Извадок од романот „Горчлив мед“

/, Литература, Блесок бр. 51/Извадок од романот „Горчлив мед“

Извадок од романот „Горчлив мед“

Кога половина час подоцна стоев на автобуската постојка и зјапав во црните врвови на чизмите што ми ги мокреше дождот се чувствував малку чудно. На постојката имаше многу луѓе и се прашував дали можеби се забележува на мене дека точно по својот прв оргазам во двојка по половина година ја разоткрив тајната на дразбите кои доаѓаа од мојот познаник од студентските денови. Барем на една работа и сигнавме до дното, ако со неа отворивме толку нови проблеми. Еден од нив никако не ми излегуваше од глава: дома во кујната ми прегоре светилката и поради сиот тој циркус заборавив да купам нова. Какво срање ќе биде тоа, кујната цела вечер во мрак.
Што сега? Стоев на автобуската постојка во Глазгов. Во нашиот град. Но, кога пред очи ќе ми се појавеше твојот лик никако не можев да си објаснам дека штотуку те изневерив. Не те изневерив. Тоа се само чисти општествени предрасуди.
Ти со тоа немаше никаква врска. Ти си мојот тип и тебе те сакам. Но, тоа беше нешто што морав да го направам, морав да го испитам. Тоа беше мојот проект. Можеби на моменти малку ми се измолкна од раце, но сеедно задоволително го доведов до крај. Сè беше јасно; знаев дека нешто такво со Џејсон нема повторно да се повтори, дека едноставно тоа веќе не ми е потребно. Нема смисла. Што ќе ми е женет човек со дете? Ако тој сепак на нешто се надева толку полошо за него. Јас сум твоја. Нашиот однос нема да биде таков како меѓу Џејсон и Хелен; нема никаков сомнеж дека е тоа она што сакам. Не него.
Лиеше и лиеше на постојката, небото беше сиво и во вечерниот мрак добиваше тежок, речиси убиствен изглед. Телото не ми реагираше на дразбите од околината, на ладниот ветар што навестуваше есен, на ситните капки што ми прскаа по косата и лицето. Сè уште некако пливаше во воздухот, како да беше изненадено од она што се случи. За што сè е Клер способна. Бев задоволна што сум способна за такво нешто. Сè беше во ред, сè беше минато. Завршено. Но, дали можам туку така да заборавам на тоа?
Беше толку глупаво. Зошто би се силела во тоа сè да ти кажам? Заради искреноста како таква или заради некаква чистотија во врската? Зошто да ти зборувам за нешто што сигурно ќе те погоди? И зошто би те погодила со нешто што со тебе нема никаква врска? Од самата помисла на тоа како ќе реагираш ме полазуваа морници. Но сеедно…
Како што изгледа ми останува само уште една одлука што ќе ми одзема време следните неколку месеци.
Автобусот што дојде на постојката ме испрска со вода и ми ги измокри црните хулахопки што на кожата почувствував одвратна, ледена влажност. Но, ми беше сеедно. Во главата имав други нешта. Моментно најмногу какво срање ќе биде тоа целата вечер да ја поминам со цркната светилка во кујната. Се качив во автобусот.

Превод од словенечки: Лидија Димковска

АвторАндреј Е. Скубиц
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 51|