Куќата на лудаците

/, Литература, Блесок бр. 16/Куќата на лудаците

Куќата на лудаците

Куќата се наоѓаше сред празната чистинка, близу до мочуришното устие слично на злокобна шепа, сред маглата и топлите пареи. Нејзината внатрешност, меѓутоа, дење-ноќе беше блескаво осветлена. Секој болен си имаше своја соба, послана со тенки килими, со неверојатно многу украси. Сите соби имаа двојна перспектива: штом ќе се отвореше големата двокрилна врата, целиот простор се стопуваше во раскошен бидермаерски салон; отворањето на помалата врата создаваше поинаква глетка: во длабочината разоткриваше двор со полски нужник каде што една по друга клечеа жени. Доаѓаа со мажите како на корзо, ги собуваа новите чевли и фустани, по долги гаќи влегуваа во клозетот и не затворајќи ја вратата — нужникот можеби беше без врата — седеа на дрвените постаменти.
Жителите на куќата ги измачуваа фикс-идеи. Еден лудак мораше да шета по бедемот пред да изгрее сонцето. Една луда не можеше да заспие сè додека сите не поминат низ нејзината соба. Ако некој го заборавеше тој ред, ја ставаше на големи маки: не само што таа ноќ ќе останеше будна, туку осамнуваше уверена дека никогаш повеќе нема да заспие.
Со доаѓањето на старецот многу нешта во навиките на куќата се променија зашто тој самиот не се придржуваше кон никакви правила. Одејќи од соба в соба, внимателно слушаше за секојдневните внатрешни драми што го потресуваат тој скаменет свет. (Ти имаш толку мека кожа, ѝ рече на девојката поради која беше дошол или која беше тука поради него.)
Излегуваше со нив в поле. Требаше нешто да се стори, а еден од лудите секогаш се враќаше во куќата зашто го заборавил алатот потребен за живот в поле: чеканот и малото секирче. Божем не знаеше дека нивната употреба е забранета и дека казната за секое отсечено гранче е смрт. Немајќи што да јадат во полето, и на што да се огреат, најпосле легнуваа под пресата (генијален пронајдок на Старецот) која ги сплескуваше и ги претвораше во живо дводимензионално кадро; секој ден одново, кога и да излезеа в поле, нивниот живот се претвораше во фотографија од оној друг свет.
Едно утро старецот си замина. По него останаа старите навики на куќата, но улогите на жителите се променија: оној што шеташе по бедемот посака сите да минуваат низ неговата соба, а жената што се плашеше дека нема да заспие започна во мразните утра да шета по бедемот. Настана таква збрка што никој не знаеше кој е, ни каква му е маката.
Најпосле, еднаш кога маглата се расчисти над полјаната, близу до устието-дланка, на местото каде што се наоѓаше куќата осамна проѕирна празнина; ги немаше нигде ни чудните жители. Како тоа да беа суштества што ги создаде мочуришната пареа со која и исчезнаа.

АвторМитко Маџунков
2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 16|