Кон „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов

/, Литература, Блесок бр. 70/Кон „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов

Кон „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов

#1 Книгата кратки прози „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов, условно составена од четири дела („Пред-слово“, „Слова“, „Пред-слика“ и „Слики“) во кои се поместени вкупно четириесет кратки прозни записи, во два циклуса „Слова“ и „Слики“, парадоксално, се чини, пред сè засегнува една епска тема која на друг начин е разработена во едно друго дело, „Кон другата земја“, од Митко Маџунков, а тоа е другоста (себеспознавањето преку/ во очите на другиот/ читателот/ второто јас). Имено, самиот наслов сугерира неколку прашања од типот: „кој сум јас?“, „кој е мојот простор?“, „како да го опишам и запишам?“, и што е уште поважно „како да го именувам?“. Впрочем, како и Маџунков, Гогов не само што ја тематизира другоста (опозицијата „себе“: „друг, низ полето/ телото на јазикот) ами како да тргнува токму од местото кога, главниот лик од „Кон другата земја“, Кирил, на својот син му зборува дека ќе му напише книга „не од зборови, туку од она од што тие настанале“ и ја развива својата „приказна“, запрашувајќи се што со тоа мисли Кирил: Како без зборови да се напише книга? Куриозитет е што оваа книга во својот нерафиниран облик, прво го освои интернет просторот, а потоа хартијата! Читањето, пак, на „Географија на маленкоста“ бездруго, претпоставува една книжевна компетенција во Калеровска смисла, каде да се интерпретира делото значи да се раскаже приказната за читањето.
Гогов во својата книга кратки прози не вели дека го знае одговорот од спомнатите прашања, ниту пак стапува во некаков директен дијалог со наведената книга, но сите слова и слики во неговиот земјопис на маленкоста, се еден од можните одговори на прашањата: „А што беше пред зборот?“, односно, „Од што е составен зборот?“, конечно: „Што го предизвика зборот да се појави?“. Одговорот можеби е неважен и арбитрарен, и не се состои само во поврзаноста на зборот со сликата (и обратно); можеби самата потрага по одговорот, самата игра е поважна од одговорот, зашто Гогов знае дека тоа не е само онтолошко прашање за постанокот на нештата, на јазикот, на текстот, (на јазикот и текстот како тело и дело), па затоа избегнува да филозофира, (но не е и да биде нефилозофичен кога на пример, на крајот од „Пред-словото“, поентира: „Кажи постојам!“). Така тој се појавува истовремено и како Создател, но и како (библиски) Читател на она што го создал!
Гогов со своето писмо посочува дека длабоко припаѓа на традицијата којашто го карактеризира спојот помеѓу интелектуализмот и сексуалноста, во Бартовска смисла, каде читањето е споредено со Еросот, писмото со заведувањето, предавањето со играта. Уште во самиот почеток на „Географија на маленкоста“, со Пред-словото, тој му се обраќа на читателот, заведувајќи го и повикувајќи го на игра: „Треба да се пополни белината, читателу“, така не само што го воведува како еден од чинителите во текстот, како „собеседник“, како „имплицитен читател“, туку и на формално ниво, како жанровска конвенција, како муза која се повикува да му помогне на поетот, да го вдахне, да го каже зборот, како рамноправен, како некој на кого Авторот му го отстапува престолот, за тој да го каже всушност она што веќе го знае. Тоа се отчитува и во вториот дел на книгата, во единствената „Пред-слика“, кога експлицитно ѝ се обраќа на музата Калиопи, всушност правејќи го ова дело со (најмалку) два почетоци, истовремено создавајќи и едно отворено дело, кое парадоксално, како што вели Умберто Еко, наспроти затворениот текст (т.е. оној што е отворен за секое можно читање), како отворен текст е затворен за определени читања.
Кога Ацо Гогов, на вака заводлив начин си игра со конвенциите (т.е. со почетокот и крајот), односно „одложувањето“ на крајот во Рикеровска смисла, се чини е инспириран од она што Митко Маџунков го вели во „Кон другата земја“ за словенскиот свет, словенскиот простор, дека е тоа еден бришан простор, еден простор на заборавот, еден устен дијалог, усна култура, историја која има многу почетоци, а малку краеви, историја која има многу „оратори“, а малку „пишувачи“, секако мапирајќи еден простор кој долго време бил не само лишен од писменост, туку и од сеќавање, односно спомени, кои го сочинуваат знаењето за себе и за другиот. Парадоксално, и Гогов како да се согласува дека зборовите се составени токму од тоа – сеќавањата, кои ако останат незапишани бледнеат, стануваат нестварни, неточни и несоодветни (за себе и за другиот), па своевидната итност да бидат запишани ја наметнува и нивната фрагментарност, згуснатост, кондензираност како кратки прозни записи во самата „Географија на маленкоста“. Тие таму функционираат не само како „Слики“ и „Слова“, туку токму како еден простор кој се населува, како зборови кои ја добиваат својата полнозначност во мигот на своето создавање, во мигот на изговарањето и артикулацијата! Овие зборови не се само слики, не се само „имагинативна искуствена способност со помош на некои средишта да се досегне тоталитетот“ – тие можеби се самите средишта. На почетокот беше зборот, а пред зборот беше сликата, а пред сликата … случајноста?
На тој начин, бележејќи ги тие „сеќавања“, Гогов најмногу се доближува до кратката проза на Иво Андриќ, посебно до фрагментите од „Знаци крај патот“, со својата навидум попатност, како еден вид на интимен дневник, импресии по повод некој настан или средба, патеписни белешки, скици за портрет и сл., а со својата рефлексивност и со својата длабока замисленост тие фрагменти се наметнуваат како огледало на неговата душа. Иако не е ист принципот на организација на текстовите во книгата, како кај Андриќ, и кај Гогов не е пресуден текот на времето, како што е случај со класичниот дневник, туку спонтаната работа на душата која живо и чувствително реагира на секојдневните поттици, и ги преработува во медитации и визии, во снимки на пределите и луѓето, нивната радост, тага, осаменост. Како што вели Ролан Барт – „Животот е составен од ситни осамености, а токму нив ги бележиме со најсофистицираната камера – очите“, така и Гогов, спонтано и незадолжително, со љубопитни очи го реди својот духовен дневник. Текстот во книгата, за разлика од кај Андриќ, не расте и не се развива како органско ткиво: еден фрагмент да се потпира на друг, овој на следниот и така до крај. Сите текстови се со прилично иста должина и не формираат една целина. Во таа смисла, се забележува одредена неотпорност: текстовите од циклусот „Слова“, особено оние кои го тематизираат јазикот со неговите делови (граматика, реченица, интерпункција), ја немаат силината и убедливоста на повеќето од циклусот „Слики“, зашто не се издигнуваат на едно повисоко ниво на поетизација, туку се задоволуваат почесто да функционираат како една јазична игра која завршува со некаква поента. Со својата композиција, од два дела („Слова“ и „Слики“) со две „преткомори“ („Пред-слово“ и „Пред-слика“) „Географија на маленкоста“, всушност претставува вивисекција на едно срце (со своите комори и преткомори), запис на еден кардиограм, на безброј мали, но силни срцеви отчукувања, на еден збран живот во простор кој допрва ќе се шири и ќе освојува додека не стане географија на еден рид, една река, една улица, една љубов… еден живот!
За Гогов, како и за Ролан Барт, читањето и пишувањето се двете основни среќи кои го откриваат единственото соучествување помеѓу емоцијата и интелигенцијата: пишуваме, не за да ја материјализираме идејата, туку за да ја исцрпиме задачата што во себе ја носи сопствената среќа. Пишувањето е настојување да се неутрализира секоја моќ, да се говори без ароганција. Таков е тонот на раскажувачот во „Географија на маленкоста“, сугериран и во насловот: без ароганција, но моќен, суверен, на пишувач кој е сигурен во себе, кој знае, и кој е начитан, но и внимателен. Раскажувачот во „Географија на маленкоста“ е свесен дека сè има своја претходница, дека ништо не се создава од нула, и е свесен за сопствената лишеност, сопствената маленкост, за својот осиромашен простор кој досега го населил и оплодил, односно како што во еден од последните фрагменти самиот вели: „Нема гори и ридови“. Оваа книжевна објава е секако еден рид во тој згрчен простор, и поттик за едно творечко ослободување на Ацо Гогов, од кого во иднина очекуваме уште комуникација како читатели.

2018-08-21T17:21:03+00:00 февруари 14th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 70|