само како констатирани одлики на севкупниот опус на Јовица, туку (или пред сè) и како суштински квалитети кои оваа поезија ја одделуваат од голем дел на современата македонска поетска продукција. Ваквиот став го резимира Оливера Ќорвезироска кога вели дека тој „пишува ‘обична поезија’, не се сопнувате на крупни метафори, на академски дозирани и реализирани стихови, на теоретски поткрепи и (на)учени метрики и версификации“ (Ќорвезироска 2015), туку дека овие стихови се „импровизиран, зборовен рок и џез во чијшто ритам подигрува книжевната наука, уживајќи во отсуството на ‘високата поетика’“ (Ibidem). Токму таквата, „урбана“ и „метонимиска“, а многу често и иронична (или самоиронична) поезија, имплицитно навестуваат малкуминава кои пишувале за Јовица, него со години го остава одмолчен, несместен, периферен, неканонизиран. А ова е така затоа што се чини дека центарот на поетските вредности гравитира околу „високата поетика“ (Ibidem), па поезијата која ја ценат критичарските академски сертифицирани авторитети значи „создавање самодоволен и онтолошки независен свет“ (Јанковски 2005) кој се базира на „херметички метафори и симболи“ (Ibidеm). Заради сето ова, да се пишува критички осврт за поезијата на Јовица станува речиси субверзивен чин, обид за преврат и предизвик на институционализираните насоки за бодување на стихот според неговите јазични и стилски манифестации наместо според неговата недофатлива и неименлива моќ да допре до суштината на човечкото живеење и да ја дестилира во чиста, универзално сетилна есенција.
Што да се каже за таа есенција преку прочитот на стиховите на Јовица од неговата претпоследната збирка поезија Морето ми е до колена (Табернакул 2016)? Во мојот примерок на оваа книга, расеаниот книжар во книжарницата од центарот на Скопје што веќе ја нема, по грешка или намерно, ставил погрешен обележувач на страниците. Така, секојпат кога ќе ја отворам книгата, гледам во насмеаниот лик на една модна новинарка и прозаичната синтагма: „Моите стории, мојот живот“. Парадоксално и иронично, фраза која лесно би можела да се најде опеана (или исмеана) во стиховите на Јовица, зашто тој поезијата ја наоѓа токму на вакви места – наизглед празни, небитни, ситни и банални, а толку полни со значење и суштина. Или, ваквите места кои „можат да бидат онолку ефемерни колку што се испарувањата на еден обичен кафе плус цигари разговор, во поезијата на Ивановски стануваат модели за кристализирање на смислата“ (Јанковски 2005). Поезијата кај него е секаде, секогаш и во сè, како што вели и самиот: „Отровот на моментот всушност е мигот на вистинска инспирација и тој не смее да се пропушти. Затоа, пишувам само кога ќе ми дојде и во сите можни расположенија. Некогаш отруен од среќа, некогаш чепнат од тага, некогаш заљубен до уши, некогаш отруен од состојбата околу мене“ (Ивановски 2015).
Седумдесет и четирите песни во збирката која овде ја разгледувам се распоредени во шест поглавја, а насловите на поглавјата се синтагми кои си поигруваат со некои познати идиоматски изрази во македонскиот јазик, чија заедничка нишка е – мерката. Два дела од телото, гушата (вратот) и колената, се архаичните одредници за мерка (или подобро речено: преку-мерка и недо-мерка) со кои Јовица најмногу се занимава овде. Почнувајќи автореференцијално, во првото поглавје До гуша во себе, под наслов кој сугерира преку-мерка, т.е. Заглибеност, потонатост, скоро удавеност во себеси не само како лирски субјект туку едновремено и како објект,3F предмет на поетски интерес, поетот си пишува стиховни белешки како потсетник за тоа како (треба да продолжи) да пишува, од типот: „Секојдневието, исмевај го / секој божји ден!“ (Ивановски 2016, 13). Лаконски и иронично, тој зборува и за својата длабока загазеност во средното доба со коментари за минувањето на времето: „Нè изеде времето. / Што апетит ќе имаше“ (Ibid, 16), или пак посериозно таговни заклучоци: „Сè помалку ѝ парирам на сегашноста. / Иднината е нешто во што ќе се / најдат некои други млади. / Минато сум, незавршено. / Тука сум, а ме снемува“ (Ibid, 19). Автореференцијалноста, која кај него најчесто значи и автоиронизирање, допира и до размислите за вредноста (суштината, целта) на пишувањето, кога вели: „Еден сум од многуте кои / целосно ја заслужуваат / наградата-заборав“ (Ibid, 19).4F
#b
1. Впрочем, и самиот Јовица Ивановски секоја своја биографска белешка ја завршува со истата реченица: „Сè уште живее и работи во Скопје“.
2. Иако Елизабета Шелева на одреден начин го проблематизира самиот термин „урбана поезија“, велејќи: „Мене, како на дете израснато во градот, овој израз ми се чинел како излишен плеоназам“ (Шелева 2009, 66).
3. Или, според зборовите на Шелева, поезијата на Јовица е „беспоштеден дијалог на уметникот со граѓанинот во себе – место каде се открива паганската бездомност, или, подобро, дводомност на поетот/уметникот – тој прогонет душман (џелат) на привидот, фасадноста, моралната дволичност“ (Шелева 2009). И Ана Мартиноска, во својот предговор на книгата Six Macedonian Poets (Arc Publications, 2011) вели дека Јовица е „поет кој постојано се обидува да го открие и објасни својот сопствен свет, својата поезија и својот живот“ (Мартиноска 6).
4. Се чини дека автоиронизирањето (или самоисмевањето, како своевиден чин на душевно прочистување) овде има и пошироки алузии, доколку се земе предвид дека Јовица никогаш не добил ниедна поетска награда, иако дури трипати бил во конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (во 2005, 2015 и 2016 година), која се доделува за најдобра поетска книга меѓу два фестивала.

2018-08-21T17:20:36+00:00 март 22nd, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 112|