Либроманија

Либроманија

Безопасен анахронизам или многу опасна зависност!

Еден, навидум безопасен анахронизам е на пат да стане сериозна пречка во остварувањето на грандиозниот проект за целосна имплементација на дигитализираната нова писменост! Станува збор за остаток од минатиот век, за една лоша навика, којашто слободно може да се оквалификува како патолошка!
Имено, уште на почетоците на дизајнирањето на, сега веќе згаснатата, „Гутенбергова галаксија“, визионерските умови знаеја дека тоа мора да биде една преодна фаза кон многу посовршен медиум! Но, како нуспродукт на тогашниот ентузијазам и неоправданиот либерализам, освен корисните и функционални дострели на прагматичните умови, беа графички фиксирани, или, да се послужиме со еден несмасен архаизам „испечатени“ и не мал број на нефункционални и непрагматични „дела“, коишто подоцна беа еуфемистички именувани како „белетристика“!
Е, токму оваа „белетристика“ денес го зема својот мрачен данок! И каде на друго место, ако не на нашиве простори! Ако во развиените членки на Алијансата, ваквата навика речиси е искоренета, па регистрирањето на случаите на либроманија е куриозитет, овде оваа појава е на пат да стане сериозен проблем! Најчести жртви на оваа зависност се припадниците на т.н „средна генерација“, којашто има и најголем отпор во прифаќањето на новата писменост! Тоа е и разбирливо, со оглед на фактот дека се родени и воспитувани во време кога оваа појава не била сфаќана доволно сериозно, па – дури парадоксално – и била охрабрувана! Од денешна дистанца, може јасно да се согледа колку било погубно формирањето на разните клубови на читатели, клубови на почитувачи на книгата, во коишто тогаш младите луѓе се поттикнувале да ја развијат оваа опасна склоност, којашто ќе ги одбележи нивните животи засекогаш!
Неодамна, еден таков руиниран „уживател“, се согласи да проговори за генезата на неговата погубна склоност. Г.Н., четириесет и петгодишен социјален случај, вели: „Тоа почна многу рано, уште на мои два-тринаесет години! Заради мојата физичка конституција, никако не можев да се адаптирам во игрите на моите другари, коишто, како на пример „Кој прв ќе остане без рака?“, бараа минимум стоицизам и психофизичка издржливост! Чувството на отфрленост се обидував да го амортизирам со препуштање на заводливото дејство на „белетристичките“ наслови. Почнав со работи како „Малиот принц“, „Галебот Џонатан Ливингстон“ и ми беше навистина убаво! Едно дотогаш непознато чувство на еуфорија ме обземаше кога ќе наидев на некои успешни места, морници ми полазуваа по р’бетот и со часови се препуштав на мечтаења за еден поинаков свет! Потоа, на мои шеснаесет години го открив Достоевски и веќе почнав да ги чувствувам и останатите симптоми: незадоволство и отуѓеност од реалноста, супериорност во однос на нормалните човечки суштества, циклична промена на расположението, од еуфорија до меланхолија, и, секако, неодоливата потреба за нови и нови наслови! Подоцна ги открив и ултрасилните Кафка, Брох, Пруст… и резултатот е очигледен!“ резигнирано ќе ја заврши својата исповед Г.Н.
Случајот на Г.Н. е симптоматичен, но за жал не е единствен! Сведоци сме на секојдневни глетки на вакви „уживатели“, коишто на јавни места: на седиштата на автобусите од градскиот превоз, на клупите во градскиот парк, безочно се препуштаат на нивната асоцијална склоност! Некои од нив, заради расеаност или намерна субверзија, ги забораваат распарталените „книги“ на дофат на секого, најчесто на дофат на најмладите, коишто заради нивната природна љубопитност, се најизложени на опасноста да дојдат во допир со овие контаминирани отпадоци, со подвлечени места и забелешки на маргините од нивните уживатели!
За среќа, свеста за оваа опасност е на високо ниво, па волонтерите на здружението „Огнот прочистител“, можат да се видат како, снабдени со неопходната заштитна опрема, ги отстрануваат примероците од овој опасен отпад, којшто завршува во печката за согорување на медицински отпад и неуспешно генетички третирани хумани ткива.
Управникот на Центарот за зависности и фототерапија, Д.Ислексов, се обидува да да даде едно пошироко гледање на проблемот: „Генезата на овој проблем, според мое скромно мнение, потекнува од два момента: Задоцнетото пристигање на придобивките од, како што ја нарекувате, „Гутенберговата галаксија“, коешто на овие простори, за среќа, се случува едвај пред нешто повеќе од шеесетина години, и институционализирањето на склоностите на еден, во почетокот тесен круг на уживатели, коишто користејќи ја празнината што се отвораше со кодификацијата на јазикот, успеа, потпирајќи се на плодната, но безопасна, орална традиција, да хиперпродуцира „белетристички“ наслови коишто беа масовно умножувани! За среќа, освен мал број на исклучоци, повеќето од нив не беа многу опасни, за разлика од погубните типови на Модерната! Дури, сега веќе можам да ја откријам стратегијата на моите претходници, којашто може да се именува како „хомеопатска“! Токму овие наслови од домашно производство, беа форсирани како задолжителни училишни лектири, за да се постигне обратниот ефект, т.е. за да се одвратат младите луѓе од оваа опасна склоност! Преведувачите на особено опасните Кафка, Џојс, …, коишто ни беа лојални, ги „адаптираа“ нивните продукти да личат на „белетристичките“ продукти од домашно производство, па се постигнуваше сличен ефект… хе,хе! Секако, имаше и преведувачи-ренегати, но за среќа не беа поддржани од издавачките куќи!
Конкретниот проблем на либроманијата, кај нас во Центарот се решава со терапијата „Точно на пладне“! Методот е едноставен: двојна доза атропин во зениците, две парчиња селотејп за очните капаци, и закоравениот либроман се поставува зад објективот на телескоп насочен директно во сонцето! Брзо и сигурно!
Секако, ова е пристап за безнадежните случаи! За оние за коишто има малку надеж, постои проектот „Спасете ја Ана Каренина“! Цел тим од програмери, ги дигитализира опасните наслови, ги „едитира“ и ги прави достапни за широк круг на корисници! Не се обеспокојувајте, интервенциите во заплетот се од таков тип што и најопасните примероци стануваат банални и здодевни четива!“ оптимистички ќе заврши прим. Д-р Д. Ислексов.
Се обидовме, колку што дозволува меморискиот простор, да укажеме на еден сериозен проблем! Ако кај вашите најблиски забележите нешто сомнително, без двоумење контактирајте го сајтот: http//www.bookdestroy.com

АвторК. Н. Ижмољлцев
2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 26|