Кандид од наше маало

/, Литература, Блесок бр. 32/Кандид од наше маало

Кандид од наше маало

(Ермис Лафазановски: „Роман за оружјето“, Магор, Скопје, 2003)

#1 Можам да го започнам овој текст со искрен ламент, напишан во духот на воведната реченица од романот, за кого ќе пишувам: „Да се добие денес здрав машки критичар безмалку е невозможно“. Затоа морав и натаму ќе морам тоа јас да го правам. Но, да признаам, оваа парафраза ја поттикна токму храбриот маж Лафазановски и неговото, необично признание, дека „да се добие денес здрав машки ќотек е безмалку невозможно“.
Но, не му е прв пат на овој автор да настапува од „позиција на стриптиз сила“. Не му е и не може да му биде, бидејќи стриптиз поетиката (како поетика на соголената постапка) е неговиот, препознатлив сценски костум, секогаш кога суверено настапува на нашата, воајерски сèуште гладна, книжевна естрада.
Лафазановски е заскитан од некој коридор, за таен дотур на карневализирана стока и остроумна даниил-хармсовска поетика. Неговите претходни книги (раскази, романи), личат на идеален буквар за современа илустрација на теориските досетки, кои ги прославија руските формалисти: соголената постапка („пустата закуска… арно ѝ велеа постарите „-Ќерко, немој да одиш, ќе те растргнат!“), очудувањето (експлозивен бардак-коктел), сказот или „орализацијата („неуспешниот атентат на Маркота Цепенкова“), гротескноста („се задржува по ходниците на институциите на системот“), каламбурот („госпоѓа проф. др. од Северна Југоисточна Европа“), метајазичноста („никогаш нема да можам да ги почнам моите утра како во западните филмови“), етимолошките метафори и хомонимии („масажерката – жена која пренесува масажи/пораки“), итн.
Инаку, претходниот роман на Лафазановски „Опишувач“ (2001), исто така, тргнува од позиција на мета-текст и резултира со тн. соголување на постапката, разоткривање и, секако, демистификација на авторскиот „набој“ и култот на писателскиот „занает“, што, тој го претставува како и секој друг занает, кој настанува по нарачка, без автентичен удел на мајсторот во него.
Новиот роман, тавтологично насловен како „Роман за оружјето“, не само што ја следи, туку и до перфекција ја развива оваа, нималку едноставна „анатомија“ на различните занаети. Овојпат, читателот е упатен кон разголување и разобличување на занаетот „научен работник“, прикажан во тесна спрега со „идеолошкиот“ занает, за прозводство и врамување на јавниот дискурс .
Дефинитивно, „Романот за оружјето“ е роман за Кандид од „наше маало“, со тоа што, овојпат, Кандид е нараторот – фолклорист, посветен на проучувањето на разновидните оружја и вработен во Музејот за ретки оружја. А, во улогата на „наше маало“, овојпат, настапува Балкан „експресот“, со кого повеќе стоиме во место или се враќаме наназад, отколку што патуваме во идно време… Инаку, останатото воглавно останува исто – детронизација и игра со сите можни авторитети, со светот на целосно разнишани вредности и олабавени идентитети. Што, сè заедно, ја промовира шегобијноста како основен став, spiritus movens, како и spiritus loveance на ова, бескрајно привлечно и забавно четиво.
За илустрација на богатите комично-реторички ефекти на овој детронизирачки и карневализиран опис, би го посочиле токму описот на пролетта, во кого мајсторски се преплетуваат неколку говорни стилови и интонации, меѓу нив, колоквијалниот усен говор (сказот) и банализирачкиот публицистички стил: „пред самото доаѓање на пролетта… додека земјата сèуште се крие под небесниот мраз и додека електричните сајли на далноводите полека попуштаат во нивната оптегнатост, а мостовите низ целата земја се шират на местата со челични спојки – предвидени за пролетното попуштање на мостовите -домаќинствата, населението, младо и старо, ги празнат и ги мијат каците со остатоците од кисела зелка. Така е? Така е.“
Оружјето појдовно е основен предмет на научниот интерес на нараторот (попрецизно, ќотекот, како автентично, мануелно, пред-индустриско средство за меѓучовечко општење), но, со оглед на тоа, што доаѓа до постепено исчезнување на ова етнолошко наследство и негово модернизирање во бројни варијанти, и како што тече развојот на романескната приказна, во оружјето ја откриваме и идеолошката матрица, онтолошката завртка, или алегоријата, врз основа на која функционира алтернативната историја на балканскиот свет, вклучително, симпозиумот за оружјето со своите „орални“ истории и реферати.
Романот, всушност, се занимава со кај нас актуелната „култура на вооружувањето“, водејќи ги фабуларните заплети до гротескни екстреми: „тоа е само скапан современ пиштол, којшто го имаат и бебињата во градинка, па ги убиваат учителките“; „пластичниот експлозив добро се продавал по кафулињата и градинките, а за основните училишта и да не зборуваме“; „одбрамбени кондоми в уста“.
Извонреден е описот на сцената, кога нараторот ѝ се додворува на колешката Бабулинска: во моментот кога ја прашува, дали сèуше ја чува беретката, со која го пленила, таа, по автоматизам, го репетира својот истоимен пиштол.
Посебно е зајадлив авто-иронискиот пристап кон денес речиси закономерниот патриотски дискурс, со сета мегаломанија и некритичност, што идеолошки и реторички го поткрепува – Тоа е всушност дискурс на безнадежно ограничената, изолирана, некадарна и поводлива провинција: „знаеш какви сме ние, не трпиме нешто, ако не е еколошко! Особено ако друг ни го каже тоа“; „тоа се моите расипани македонски заби. Ама се мои“; „фала богу ние не сме Европа. Ова е безбедно место“. Сторијата за неуспешното македонско подводно нуркало поентира со актуелната реторика на националната конспирација, која служи за компензација на актуелната историска фрустрација на еден мал народ: „вооружената историја на нашиот народ е пресечена од корен, веројатно од нашите соседи, само од љубомора“.
Тука спаѓа и пародијата со јазичниот пуританизам и лекторската настрвеност, својствена за дел од нашата академска јавност („каде ви паѓа акцентот на зборот салата“), потем, бесконечните, ситничави натегања меѓу двата кустоси во музејот, бирократијата на научните звања.

Како и многу други слоевити дела, така и овој роман може да се чита на повеќе рамништа: како духовито и допадливо, исклучително забавно и ведро четиво, но и како длабоко поучен, само навидум непретенциозен апел, длабоко загрижен пред своето турбулентно, опачно, престапничко време.
Роман кој е против својот предмет, за кого навидум експлицитно се определил. Роман, во одора од апории и сиот до крај обземен од апории. Весел, раздвижен, неодолив, реторички шармантен, заводлив. Роман со длабока анти-милитаристичка порака и моќна, деконструирачка идеологија. Роман за квази-патриотизмот и турбо-фолклоризмот. Роман – духовна авантура.
Не можам, а во прикажувањето на новиот роман на Ермис, да не вклучам и овој егзалтиран манир. Верувам, дека тоа е единствениот можен почеток на едно вакво сојузничко читање: бидејќи денес се мошне ретки книгите, кои ве приграбуваат во сојузничко читање.
Една од причините, заради која се воспоставува токму такво, сојузничко, а не некое поинакво, инфериорно читање е во дораснатоста и дослухот на оваа книга со морбидниот контекст на своето социо-историско и културно окружување. Својот, иконографски препознатлив, балкански Zeitgeist, оваа книга го подложува на сочна, но софистицирана духовна и реторичка подигравка, после која, тој повеќе заличува на поднослив декорум, одошто на непремостлив фатум.
Гротескноста е едно од најсилните, иманентни реторички „оружја“, со кои располага ова дело. Таа подеднакво ги опфаќа презрените балкански хронотопи, на пример, крчмата со неизбежните тепачки; но се протега и кон високо претенциозните, малограѓански извртени, хронотопи на академскиот фолклор, бесплодните симпозиуми, помодната идолатрија на научните“проекти“, конечно, (но, не единствено) самата фолклористика, како наука, на која потесно работи и самиот автор, во својот Институт за фолклор.
Но, што се добива кога се говори и опишува фолкорот на фолклористиката? Се добива мета-фолкорниот пристап на Лафазановски, која, на луциден и брилијантен начин ја репетира (авто)пародиската поетика на „Кандид“ од Волтер…
Романот за оружјето, едно од ретките, доследно и минуциозно изработени дела, обликувани со полна свест за субверзивната моќ на уметноста. Таа првенствено се должи на денес естетски запоставениот, но затоа, исклучително моќен и допадлив, принцип на смеата. Како што пишуваше Бахтин, токму таа, од догматските кругови потценета и само навидум непретенциозна, Смеа е, всушност, најсилното оружје, со кое располага човештвото во борбата против владејачката глупост и самобендисаност.
Според една помлада сонародничка на Бахтин, Ала Иванчикова, смеата конотира неодржливост и колабирање на идентитетите, а со тоа, и отпор кон моќта, односно своевиден (иако невооружен) тероризам кон репресивниот поредок.
Затоа, мошне духовито делува самата трагикомична завршница на романот, т.е фаталниот симпозиум, кога, според замислата на авторот, доаѓа до урнебесна пародизација на денес популарниот, хипер-академизиран жаргон на Другоста: како последица на површно применетите и лицемерни барања на божемната политичка коректност, во инаку рискантната игра со еколошкиот бардак-коктел, домашната екипа (вработените во Музејот и организатори на симпозиумот) и странската екипа (гостите) се принудени да ги разменат своите идентитети. „По совет на овие меѓународни институции, ние ги сменивме местата и ние станавме тие, односно другите, а другите станаа ние“.
И да заклучиме, романот на Лафазановски е потврда на продуктивните потенцијали на еден суверен, мета-пристап кон светот: во чии рамки рамо до рамо се наоѓаат академската ерудицијата и уличната смеа, реторичката вештина и играта со значења, острата критика и урнебесната забава, луцидната интелектуална имагинација и шармантната досетка, урбаниот говор и ултра-архаичниот сказ; црниот хумор, апсурдот и алогизмот – што, впрочем, ионака ја обликуваат нашата непосредна егзистенцијална фрленост во, овој и ваков, свет на „орални истории“.

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 32|