Колач од јаболка

Колач од јаболка

Потоа остануваат сами и пијат кафе. Долго молчат, но не можат да се разделат. Одеднаш имаат толку време за себе. Седат, маѓепсани од близината на оној другиот. Не ѝ е лесно да разбере што се случува. Чувствува дека телото има свој живот, иако свеста се спротивставува на тоа.

Таа вечер во предворјето на хотелот – забележа ли момент на колебање кај него? Заедно влегоа во лифтот. Сами. Тој стоеше потпрен на вратата, со главата малку зафрлена, со полузатворени очи. Таа беше малку оддалечена, сосема мирна, речиси вкочанета од напнатост. Без поздрав, секој си отиде во својата соба. Го соблече капутот и ги собу чевлите. Тој влезе по неа. Во полумракот, потпрена на ѕидот во собата, го прими неговиот прв бакнеж. Само со усните, прво многу нежно, како да се плашат дека ќе се повредат еден со друг. Телата не им се допреа, сѐ уште не. Нивниот однос сѐ уште беше невин, повлекувањето сѐ уште беше сосема возможно.

Во моментот кога се најде во неговата прегратка, се почувствува како прикована за него, како веќе да нема каде да избега, затоа што го посакуваше.

Долго плачеше по таа прва заедничка ноќ. Беше свесна дека нејзиното тело, со кое управува копнежот, истовремено е и предавник, причината поради која копнежот меѓу нив ќе исчезне исто како што се појави.

Дојде и следната вечер. Всушност, заедно влегоа во собата. Веднаш ѝ го подигна фустанот, уште пред да ја затвори вратата. Толку беше сигурен во себе, како веќе да воделе љубов неброено многу пати.

Подоцна му раскажува за своите соништа во кои водеа љубов од моментот кога се сретнаа. И за тоа како се обидуваше да се види себеси со неговите очи.

Тој се смее, ја гледа. Насмевката му е заразна. Ѝ вели дека е тоа сосема невозможно, не може да се види себеси онака како што ја гледа тој. Не може да знае колку го возбудува.

Можеш ли?

Не.

Сепак, не сака кога утрото ќе ги затече заедно. Едно утро, кога се разбуди, нагло се сврти од неа. Ѝ се причини дека се изненади кога го виде неговото лице. Заборавил ли каде е, со кого е? Нежно го бакна во рамото. Тој се сврти и ја погледна, затечен од нејзиниот гест. Како на улица изненадно зад грб да му пришла непозната жена и да го бакнала. Почувствува дека е напнат, дека нејзиниот допир во тој момент му е неподнослив. Во неговите очи виде дека во тој момент е далеку од неа, дека нема начин да допре до него. А до пред малку лежеше покрај неа и спиеше спокојно како дете. Таа беше сосема расонета, растреперена од погледот на модрото небо, од допирот на чаршафите и од близината на неговото тело, кое ја чини поинаква.

Сношти, додека тој лежеше на стомак, таа со прстите му поминуваше низ грбот. Чувствуваше струење на топлина, а кожата му беше топла, испотена. Се препушти на нејзините раце, речиси ѝ се топеше под прстите. За неа масажата е начин да му се приближи, нејзините прсти со допирот да го расчленат неговото тело на мускули, тој совршен, прецизен организам да биде под нејзина власт.

На последната ноќ од конференцијата, стана среде ноќ и без збор си отиде во својата соба. Зад себе остави истуткани чаршафи и белина што ја ужасува. Белата е боја на самотијата.
Очекувањето да ѝ се придружи за појадок се претвори во чувство на изненадувачка празнина и пораз. Надворешниот свет допираше до неа во фрагменти – тропање на садови, нечија смеа, делови од разговори. Целосно е сконцентрирана на него, дури и кога е отсутен. Сфати дека порано си отпатувал.

Градот во кој имаа конференција ја оставаше рамнодушна. Во туристички автобус се возеше наоколу со другите од групата и глумеше воодушевување. Луѓето околу себе ги гледаше како дводимензионални фигури. Немаше сила да разговара со нив, во нивните гласови го слушаше неговиот, во нивните лица го гледаше неговото. Се плашеше да не ги забележат нејзината отсутност и напнато исчекување. Лажеше дека ја боли главата.

АвторСлавенка Дракулиќ
ПреводКристина Велевска
ПреводЕлизабета Баковска
2019-01-15T10:19:35+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 123|