„Куќата на улица Манго“ од Сандра Сиснерос

/, Литература, Блесок бр. 92/„Куќата на улица Манго“ од Сандра Сиснерос

„Куќата на улица Манго“ од Сандра Сиснерос

(колективната) меморија одекнува од квартот

#1 „Луѓето во моите текстови беа вистински, во најголем дел, од тука и таму, од сега и тогаш, но понекогаш три вистински луѓе беа заедно преплетени во една измислена личност… Ги сечам на делчиња и ги зашивам заедно настаните за да се прилагодат на приказната, да ја обликуваат на начин да има почеток, средина и крај, бидејќи вистинските животни приказни ретко ни доаѓаат во целост. Сепак емоциите не може да се измислат, не може да бидат позајмени. Сите емоции што моите ликови ги чувствуваат, добри или лоши, се мои.“ (Сиснерос 1984: XXIII). Иако Сандра Сиснерос се потпира на автобиографски елементи во „Куќата на улица Манго“ (1984), нејзината новела не се вбројува во автобиографскиот жанр, туку претставува еден вид колаж од настани, ликови и места кои независно едни од други формираат вињети. Вињетите, пак, не се исклучиво хронолошки поврзани, но сепак сочинуваат целина на гласовите, приказни, бои и движења кои еднаш заедно одекнувале од улицата Манго.1F Преку нејзините (Сиснеровите) приказни, приказните на Есперанца Кордеро2F, и оние на соседите на Есперанца, Сиснерос го пренесува југозападното латино искуство од големиот град и од улиците, односно од квартовите.
Потпирајќи се на книгата на Сиснерос „Куќата на улица Манго“, ќе се обидам да видам како личните искуства стануваат спомени и како тие спомени прераснуваат во приказни. Дали она што доаѓа од искуство и меморија го прави пишувањето силно, моќно, убедливо и до одреден степен, блиско? Дали Сиснеровите спомени, одразени во животното искуство и јазикот на Есперанца, придонеле кон колективната меморија на латино заедниците и нивниот живот во квартовите? Во тој поглед, во првиот дел од овој есеј ќе го разгледам концептот на Морис Халбвакс (1925) за колективната меморија и како тој би се применил во приказната на Сиснерос и латино искуството, каде латино меморијата зависи од животот во квартот, каде поголемиот дел од латино искуствата се наоѓале/наоѓаат. Во вториот дел од овој есеј, ќе го разгледам начинот на кој судбината на жените во квартовите се чита од/низ приказните на соседите на Есперанца.

1. Колективна меморија: преплетување на искуства, приказни и знаење

Отсекогаш сум сакала coming-of-age приказни. Она што допирало до мене во врска со овие приказни е невиниот глас кој го сретнуваме на почетокот на приказната, кој постепено се обликува како што заминува во разоткривање на околината, а со тоа и сопственото место во светот. Созревање, акултурацијата, сексуална свест, мудрост, да споменам само неколку од фазите кои го сочинуваат синџирот на растење – процес низ кој поминал секој од нас. Да се пишува за детството е да се признае и да им се даде значење на годините кога едно помладо „нас“ трагало по сопствениот животен пат. За време на нашето детство, ние апсорбираме и акумулираме вредности пренесени од страна на семејството и заедницата, експериментирате со овие вредности: ги ставаме во пракса и согледуваме дали тие функционираат во секојдневниот живот или пак не. Како бела Македонка, не можам да пишувам за chicano искуството или животот во квартовите, без да ги земам во предвид опасностите да го упростам ова искуство. Необјасниво chicano писателите допреле, и сè уште допираат до мене, преку нивните срдечни приказни за растењето, семејството, училишниот живот, љубовта, спријателувањата, нешто што и мојата јужначка култура (позиционирана на слична оска на болка и солзи, заедно со смеа и музика) го претставува.
Една од главните демографски промени на која САД се подложени во последните пет децении е постојаното растење на хиспано населението, каде Мексиканците го сочинуваат најголемото население од шпанско потекло, претставувајќи речиси две третини од популацијата со шпанско потекло во САД. Покрај историските, економските и политичките околности на кои мексиканското население кое живее во САД било подложно до сега, тие успеале да ги сочуваат своите традиционални и културни вредности, надвор од границите на својата татковина и во новата средина во која живеат. Сепак, вредностите и традициите не може да се чуваат во вакуум и да бидат постојано непроменливи.
Преку нејзината приказна за растењето, Сиснерос не позајмува елементи само од нејзиното сопствено минато, притоа давајќи им на читателите конкретен историски момент во осумдесетите: таа, исто така, зема парчиња и делови од приказните на нејзините ученици; приказни во кои таа го препознава сопствениот кварт од детството и животот во него. Тие приказни, заедно со нејзиното искуство како Чикана која расте во кварт во Чикаго, ја навеле да ја отвори фиоката на спомени, приказни, парфеми и бои кои биле долго заклучени, и од кои некогаш се срамела: „За повеќе од 18.000.000 Американци со мексиканско потекло кои живеат во Соединетите Американски Држави, формативните години претставувале мешавина од радост, фрустрација, болка и потрагата по идентитетот.“ (Лопез 1993:6)
Во „Растејќи како Чикана/о (Американци чие потекло е од Латинска Америка),“ Тифани Ана Лопез има внимателно одбрано и групирано различни Чикана/о приказни од истакнати Чикана/о писатели кои раскажуваат различни приказни, но кои сепак се неразделно поврзани со „еден автобиографски глас, кој продолжува да биде важен за членовите на заедницата кои бараат отсликувања на сопствени животи во рамките на делата.“ (19) На таков начин, преку нејзиното пишување Сиснерос го реконструира нејзиното искуство од спомените кои таа долго време се обидела да ги заклучи, и повторно да ја издигне куќата на улицата Манго. Куќата, како меморијално место, нема само за цел да ги комеморира луѓето кои живееле во нејзините простори во даден момент, туку се протега надвор и ги опфаќа заедничките спомени на соседите, на улиците и аглите на квартот. Имено, Сиснерос користи колективна меморија – сопствената меморија, заедно со таа на нејзината мајка и нејзините студенти – за да ја раскаже приказната на квартот. Таа повторно ги посетува напуштените простори, ги прифаќа разликите кои ја двоеле од остатокот од нејзините англосаксонски соученици, како што се нивното социјално и економско потекло, и собира храброст да го прифти она што таа некогаш фанатично одбила да го посочи – нејзиниот дом. „Во една нација на имигранти, повеќето американски етнички групи во одреден момент се бореле со тоа како да се помират со фактот да имаат идентитет што е вкоренет истовремено во нивните земји на потекло и во САД, особено кога тие истовремено се и расните етнички малцинства. Овој хибриден идентитет често спојува различни култури и традиции.“ (Вајнер и Ричардс 2008: 114).
Создавањето на хибриден идентитет произлегува од потребата да се даде смисла на сопствените различни, амбивалентни и честопати спротивставени ставови за светот и своето место во него. Луѓето прифаќаат дел од она што нивните родители ги научиле во животот, но потоа одлучуваат да ги стават на страна работите кои не им се допаднале или со кои не се согласувале, затоа што можеби, искуство ги научило поинаку. Ставени во овие ситуации, луѓето, особено децата, стравуваат дека нивното несогласување се толкува како непослушност, па дури и предавство на културата, а со тоа и на родителите. Ова е постојаната борба на Есперанца која се обидува да ги усогласи нејзините традиционални мексикански вредности со околниот модерен, и според неа, ослободувачки американски начин на размислување.
Во своето плодотворно дело за колективната меморија, Морис Халбвакс наведува дека умот ја реконструира меморијата под притисок: „Она што ги прави последните спомени да висат заедно не е нивната временска последователност: всушност тие се дел од една целина на мисли заеднички на една група, група на луѓе со кои имаме врска во овој момент, или со кои сме биле во контакт претходниот ден или денови.“ (Халбвакс 1992: 52) За време на нејзиното учество во работилницата за писателите во Ајова (1978), лишена од каква било инспирација, Сиснерос се чувствувала дислоцирано, ја доживеала својата другост која, не сфатила сè до нејзината втора година на колеџ, ќе стане самата тема на нејзината прва книга. Поткрепена од личните искуства, сослушувајќи ги приказните на нејзините студенти3F, инспирирана од судбината на Чиканите и секогаш водена од гласот на мајка си, „бидејќи нејзиниот глас е оној кој го слушам кога ќе седнам и почнувам да пишувам,“4F Сиснерос ѝ го позајмува својот глас на Есперанца за да ја раскаже приказната за квартот. Оттука, личната меморија повеќе не постои сама по себе, туку станува дел од една групна меморија на споделени знаења и искуства, како што Халбвакс истакнува во неговото дело. Исто така, во својот труд Халбвакс зборува за менталитетот на традиционалното семејство и начинот на кој неговите сеќавања се регистрирани. Меморијата не се однесува само на слики од минатото, туку, таа комбинира „модели, примери, и елементи на предавање на знаење“, изразувајќи го ставот на групата, кој потоа постојано се репродуцира во иднината (1992: 59). Во наративниот дискурс ова се преведува како заедничкото „ние“. Во „Куќата на улица Манго“ „ние“ се појавува секој пат кога Есперанца зборува за нејзиното семејство кое се сели од едно на друго место; таа го дели „ние“ со својата помала сестра, Нени, кога си играат надвор со нивните другарки, Рејчел и Луси, или, пак, кога зборува за луѓето кои живеат во квартот вклучувајќи се и себеси наспроти оние кои не се дел од него.
Соодветно на тоа, во неговиот есеј „Меѓу меморијата и историјата“, Пјер Нора ја потенцира потребата на поединецот да го осмисли своето постоење, откривајќи го нивното минато. „Следејќи го примерот на етничките групи и социјалните малцинства, секоја основана група, интелектуална или не, образована или не, ја почувствувала потребата да замине во потрага по своето потекло и идентитет. Всушност, денес речиси и нема семејството каде неодамна некој член не се обидел да ги документира колку што е можно попрецизно скриените постоења на неговите или нејзините предци“ (Нора 1989: 15). Без разлика дали се плашат да бидат заборавени, или само сакаат да ги споделат своите приказни, или и двете, луѓето се секогаш во потрага по нивниот начин на меморирање кој најдобро ќе одговара на нивната приказна и ќе им овозможи да придонесат кон збирот на заедничкото културно знаење.

2. На жените

Кога читам книга или гледам филм, не можам да се воздржам да не навлезам во машко-женските односи. Покрај тоа, како женски читател од XXI век, се фокусирам на женските ликови, важноста што тие и другите ја придаваат на нивната сексуалност, употребата на нивното тело како инструмент, како и нивната самосвест или недостатокот од неа. Како резултат на тоа, во вториот дел на есејот се одлучив да зборувам за женските ликови во „Куќата на улица Манго“. Низ секој од женските портрети Сиснерос ги доведува во преден план стравовите, ограничувањата и соништата на жените кои живеат исклучиво во квартот, како и на оние кои живеат надвор од неговите граници.
Сандра Сиснерос го започнува нејзиното дело со посветата, „На жените“, на тој начин „признавајќи дека голем дел од нејзината борба за идентитет во квартот била водена од прашањата за родот“. (Блум, 2010: 19) На тој начин, преку нејзиното набљудување на жените кои живеат на улица Манго, Есперанца гради различни женски портрети. Во исто време, нејзиниот опис на жените открива многу од нејзините лични стравови и мечти. Поголемиот дел од приказните, пак, претставуваат предупредување за она што Есперанца не го сака за себе во животот: да биде зависна жена засенета од машката доминација. Ѕиркајќи во секој двор и агол на улицата, таа наоѓа нова приказна за раскажување. Есперанца го понесува читателот на прошетка, овозможувајќи му да слушне, види и сведочи за различните животи кои жените ги живеат на улицата Манго.
Да продолжиме понатаму: навистина, латино културата во голема мера е патријархалната во својата суштина, каде што носителот на моќта е очигледно најстариот машки член во семејството. Гледајќи го овој свет во целост, Сиснерос ја избира Есперанца како нејзин главен латино лик, една девојка на осетлива возраст кога повеќе не се чувствува ни како дете ни како жена. Оваа амбивалентност е придружена со спротивставените чувства на Есперанца кон домот и семејството, во комбинација со чувството на дислокација одразено во очајната потрага по сопствено место, место кое ќе може да го посочи без да се засрами. Сонот на Есперанца за црвениот балон (1984:9), и нејзината восхит кон високите дрвја, директно се огледува во нејзиниот копнеж да го напушти квартот еднаш и засекогаш, да ги пречекори неговите граници и да го достигне синото небо. Слично на тоа, желбата да ги премине психолошките граници на нејзиниот секојдневен живот се рефлектира во нејзиното прашање кон калуѓерка во нејзиното училиште за дозвола да јаде во училишната кантина. Сепак, на крајот Есперанца е разочарана, решавајќи дека кантината и не е толку добра како што таа ја замислувала. (45) Целта на оваа метафорична епизода е да ја научи Есперанца да не го идеализира светот надвор од квартот, бидејќи може да заврши разочарана.
Понатаму, она што оваа coming-of-age новела изнесува се спротивставени, и честопати неубедливи мисли во однос на зреењето, како што Есперанца станува свесна за својата сексуалност и интересот што го буди кај мажите. Она што во еден момент може да изгледа интересно, во следниот ја згадува. На пример, во поглавјето „Семејството со мали стапала“, Есперанца заедно со нејзините другарки, Луси и Рејчел, облекуваат шарени високи потпетици и се шетаат по улицата провоцирајќи ласцивни коментари од посматрачите. На почетокот, чувството да се биде во центарот на вниманието ги возбудува; сепак, на крајот тие се згрозуваат од стариот човек кој ги моли за бакнеж. Заедно решаваат да ги фрлат чевлите, бидејќи „се уморни да бидат убави“. (42) Иако млада, Есперанца сфаќа дека да се биде убава жена е опасно. Оттука, нејзината желба да го напушти квартот не потекнува едноставно од нејзината свесност за расните и економските услови околу неа, таа сака да избега од судбината што ги пресретнува жените во квартот. Така, таа станува свесна за наметнатите родови улоги и потиснатото женско тело. Родот во квартот е константа: конструкција која не се менува и која, како што мажите и жените ги присвојуваат своите пропишани традиционални улоги, постојано се повторува. Ова продолжување често укажува на страв од промени, страв од предавство на традицијата или едноставно недостаток на насоки, или урнек за следење. На пример, децата ги земаат нивните родители за урнек во секојдневните ситуации и потешкотии со кои се соочуваат и ги следат нивните насоки, барем во раните години. На таков начин, во традиционалното општество, девојките имаат тенденција да се огледаат на нивните мајки и баби и жените во нивните животи, и сметаат дека да се биде грижлива мајка, послушна жена и талентирана готвачка е вистинската улога која треба да се присвои. Како што Фабиен Дарлинг-Волф истакнува во нејзината студија за хибридни идентитети „За жал, родовите дихотомии не можат да бидат толку лесно заобиколени. Поради недостаток на други можни идентификации, категориите на маж (машки род) / жена (женски род) никогаш не може да бидат целосно избегнати во дневните реалности во животот на поединците“. (2008: 68) Во „Куќата на улица Манго“. на пример, децата одат во католичко училиште за да учат за традицијата и како истата да се зачува, а со тоа и како да ги усвојат веќе пропишаните родови улоги. Згора на тоа, Есперанца воведува неколку ликови кои најдобро ја илустрираат репресијата на жените во квартот, нивната судбина и она во што тие препознаваат начин да го напуштат квартот. На пример, нејзината братучетка Марин е заробена во нејзиниот дом, бидејќи од неа се очекува да се грижи за нејзините браќа и сестри. Иако нејзиниот пол ја подложува на оваа улога на секундарен згрижувач, таа, исто така, се потпира на нејзиниот пол и нејзината убавина за да најде маж кој ќе ѝ овозможи да го напушти квартот. Додека во случајот на Марин убавината е средство со кое една жена би можела да избега од квартот, во случајот на Рафаела убавината ја заробува жената; сопругот на Рафаела ја чува заклучена во куќата, бидејќи таа е премногу убава. Оттука, Есперанца станува свесна за репресивната моќ на мажите кои сакаат да ја контролираат сексуалноста на (нивните) жени. Слично на тоа, Сали и Минерва се само уште едни жртви кои паѓаат во репресивните раце на нивниот татко, односно сопруг, од кои Есперанца учи за животот на злоупотребуваните жени кои се предмет на насилство во домашните простори. Од друга страна, Мамасита ја отелотворува мексиканската култура и жената која е неспособна „да се вклопи“ во американско-мексиканскиот начин на живот. Така, таа е олицетворение на чувствата на дислокација и немоќ за кои Есперанца често размислува и против кои се бори. Никој не ја гледа Мамасита на улиците, поради јазичните ограничувања; како што тврди Есперанца, таа избира да остане дома и да тагува по нејзиниот дом. Така, таа останува, како што Мелиса Ф. Вајнер и Беделиа Никола Ричардс (2008) заклучуваат во нивниот есеј за дијаспорен хибрид, „неспособна и неволна да се асимилира“, живеејќи на маргините на две култури кои всушност никогаш не се спојуваат. Преку шпанските песни што ги пее и шпанските радио емисии што ги слуша и кои одекнуваат преку нејзиниот прозорец, Мамасита постојано ги потсетува минувачите и децата кои си играат на улиците на нивните мексикански корени. Последно, но не и помалку важно, Есперанца раскажува со тажен но восхитувачки тон за нејзината мајка: образована жена која сака да пее и да слуша опера. Згора на тоа, нејзината мајка претставува грижлив родител. Како што Сиснерос ги собира портретите од себе, нејзината мајка, татко ѝ и другите татковци, тетки, како и нејзините ученици во нејзините ликови, Есперанца ги изложува во две сцени сеќавањата за нејзината мајка. Она што Есперанца го насликува го надминува физичкиот изглед на нејзината мајка; имено, таа ги отсликува чувствата на љубов, топлина, заштита и нега кои се јавуваат во неа секој пат кога е во близина на нејзината мајка. Иако Есперанца ја опишува мама како мултиталент, се чини дека нејзината мајка е заглавена во културните норми и не може да функционира надвор од границите на квартот. Таа ја учи Есперанца за важноста на образованието, поттикнувајќи ја да остане доследна на нејзините соништа, бидејќи тие ќе ѝ ја осигурат независноста.
Несомнено, во нејзината делумно биографска новела, Сиснерос ги испреплетува приказните на жените што ги сретнала во квартот; во нејзиното интервју со Марта Сац таа вели: „За мене квартот беше репресивна заедница. Ми се чинеше застрашувачки и опасен за една жена. Иднината на жените во квартот не е прекрасна“. Целта на пишувањето на „Куќата на улица Манго“ била, како што вели Сиснерос, да се спротивстави на шареното и живо претставување на квартовите од страна на мажите. Дали ќе изберете да ја прочитате оваа книга како автобиографска скица или не, паралелата помеѓу писателот, Сандра Сиснерос, и главниот лик, Есперанца, е неизбежна. Тие бегаат од квартот и го наоѓаат својот дом во срцето преку нивното пишување, двете пишуваат „за да ги ослободат другите раскажувајќи ги нивните приказни.“ (Блум 2010: 54) Се надевам дека оваа анализа помага да се преиспита последицата од (колективната) меморија во потрагата по идентитетот. Од каде потекнуваат моите родители, чии приказни слушав како дете, со кого си играв на улиците, во кое училиште одев, кои примери одлучив да ги следам, да споменам само неколку од прашањата кои ги пресретнуваме кога се обидуваме да откриеме, идентификуваме и дефинираме кои сме. Без разлика дали свесно или не, понекогаш го избегнуваме нашето потекло, нашето минато, сакајќи да ги заборавиме поради срам, непријатни искуства или други причини. Сепак, да се стави нешто во заборав, не значи дека тоа ќе исчезне; нештата ќе најдат начин повторно да се појават во даден момент и да ни одржат лекција. Од нас зависи дали ќе се сопнуваме од нив и ќе се обидеме да ги избегнеме или ќе избереме да ги препознаеме, да ја научиме лекцијата, па да ги претвориме овие искуства во приказна која треба да биде споделена со другите.

#b
1. Улицата Манго е измислена улица. Сепак, куќата на улица Манго се базира на вистинска куќа лоцирана на улица Кембел во Чикаго. Всушност, Сиснерос манипулира со времето и просторот, и ги носи во куќата на улица Манго искуствата од другите населби исто така, кои не се исклучиво нејзини.
2. Есперанца е главниот лик и главниот наратор во „Куќата на улица Манго“.
3. Сандра Сиснерос работела во Латино Млади алтернативното средно училиште во Чикаго, а подоцна и како административен асистент и советник за малцинските и обесправени ученици во Лојола Универзитетот во Чикаго.
4. Интервју на Марта Сац со Сандра Сиснерос.

2018-08-21T17:20:47+00:00 ноември 3rd, 2013|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 92|