Куси раскази

Куси раскази

Бидејки соседите знаат сè за своите соседи
Се разбудив седејќи /овој расказ ке треба да одлежи или отстои малку/
/и/ Кога зениците на затворените клепки се движат лево-десно-лево-десно… – сон -
Кога се разбуди беше ист ден

… Овој ден е еден од оние денови кога луѓето се убиваат. Сами или со нечија помош. Самите себеси или некого; сами или со нечија помош. Сончево е. Луѓето се стеснети во некои /неколку/ ѕидови и во самите себе.
Помислив на миг во овој ден кој е еден од оние денови кога луѓето се убиваат меѓу себе или самите себеси и јас да… зошто да не… Себе? Некого? Сама? Со нечија помош?
Премногу прашања за еден ден, а всушност и не знам постои ли ден кој не е од оние денови кога луѓето….војуваа меѓу себе. И јас. Со некои луѓе против некои други луѓе. Вистинска мала војна. Пукав. Пукаа. Убивав. Убиваа. Не ме погоди ниту еден куршум. А прилично ги имаше кои ми беа упатени. Не носев заштитен костум, но ниту еден не ме погоди. Токму кога помислив дека некој од нив е можно да ме погоди кога најмалку очекувам, по неколку дена, можеби, одеднаш-не знам-како-настапи: пауза.
Во пауза: ја зедов пушката на М., кој во меѓувреме беше станал пацифист, и излегов надвор да убивам птици – чавки, конкретно. Нишанев и гаѓав гулаби, по некоја необична случајност. Не знаев дека зениците ми се движат лево-десно-лево-десно. Во лет и на земја. Ниту еден не погодив, ако е потребно, заради некоја прецизност, да се нагласи. Се вратив и му ја вратив пушката на М. која веднаш стана мојот црвен чадор. Тоа е, обично, невозможно, но не се сетив дека сонував и затоа почнав да подготвувам ручек. Чудно но ни тогаш не се сетив дека сонувам и затоа продолжив. Не се сетив дека сонувам ни кога печев леб и затоа го прободев со нож неколкупати. Кога помислив колку многу агресивност има во мене – еден гулаб долета на плехот од прозорецот – ми стана јасно дека сонувам, или така сакав да верувам и – се разбудив. М. остана во кујната правејќи салата. Тоа понекогаш го правеше и во тоа немаше ништо необично.

… Овој ден сè уште е еден од оние денови затоа решив да отворам пиво и да гледам како некои нови муви во ова-скоро-па-лето веќе летаат, кога ќе го испијам или пиејќи го. Се решив за првата алтернатива. Кога го испив пивото мувите веќе беа одлетани. Незнаено каде. Веќе не знаев зошто-сето-ова– ионака-каква смисла -има-нема-никаков, та затоа запалив цигара и ја издувував во последната точка од последната реченица. И тогаш се сетив дека ова нималку не личи ниту на мене ниту на мојот стил и ќе мора брзо и ефектно да се заврши. • Ставив точка која се разбира требаше да означува крај, запалив друга цигара и се упатив кај другите ѕидови и меѓу другите ѕидови за да видам што сега М. прави.
Тоа што М. го правеше нема да биде ефектно за кој било завршеток, но тој, сепак, би се рекло замислено, гледаше во мојот црвен чадор. Потоа се упати во кујната и отвори едно вистинско скопско светло пиво.
Ова ебено време ме прави
, рече пред да го ставам вокменот на уши. Кога го ставив рече: депресивен. На кое време мисли, не прашав. Погледнав низ прозорецот а знаев: ѕидовите во кои луѓето беа стеснети се потеа. /И/ Затоа што: неописливо тегобно и морничаво, сакав, конечно да /го/ заврш/ам/ и овој СОН: тогаш еден гулаб долета на плехот од прозорецот; неговите ситни чекори по споменатиот плех можат да го вознемират кој било заспан човек и затоа тој ќе ги отвори очите.

2018-08-21T17:21:38+00:00 април 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 35|