Куси раскази

Куси раскази

Бидејки соседите знаат сè за своите соседи
Се разбудив седејќи /овој расказ ке треба да одлежи или отстои малку/
/и/ Кога зениците на затворените клепки се движат лево-десно-лево-десно… – сон -
Кога се разбуди беше ист ден

Возев по врвот на /една/ планина. На две тркала возев. Со автомобил возев. По врвот на една планина. Врвот – не остар ко жилет, не стрмен ко врв на планина, на пример. Напротив: рамен и песоклив. Тркалата се заглавуваа во песокта; и пропаѓаа и исфрлуваа зрна песок околу себе; шлајфуваа, што би се рекло едноставно. /И/ едноставно излегов од автомобилот и го туркав едноставно. По врвот на /една/ планина. Го туркав едноставно, лесно, со еден прст би требало да се каже попрецизно. Не знам точно со кој а и да знам не знам колку тоа би помогнало за да се разбере положбата во која се наоѓавме: врвот на планината, двете тркала на автомобилот и мојот кој било мистериозен прст. За сето ова време, не обрнувајки ѝ внимание на состојбата погоре наречена положба – јас го туркав автомобилот на две тркала со еден било кој мистериозен прст. Ако може да се каже дека се турка нешто што се турка лесно, без напор, без ттууурркааање, туку едноставно со – туркање, или со т-у-р-к-а-њ е.
/И/ не знам колку време сè така лесно со прстот испружен по врвот на планината на автомобил со две тркала кои шлајфуваа, но ми здодеа веќе. И затоа: едноставно го зедов автомобилот и го ставив во десниот, згодно погоден, страничен џеб на фармерките кои во меѓувреме, забележав, се искинале на колената, и сакав да продолжам – пеш но оддеднаш: едноставно: ја сфатив положбата/состојбата во која се, наоѓам(е) и се разбудив точно на време за да го слушнам на соседите будилникот во 06:30 иако немав потреба. Затоа: се свртев на другата страна, ја ставив перницата на глава и продолжив. Да пешачам, овојпат.
Тоа беше сосем обична дневна прошетка по сосема обични секојдневни што би се рекло: улички и уличи, сокаци и сокачиња и тротоари, онаму каде што имаше тротоари иако по улиците не се движеше ниту еден автомобил; ниту на две тркала нешто се движеше; немаше ниту паркирани автомобили; едноставно – без автомобили.
Набргу: ја сфатив состојбата/положбата во која се наоѓам, но – продолжив да спијам – ми беше потребен одмор од вчерашното заморно и претерано планинарење и: седнав на една клупа и седев и седев и седев сè додека /одморена/ не се разбудив – седејќи ако кажам ќе претерам овојпат и на хартија, па затоа ќе го оставам овој расказ да одлежи или да отстои малку.

2018-08-21T17:21:38+00:00 април 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 35|