„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ

/, Литература, Блесок бр. 117/„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ

„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ

„Каналот Мусолини“ на Антонио Пенаки – ведар поглед на мрачните периоди кои ги има во историјата на секој народ


Секој период има роман кој ја раскажува неговата приказна, секоја држава има своја историја која ја утврдува и фиксира нејзината приказна и ја раскажува од гледна точка на доминатната идеологија. Во тој наративен процес, губитничката идеологија на општествената и политичката сцена, воедно се наоѓа на губитничката страна и при утврдување на официјалната историја, т.е. приказната која ќе се раскажува на идните генерации. При тоа, приказната на спротивната страна речиси секогаш е раскажана еднодимензионално, низ призма која го ограничува погледот на неа само на најнужните факти кои ќе ја поддржат утврдената приказна. Жртви се историските факти, конкретни секвенци на настани, најчесто и историски личности кои се губат или се повлекуваат во апокрифните записи и истории. Тие најчесто завршуваат како дел од потиснатото колективно сеќавање кое чека погоден момент да избликне на површината со сета своја силина.

Една од тие поразени идеологии во 20 век е фашизмот, чија приказна најчесто ја перцепираме преку перспективата на победничките идеологии после Втората светска војна: западниот либерализам и комунизмот. На пошироката публика таа најчесто се претставува преку филмовите, каде е предадена во карикатурална форма или како олицетворение на крајното зло кое хероите (Индијана Џонс, Валтер, Бред Пит во Inglorious Basterds) секогаш го победуваат и ги испраќаат во длабоките понори на историјата. Меѓутоа, многу ретко ја добиваме вистинската приказна за тоа како оваа иделогија се родила, раширила меѓу обичниот народ и успеала да го заземе своето место во историјата. Тоа прашање е особено чувствително за сите држави и нации во кои фашизмот одиграл суштествена улога во креирањето а нивната историја, но и сегашна општествена реалност, како што е тоа случај со Италија, колевката на фашизмот. Италијанското општество е сѐ уште поделено по историските раседи создадени уште со формирањето на модерната држава во 19 век, а особено од тектонските настани на 20 век и поделбата на општественото ткиво на десница и левица, многу слично на настаните кои ја одредуват и современата македонска историја.
Заради тоа, секогаш е фасцинантно и поучно кога се откриваат нови аспекти на историјата на овој близок на нас медитерански народ. Во поново време сме имале можност да се запознаеме со овој дел од италијанската историја преку делата на воглавно левичарски настроени автори како Умберто Еко, Федерико Фелини (Амаркорд), Роберто Бенини (La Vita e Bella). Романот на Антонио Пенаки „Каналот Мусолини“ во издание на ИЛИ-ИЛИ, ни дава можност да се запознаеме со историјата од другата страна, од гледна точка на настанувањето на фашизмот и средината од која тој произлегува. Не треба да се заклучи дека овој роман е памфлет за фашизмот или пак само една романтизирана и разубавена историја на еден период. Токму напротив, Пенаки ни овозможува еден богат и комплексен увид во состојбата во земјата на економски и политички план, но и увид во психата, менталитетот и традицијата на таа средина во која е роден фашизмот. Со тоа тој фрла светлина на една, барем за нас, не толку позната страна на италијанската историја. Тајната на успехот на овој роман лежи во мајсторството на Пенаки целата сторија да ја прикаже низ еден едноставен, дури и народски јазик со голема доза на хумор и каламбур, гледање на историјата како низ еден обичен народски сведок на настаните.

„Каналот Мусолини“ како прво, е роман кој ја опишува историјата на еден од најамбициозните проекти на фашистичкиот режим, бонификацијата, т.е. исушувањето на Понтинските мочуришта, изградбата на проектот Агро Понтино и населувањето на тој регион со доселеници од цела Италија. Тоа е проект кој датира од времето на римската империја, при што секоја нова власт неуспешно се обидувала да ја скроти моќта на природата сѐ до неговата успешна изведба во 20 век. Од овој опис може да се види дека Петаки се зафатил со оваа тема бидејќи претставува извонредна метафора за историјата и процесот на формирање на модерната италијанска држава и нација. Тоа е засилено со фактот дека овој проект за малку ќе доживее катастрофа на крајот од војната, но кој успева да се воздигне од рушевините и да функционира, ама на кој му е потребна постојана грижа и поправки за да не се случи нова апокалипса.

2018-09-25T12:55:12+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 117|