Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

/, Литература, Блесок бр. 120 - 121/Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

Оттука, оваа книга ни е потребна и за уште еднаш да нè потсети дека ни се потребни не само промотивни туку и катадневни, критички, компаративни и аналитички читања и препрочитувања, оти само така ќе имаме не само реална претстава, туку и посоодветни критериуми за вреднување на поетските достоинства создадени во нашево време.

При внимателно проследување на изборот (пред сè на автори) поместен во книгава која ја држите в раце, се доаѓа и до оцена дека при селекцијата приредувачот не се потпирал многу на фактографијата за бројноста на објавени книги од еден автор, на добиени книжевни награди и на доживеани пофалби како клучен критериум (што не е случај со други избори) – туку дека останал доследен на определбата да бидат застапени исклучиво поетите за чии стихови, според книжевни критериуми, оценил дека заслужуваат внимание и вреднување. Па најверојатно затоа, во ова издание (свесно) се изоставени некои автори, иако во периодот по 2000 година имаат потпишано повеќе објавени книги одошто поголемиот дел од застапените, или пак имаат добиено книжевна награда, но не биле уверливи во сопственото „жртвопринесување“ пред олтарот на естетиката…

Токму затоа, Гласови на новиот век ни е потребна и за уште еднаш да ни укаже дека при вреднувањето/оценувањето на книжевното дело и на книжевноста воопшто, не треба да се потпираме на критериуми кои (во нашиов, македонски, актуелен контекст) не се секогаш книжевни. Оваа книга ни е потребна и за да ни покаже уште еднаш преку направениот избор на автори, дека во поезијата и во книжевноста воопшто, меѓу квалитетот и квантитетот не постои знакот „еднакво“. Оти неретко една песна може да заслужува поголемо внимание и од цели полици со потпишана, вкоричена хартија на која се забележани обиди да се напише песна…

Секако, можеби во овој избор би можело и би требало да биде застапен и уште некој автор, но убеден сум дека приредувачот сигурно има причина за секој изоставен, незастапен. Исто онолку колку што има причина и за секој застапен! Оти меѓу овие корици веќе имаме издание што ни е потребно и за да биде иницијална каписла за постудиозен, посеопфатен пристап во читањето, вреднувањето и интерпретирањето на македонската поезија на нашиов век – издание што ни е потребно да нè освести и дека досегашниот изминат период од XXI столетие не е мал/краток за книжевноста, особено не за поезијата… издание што ни е потребно за да ни покаже дека кон поетското творештво создадено во изминативе дваесетина години веќе не можеме да се однесуваме само како кон нешто што е ново, дека новите поетики присутни во современата македонска поезија не можеме да ги толкуваме само како експеримент – ами сето тоа треба да го согледуваме и вреднуваме во еден поширок контекст на севкупната македонска поезија, и во контекст на она што во изминативе години и во моментов се случува во и со поезијата во европски и/или светски рамки.

Можеби некој ќе негодува и зошто авторите (со исклучок на оние кои за жал, физички веќе не се меѓу нас) сами ги имаат/ме избирано песните со кои се/сме застапени во овој избор. Но оваа книга ни е потребна и за да биде своевиден тест за самокритичноста на голем дел од носителите на македонските поетски гласови на новиов век. За да биде „испит“ не само на нивната/нашата творечка зрелост, туку и на подготвеноста сопственото поетско „јас“ да се согледа реално во македонската книжевна дијахронија. Можеби некој ќе негодува и зошто со ова издание е опфатена само оваа „категорија“ автори на XXI век, а не се опфатени и оние кои своите најголеми творечки дострели ги остварија во минатото столетие, а активно пишуваат и објавуваа(т) и во изминативе две децении… Ама оваа книга ни е потребна и за да биде барем увод во добивањето реална претстава како во нашиов век, со нови поетички решенија, со поинакви тематски предизвици и поинакви димензии на поетски слики се развива вертикалата на современата македонска поезија во која тие, „незастапените“, „постари генерации“ автори (или, подобро речено, еден дел од нив), веќе се имаат вградено….

АвторИван Антоновски
ПреводМилан Дамјаноски
2018-09-20T12:50:06+00:00 септември 19th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 120 - 121|