Кој ја запали темнината?

/, Литература, Блесок бр. 20/Кој ја запали темнината?

Кој ја запали темнината?

(Семејни врски)

БАСНА
Не треба да се меша со Босна. Во басните животните се стекнуваат со човечки особини, а во Босна луѓето со животински.

БОРИС
Ненадејна појава. Автентична, жилава, отпорна. Омилена. Долго безимен, го бараше своето место во светот. А тогаш го освои, не одземајќи го од другите. Ме тераше да се навикнам дека имам синови, на прашањето „Како е син ти?“, да одговорам „Кој?“. Ми го промени животот. Ни го промени животот. На Роман му се замеша во наследството. Наследство? Ќе може ли воопшто, по оваа војна, за тоа да се зборува? Дури, веројатно, ни ја олесни загубата на Предраг, на мојата мајка, загубата на Вареш…

БРАТ
Тоа е она што ти го раѓа мајката и што го оставаш дома кога како најстар ќе појдеш во светот. Тоа е она што ја има твојата крв, твојот татко, твојата мајка, а ретко со него се разбираш, бидејќи патем низ светот си собрал други сродници, со друга крв. Тоа е она што ти јавува дека мајка ти умрела, а ти не можеш да сфатиш бидејќи радиоврската е толку ладна, толку лоша, а има толку многу шумови. Ако имаш и друг брат, тоа е она што никогаш нема да го чуеш, бидејќи војната неспособните ги прави понеспособни, способните уште поспособни, макар, помалку и сосем поинакви. Едниот е во Армијата на БиХ. Другиот во ХВО. Едниот го бранеше Вареш од другиот. Потоа вториот го ослободи Вареш од првиот. Сега едниот е славен ослободител. Другиот е ранет и се наоѓа на територијата на заедничкиот непријател. Ништо не разбирам, а не сум сигурен дека ним нешто им е јасно. А на сестрата, мислам дека дури нејзе ништо не ѝ е јасно. Фала му на Господа што мајка ми е мртва и не мора да се труди ништо да разбере.

ВАРЕШ
Тоа е кога имаш родно место и тоа е впишано во твоите документи. Во тоа место имаш свои гробови и сè свое. Тоа е кога се околу него војници кои не го сакаат, а во него се два вида бранители кои го сакаат и тие ќе се испотепаат околу тоа кој повеќе го сака, а оние што не го сакаат не прават ништо против него. Слабите бранители на Вареш му нанесоа зло, оние појаките – уште поголемо зло. Најлошо е што моите браќа беа во оние две различни војски што го сакаат тој мој Вареш. Најлошо е што за ништо не се прашуваа. Најлошо е што тој мој Вареш падна. Мојот брат го бранеше. Најлошо е што е тој мој Вареш ослободен. Мојот брат го ослободи. Најлошо е што јас повеќе го немам Вареш, а и за браќата малку знам и не знам дали да се радувам или да плачам. Во секој случај, јас го загубив мојот Вареш. И сите го загубија. Никој не може да го добие Вареш.
И во иднина ќе имам родно место. Доволно ќе биде да погледнам во документите и ќе знам кое е.

ЈАС
Прво, последно и единствено граматичко и животно лице. Не треба да се каже ни најважно, нити еднина, бидејќи множина не постои. Само јас ја доживеа војната, само јас е убиен, само јас е ранет, само јас боли, само јас страда, само јас гладува, се смрзнува, сака и мрази. Само јас сè разбира и ништо не му е јасно. Само јас се јуначи и се плаши со очи на дете. Војната помогна јас да сфати зошто и Господ е – јас. Зошто е еден, единствен, прв и последен, најважен. Надвор од јас нема ништо, а сепак не е ниту сам, ни осамен, не е сиромашен со чувства. Јас? Како јас го сакам јас! Јас – како тоа плурално звучи.

МАЈКА
Тоа е она што секогаш и најмногу се грижи. И со причина и без неа. А кога може мајката да се грижи најмногу, и тоа со причина, освен во војна? Мојата мајка се грижеше во првата половина од војната, во втората не. Во втората половина умре. Сега за нас веќе никој не се грижи. И не мора – сега сме веќе големи, а се навикнавме и на војната. Она малку грижи што не ги однесе со себе, нерамномерно ги распредели на своите деца, па сега јас се грижам малку повеќе за сите нас. Можеби и другите така мислат за себе, ама јас тоа не можам да го проверам. Ќе го чекам крајот на војната. Најлошо е што мајка ми умре далеку, 45 километри од мене. Така, не успеав да отидам на погребот. Ни сестра ми, која беше уште поблиску. Дојдоа браќата, во паузата меѓу бранењето и напаѓањето на Вареш. Не знам кој од нив тогаш напаѓаше, а кој бранеше, но и тоа не е важно. За среќа, умре пред војската да го ослободи Вареш, и нејзиниот и мојот, и на сите нас. Тоа ослободување баш и не беше потребно. Вака, барем знам каде е закопана. Покрај татко ми, кој тоа место за неа (но, и за нас – така се договоривме) отиде да го резервира порано.

ПРЕДРАГ
Име кое од неодамна ја носи бесмисленоста на секоја смрт од идеали. Потоа среќавав многумина кои зборуваа слично. Но, никој не беше подготвен тоа да го напише. Веројатно сè уште е свежо сличното мислење на некој рокер и реакцијата на тоа е жестока.

Тешко е да се каже што боли повеќе: смртта или дополнителното спознание за нејзината бесмисленост. А спознанието секогаш е дополнително. Кога смртта би имала шанса да биде дополнителна.

РОМАН
Пред војната го имав Роман. Синот. Во војната го објавив првиот роман, а го напишав и вториот роман. Роман им се радуваше на романите. Домашната јавност – не. Јас му се радував на читањето на романите. И мојот Роман. Врв на записот за мојот роман е што го прочита цел еден облакодер. Сега веќе го пишувам својот трет роман. Мојот Роман, најважниот од сите Р/романи, заврши основно училиште, се запиша во гимназија, од дете стана момче и – доби брат. Да не биде сам меѓу романите. Сега од романите е поважен и – Борис! Братот на Роман.

СЕСТРА
Среќни се луѓето што ја имаат. Не го знаев тоа порано. Не знам ни кога го дознав тоа. Сепак… Од градот отиде како бремена жена, затоа што некои Муслимани од неа, Хрватка, направија четникуша!? Беше тоа во времето на хајки по секого. Тогаш сите беа сомнителни. Оттогаш од неа сум добил две писма. Не пратив ниедно. На српските територии е и мава по нас. Таа? Нејзиниот маж? Поблиските роднини на маж ѝ? Кој да го разбере тоа? Имав една сестра и поради неа би сакал ништо да не е како што е. А дали некогаш ќе биде поинаку? Од ова, веројатно, полошо не може да биде: таа сè уште не знае како изгледа мојот втор син, нејзината ќерка сè уште не запознала ниеден од своите тројца вујковци. Ние сме за нив усташи, бојовници на Алија, муџахедини, како што ги учи нивната сакана телевизија. Таа за нас е четникуша. Женски род од четник, т.е. Смрдлива, пијана, брадеста креатура, како што нè учи нашата сакана телевизија.

Превод: Анастазија Цако Режина

АвторЖељко Иванковиќ
2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 20|