Куќа/праг-хоризонт: Номадското искуство

/, Литература, Блесок бр. 39/Куќа/праг-хоризонт: Номадското искуство

Куќа/праг-хоризонт: Номадското искуство

* * *

Во социологијата, застапниците на номадологијата се преокупирани со т.н. мобилна култура и запрепастувачките бројки: дека секоја година има околу 600 милиони меѓународни патници, дека половина милион хотелски соби се градат секоја година, дека има 23 милиони бегалци, дека туризмот опфаќа десет проценти од глобалниот доход. Човечката раса влегува во нова епоха на движење и преселби, едно скитање на народите што овој пат ја опфаќа не само Евро-Азија туку целиот свет. Во денешното време, со развојот на микротехнологијата, „глобалните номади“ ќе можат сета своја „покуќнина“ да ја соберат во еден куфер и ќе бидат „географски независни“ тие ќе можат да патуваат колку сакаат и каде сакаат“. Субјектите на историјата, некогаш седентарните земјоделци или граѓани, сега стануваат мигранти, бегалци, гастербајтери, азиланти, градски бездомници. Едвард Саид, во 1992 година, тврди дека фаќелот на ослободувањето е предаден од седентарните култури на бездомните, децентрирани, егзилични енергии. Дури и протестантската и католичката црква, кои го практикуваат мисионерството веќе развиваат номадски цркви, начини на приод кон номадските заедници каде црквата не е еден осветен и сакрален простор, туку е секаде каде што заедницата го исповеда словото божјо.
Василис Ламбропулос смета дека зборот „имиграција“, со неговите економски: ниските класи кои бараат нов дом во потрага по подобар живот или политички конотации: бегалзи, егзиланти, азиланти, експатриди, повеќе не соодветствува. Денес мигрираат студенти, бирократи, новинари, научници, уметници. Се брише стариот термин на дијаспората и се создава нова мигрантност: креолска, хибридна, нестабилна и екс-центрична. Полскиот уметник Кшиштоф Водичко, согледува како ордите на раселените сега го заземаат јавниот простор во градовите – плоштадите, парковите, или железничките станици, места што некогаш биле проектирани од победничката средна класа за да се прослави освојувањето на новите политички права и економски слободи.
Но овие прашања сè уште се разгледуваат преку модернистичката визура на оттуѓувањето – каде мислителите се или фасцинирани од земјата или ламентираат над бездомноста, а во секој случај сметаат дека капитализмот и технологијата ќе ги остават западњаците без корени, традиција, континуитет и вера. Земјата во таква визура не може повеќе да се насели, таа се узурпира, одзема, окупира, се купува под цена. Како што вели Ашерсон, овој кошмар: теророт на луѓето што се движат, наследен од големите преселби за време на Римската Империја и по нејзиниот пад и обновена од хунските и монголските пљачкосувања на запад, преживува и во новата Европа по револуциите од 1989 г. Тој вирее како страв на Западот од сите луѓе кои што патуваат, од милионите што притискаат на портите на Европа како „азиланти“ или „економски мигранти“, од социјалниот колапс во Источна Европа што ќе го одлее половина население кон Запад. Државата се обидува да воспостави контрола на својата територија, на дотекот на странците, да воспостави систем на права и обврски над мигрантите кои го маргинализираат центарот и ја „загрозуваат“ доминантната култура. Затоа и денес весниците се полни со најразлични примери на државна и општествена неправда, расна и секаков вод друга дискриминација над бездомните, скитниците, во земјите од првиот, но и од вториот и од третиот свет. Денес многу традиционално номадски народи се угнетени поради насилната и несоодветна владина политика кон нив (на пример, Фуланите во Нигерија).

* * *

Номадизмот станува преокупација и на уметничкото писмо. Во оваа прилика нема да зборуваме за Кенет Вајт и геопоетиката, кој е доста присутен во македонскиот уметнички контекст. Брус Чатвин разликува номадска и урбана уметност. Првата е подвижна, асиметрична, дисонантна и немирна а втората е статична, цврста и симетрична. За разлика од старите автори, како Вашингтон и Џеферсон, за кои западот на Америка бил, невин, празен, неколонизиран простор кој фалусно ја чека своето цивилизирање, новите мислители на големите американски пространства негуваат поинаков сензибилитет. Жан Бодријар ја опишува Америка како пејзаж покриен со хиперреални симулакруми, како депонија полна со празни означители, една немерлива онтолошка пустина.
Зборувајќи за уметникот како номад, Стефано Пасквини се прашува колку е битно местото на живеење за творење. Тој дава неколку примери на уметници кои си поигруваат со концептот на седентарноста. Шест уметници прават проект во кој живеат некој фиктивен лик во различни држави. Нивното искуство се документира на видео лента. Робин Брауер е еден вид куратор на овој проект. Тој смета дека денешниот номадизам се потпира на постмодерното наследство, со поимите како хетерогеност и мултиплицираност. Според него постмодернизмот има доза на наивизам, зашто номадизмот во денешни услови бара експериментален витализам и прагматска етика за да може човек да се движи меѓу териториите идентитетите и доминантните значења кои го зафаќаат секој простор од општеството. Номадизмот бара практичен сензибилитет кој ќе може да мутира и да ги одбегнува овие граници. Некои автори го третираат мејл-артот како највисок израз на уметнички номадизам. Според нив секој може да влезе во оваа уметност и да искористи кои било стари или нови техники за да си создаде своја уметничка мрежа во сите дисциплини. Казуиро Такабатаке, уметник што се занимава со видео и инсталации во Лондон смета дека секое општество има строго дефинирани ролји, но токму уметникот може постојано да ги преиспитува тие улоги и да се движи номадски од поле во поле од простор во простор.

* * *

Прашањето на куќата и прагот се поврзани за категориите на континуитетот и дисконтинуитетот. Батај на пример, овие концепти ги третира како дел од неговата метафизичка конструкција. Според него континуитетот се постигнува преку искуството на божественото. Божественото се постигнува преку бегство од светот на дисконтинуитет, на одделеност, во светот на континуитетот на истоста. Дисконтинуитетот е она што го овозможува човековото постоење, неговата индивидуација. Континуитетот пак повторно може да се достигне само со смртта.
Во однос на светото и профаното, Мелиса Мајлс го разгледува граничниот простор. Таа се повикува повторно на Делез и Гатари кои граничниот простор го означуват како простор на маѓесниците. За разлика од номадот којшто не може да се подели, магот живее на работ од полето на граничниот премин помеѓу два света. Нил Ашерсон зборува дека многу од скитските номади живееле двоен живот: и како номади и како градски поданици, и го користеле преоблекувањето како премин од едниот во другиот идентитет. Номадските друиди, пак, го користат ритуалот да ја изгубат себноста и да одат во меѓупросторот. Лавиринтот од друга страна служи како место на прагот, каде што наместо концептот на надвор и внатре, постои патека која постојано се развива и се трансформира и нема почеток ниту крај. Патувањата се граничен простор затоа што овозможуваат средби на две култури, каде се воспоставува контакт зона и меѓуграничен простор.

* * *

Во македонскиот контекст, пишувањето на тема куќа/праг има негативна проекција. Македонското население во последните стотина години главно се „обескуќува“, се отселува, емигрира, мигрира, присилно се исселува, се депортира, внатрешно се расселува, се разбива за да се асимилира, и најчесто живее под кирија. Погледнато од седентарен аспект, од каков најчесто се гради вертикалата на националниот мит, со метафорите на коренот, куќата, втемеленоста, прадедовското огниште, есејот за македонската куќа добива глазура на меланхолија, ламент, но и на бес, а македонскиот праг е граница, врата, оттаде, од каде нема враќање.

* * *

Ако имате какви било стравови или надежи во врска со номадското доба, чии контури ги назначивме во овој мал есеј, на интернет може да пронајдете рецепт како да преживеете во него. Таму има совети како да изградите своја сопствена Јурта. Јурта е номадски шатор, подвижна кружна форма која може да се расклопува и склопува, а која ја користат некои народи од централноазиските степи. Добра јурта може да трае од педесет до шеесет години. Материјалите за јурта: платна, колци, кожи, черги, сè уште можат да се најдат на некои пазари во разни земји од светот.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 39|