Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите

/, Литература, Блесок бр. 09/Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите

Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите

Таа болест. Болест за која ниту се зборува ниту се покажува а најмалку пак навреме се открива – а кога тоа ќе се стори веќе е доцна. Се јавува без болка, доаѓа тивко и подмолно а разнебитува и разнесреќува двојно повеќе одколку што може да се претпостави; доаѓа однадвор многубројна и разнослојна а нејзината цел е нејзините составни делови да се соединат во едно – во средината на телото. Ги напаѓа прво прстите од нозете и од рацете па косата која побелува на очиглед, навлегува низ устата и низ носот, низ очите и низ кожата која не е покриена со облека и лека полека како крадец почнува да длаби во телото на човека без тој да сети дека нешто му се случува: без око да му трепне – што се вели. Нејзините многубројни делови небаре носејки абер се сретнуваат во душата човекова и стануваат едно; едно кое ниту боли, ниту пече, ниту пак се помрднува од место, но човекот што носи таква болест станува напатен за навека: наклеветен да допека.

*

Беше ден за капење и чешлање на страна, ден за рубомена, за бричење, пребројување дребни деца, за мирисање тамјан, за држење плачни очи врз богородичините, ден за одѕивање на камбаните, ден околу годините кога го беа измислиле некаде во белиот свет кадросувањето и конечно, ден кога – сполајти боже на името што му го даде – Трендафил напред а другите две деца и една жена по него, тргнаа да се кадросат за прв пат во животот, весели а сепак збунети, мирни а сепак недоспани.
Се држеа едни за други – жена му и малите деца – за да не се изгубат во метежот на градот и да не го изгубат од вид него, кој трчаше напред на неколку чекори од нив дотеран и накинџурен во селско како за на панаѓур, правејки место со лактите помеѓу пазарџиите и муфљузите, помеѓу џамаларите и јаничарите, арапите и костенарите, оџите и хоџите, арамиите и бељаџиите, кој ниту срам ниту перде имаа во турканиците.
И минуваа покрај нив пенџерињата на коџабашиите и расипаните стакла на слаткарите, сјајот на златните заби на златарите и темните погледи на кратците скриени во уште потемни сокачиња; минуваа покрај нив басма и свила– дуќаните, кафе и чај– сараите и никако било што и било кој од овие да застане на едно место зошто, Трендафил не даваше.
Трчаше напред како споулавен туркајки се и ритајки се ту погледнувајки си го палтото – да не му го шуфроса некој – ту вртејки се назад да види дали неговите го следат.
А тие, трчаа по него без здив и без застан иако очите на децата и очите на жената се лепеа како лепешки на пенџерињата на чистите и мамливи дуќани и да не беше кадросувањето како настан што ги чекаше, веројатно некој од нив понесен од убавините, ќе застанеше крај било кое пенџере и ќе речеше без срам „сакам ова“ или „сакам она“и тогаш Трендо ќе мораше да го одврзе ќесето и да извади од дукатите и наполеоните што ги стискаше како стипса уште од денот на неговата свадба, за посебни прилики.
Таа болест го фати Трендафила кога тој, а и сите по него, застана пред дуќанот со кадросани лица кои свртени вака или така, обоени или осенчени во образите, што жени што мажи, што турци што арнаути, си ги беа засекогаш оставиле душите заробени во малечки квадратни плочки и така бездушни скитаат некаде по белиот свет. Нежно задоволство помешано со страв се спушти врз себично стиснатите душички. Оддолу некаде, од стапалата кон главите им вриеше крвта. Така застанати и изненадени од возбуда нивните лица личеа на слики во кои гледаат сликите од внатре од пенџерето. Се чинеше дека се сите среќни, се до мигот кога Трендо со веќе собрана храброст и одлучност на глава на семејство не рече:
„Ќе купам чадор“!
Бидејки беше ден за кадросување и бацување икони се, ама токму се можеше да се вклопи во редот на мислите на жената и децата, се па дури и тоа дека конечно после толку оддолговлечувања убедувања и расправии сите заедно за спомен ќе се кадросаат а сликите ќе ги обесат на ѕид како што тоа го прават богатите трговци со басма и тие со свила и со кафе – но никако не можеше да се вклопи еден обичен чадор кој никој освен Трендо не го беше забележал како во истиот излог со слики стои исправен и горд во еден од аглите и, се разбира беше за продавање.
Секако таа не верувајки му на тоа што го слушна пак го праша а тој пак одговори а таа пак го праша а тој пак одговори. Се упатуваше на тоа дека тој воопшто немаше намера да се кадроса и дека помислата да купи чадор му е од многу порано и дека за тоа не кажал само за да не се случи
било каков план во главата на неговата жена кој би го оневозможило купувањето.
Затоа, за прв бележит знак на појавувањето на таа болест кај него се смета мигот кога тој почна пред излогот со фотографии да вика дека сака чадор па чадор како мало дете, иако имаше бајаги години. Дури и неговите мали деца го гледаа збунети од сосема новиот тек на настаните. Како и да е на жената и стана повеќе од јасно а особено одкако тој тоа најјасно и го кажа, дека Трендафил сака да стане ако не чорбаџија тогаш во најмала рака господин а ако нема чадор тогаш како и кој воопшто ќе препознае во него таква особина?
„Добро бе а со кој пари ќе купиш чадор, чадори да ти никнат на главата“ се обиде таа да спаси нешто ако воопшто може да се спаси па продолжи дека што мисли тој оти ако купи, веднаш ќе го примат во пареа со богатите, него Трендафил гробарот, него Трендафил градинарот, него молерот и ѕидарот, него ѓубреџијата и носачот на грб, него вошкарот и продавачот на суво сено?
„Не! Чадор ќе купам“ вели тој и очите се повеќе му светкаат додека на другите се повеќе им потемнуваат.
„А што со твоите лафои од вчера со кој велеше дека утре, утре ќе одиме да се кадросаме, додека ние весели те дворевме и ти ги стискавме плеќите од радост?“– пак таа иако се повеќе гласот и тонеше во пискотот на децата кои се растревожија чувствувајки караница.
И тогаш таа уште рече – како последно нешто – дека на децата треба пинци да им се купат и дека газјата и солта се при крај а …
Ништо повеќе не вредеше оти тој викна на сиот глас – а дури и покрај големата турканица и влези– излези луѓе сепак се најдоа неколкумина да се свртат и да видат кој вика – „Ќе купам чадор кога велам… чадор ќе купам!.
Понатаму не се разговараше. Очите на Трендафила веќе не беа негови, му се беа спуштиле зениците во бунарот на сетата на чие дно се наоѓаше таа болест.
Си го беше извадил марамчето и си го беше почнал да си го брише бишкастиот си тил. Се вртеше ту лево ту десно да види дали уште некој му се пули дека сака да купи и тој чадор од истото место од каде што купил и зевзекот Трајко и господин Митре и поп Јосиф и госпоѓа Магдалена за зетот Милан, па дури и Трипун со двете ќерки што си ги беше омажил за трговци.
Трендафил веќе не беше истиот од вчера.
Таа болест веќе му беше поминала низ целото му тело па му беше скромно стигнала до жолчката па до желудецот каде што бидејки не нашла ништо интересно оставила се како што е та продолжила да бара се додека во еден мал агол на телото не ја беше видела собрана од страв душата Трендафилова во чие меко телце веднаш без двоумење си ги беше зарила модрите си нокти покажувајки дека не само што нема намера да си оди туку и намерата нејзина е да остане. И колку повеќе таа го стискаше толку повеќе тој не ја препознаваше веќе ниту сопствената си жена на која со инат и го беше разобличил ликот, ниту сопствените си деца кои почнаа да урлат гледајки и чувствувајки дека нешто не е в ред, ниту пак минувачите кои се повеќе заинтересирани за нивниот случај почнаа да прават мали кругчиња околу нивното семејство.
Трендафил во тие мигови се гледаше само себеси како со чадор во рацете им се приклучува на другите азгани од малото па заедно со нив го шетаат угоре удолу пазарот.
Таа болест беше веќе завладеала со светот.
Ја турна со сета сила жената од него извикувајки „ај сиктер“ и таа занесена од турнувањето падна врз двете деца а потоа заедно со нив сите тројца ничкум на земјата. Попусто се слушаа зборовите „немој жити ја жити децата не арчи ги јабана парите…“ – ништо не помагаше, па таа плаченичкум си ги собра парталите и децата и оддалечувајки се викна на сет глас за да го слушнаат и сите други „Чуму ќе ти е црни Трендафиле чадор во земја каде што никогаш не врне дожд?“
Откако остана сам пред излогот, го растера народот со пцовки гробарски и молерски па дури и пајтонски, извади од џебот една заврзана марама ја одврза ги изброи парите и смело зачекори во дуќанот.
Беше пладне време и пожолто од кога и да е, кога Трендафил можеби посреќен од кога и да е излезе од кај фотографот исправен и горд во својата носија: со фес на главата, со широки ѕиври кои завршуваа во угоре свиткани пинци, бела кошула стегната со колан околу половината и црн елек од чоја. Во десната рака стегаше долг црн чадор и се пулеше ту наваму ту натаму помеѓу разбеснетиот од брзање народ. Направи неколку чекори по улицата и застана со подраширени нозе потпирајки се на чадорот небаре се кадросува. И навистина не остана незабележан: почнаа да го поздравуваат што Шиптари, што Турци, што Арнаути, и Еѓиптјани, што Арапи и Азербејџанци, што Курдистанци и што ти уште не.
И што повеќе да се рече за лицето на Трендафила, беше тркалезно и смешно во сопственото задоволство – тој и таа болест беа среќни!
Но одненадеж како никогаш дотогаш се втурна народ во бегство, фатија да пиштаат жените и да плачат децата, да трчаат коњите и маските да урлаат магарињата и мулињата, да се затвараат дуќаните да паничи дуњата. И се здаде невидена глутница по тесните сокаци: наидуваше таа во сопсвениот бег како река, како лава, како крај на светот. Во далечина се гледаа јазици од пламен пукотници и гласови на луѓе што умираат.

*

Да, беше тоа ден за бањање, за одење в црква, за купување локуми и алва, за пиење кафе, за шетање и кадросување па дури и за купување чадори, но беше и ден за востание и побуна, за пожар до темел, па Трендафил падна на калдрми со раскрвавена кошула и елек, со скинати пинци и ококорена насмевка на лицето, со чадорот стиснат помеѓу рацете, згазен од споулавената глутница која се беше дала во паничен бег.
Така умре тој, а таа болест остана за да владее со светот.

2018-08-21T17:22:08+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 09|