Колач од јаболка

Колач од јаболка

Се мрази себеси кога ќе почувствува загриженост и се обидува да го замисли во моментите кога не се заедно. Како што се сега, на масата, во ресторанот. Со чинија со колач од јаболка и со две чаши бело вино пред себе. За нив двајца не постои друго време освен ова. И не постои друго место освен овој ресторан, кој во зимското предвечерје веќе не изгледа мрачно.

Додека седи со него на масата во ресторанот, се чувствува целосно присутна, сосредоточена на него. Веќе не го слуша ни неговиот глас, го слуша само како некое далечно мрморење. Важни се само неговата присутност и возбудата со која ја исполнува. Важно е само времето во кое се заедно. Го посакува, сака да биде со него, но не прави ништо за да го привлече. Само при секоја средба станува сѐ посвесна за сопствената преобразба. Младичот од другата страна на масата повторно ја претвора во жена. Доволно е да го погледне, да ѝ се насмевне. Со својата насмевка ја осветлува, ја чини видлива. Тој е прекрасно и лажливо огледало што има моќ да ѝ покаже поинаква верзија од себе.

Знае дека е тоа неправедно кон нејзиниот маж, со кого по половина час ќе седне на маса и отсутно ќе го слуша неговиот познат, смирувачки глас. Смирувачки глас, во тоа е разликата меѓу нив.

Едниот глас ја смирува. Другиот ја вознемирува.

Кога е во друштво на тој младич, чувствува дека нејзиното тело се однесува како да има сопствена волја. Одеднаш исчезнува минатото, сето она што инаку го чини нејзиниот живот станува неважно и во тој момент постои само во една димензија. Под негова власт е, изложена на неговата милост.

Понекогаш, кога се враќа дома од ресторанот, во неа се отвора застрашувачка пукнатина. Живее како и секогаш, оди на работа во издавачката куќа, на враќање свратува до продавница и готви за вечера. Го чисти станот, ги простира испраните алишта, го фрла ѓубрето и ја менува постелнината. Додека среде некоја од тие работи не почувствува толку силен копнеж по него што мора итно да седне некаде или да се потпре на ѕид. Исплашена од чувството дека не се познава себеси.

Тој е нов уредник во списанието за кое таа понекогаш преведува. Кога се појави, не го привлече нејзиното внимание. Се среќаваа на состаноците на редакцијата – се чинеше авторитативен, но упатен во работата. Љубезен кон соработниците, со разоружувачка насмевка и со убав глас. Згоден на некој неуреден, безгрижен начин. Сето тоа таа го регистрира како попатни факти.

А потоа се случи нешто, не знае точно што. На конференцијата во друг град. Седна на празниот стол покрај него. Во мракот на салата удобно се смести подготвувајќи се да го слуша говорникот. Одеднаш ја почувствува неговата рака на својата. Тоа траеше само момент, веднаш ја повлече, се наведна кон нејзиното уво и шепна: Извинете! Таа ја повлече раката како изгорена: низ целото нејзино тело молњевито проструи топлина. Несвесно си ја допре надлактицата и ја принесе кон лицето, гледајќи го сосема збунета. Но топлината што ја почувствува сѐ уште не се беше загубила, како со тој допир неговата кожа да остана залепена за нејзината. Го забележа ли тој нејзин гест? Ја одаде ли нејзината реакција, дали тој забележа дека неговиот сосема случаен допир кај неа предизвика некој вид физички шок? Не можеше да остане мирно да седи покрај него. Стана и едвај дојде до последниот ред. Се тресеше како да има треска, како тој допир, дарувајќи ѝ топлина, веднаш потоа да ја преплави со студенило.

АвторСлавенка Дракулиќ
ПреводКристина Велевска
ПреводЕлизабета Баковска
2019-01-15T10:19:35+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 123|