Извадок од романот „Горчлив мед“

/, Литература, Блесок бр. 51/Извадок од романот „Горчлив мед“

Извадок од романот „Горчлив мед“

Кога после неколку дена се најдовме на ручек не го ни спомна нашиот заеднички викенд. Беше симпатичен, внимателен, се шегуваше, но без каква било трага на блискост која е можеби нормална меѓу љубовници кои само пред неколку дена се бакнувале страсно на некој романтичен излет. Тоа ми се допаѓаше. Очигледно дека мојата воздржаност онаа вечер ја зел на знаење; и се покажа онака, како што од човек како него и би се очекувало. Со разбирање. Беше олицетворение на такт. Патем спомна дека дома има нова книга од Џенис Геловеј која само што излегла. На моето распрашување рече дека е добра и кога го замолив ми вети дека ќе ми ја донесе при нашата наредна средба. Уште некое време разговараме за мојата претходна вечер во Бровери Тејп кајшто бев вечерта на пиво со Тори и со Вероника и срдечно се смееше на мојот опис за тоа како Вероника се караше со една жена на која не и беше по волја што Вероника на џубоксот во еден саат ја пушти четири пати All I Wanna Do од Шерил Кроу. На крај спомна дека дома го има нејзиното ЦД: признав дека сама имам малку ЦД-а, па скапи се, навистина, кој има пари и така натаму. Би можел ли да ми ја пресними касетата од Шерил Кроу? Сигурно дека може. Џејсон скромно се пофали дека неговата музичка збирка е прилично голема. Некое време молчеше како да се двоуми, потоа наеднаш рече: Завршувам во пет. Ќе дојдеш кај мене на кафе? Можеш да си избереш и некоја друга музика.
Малку чудно го погледнав и веднаш додаде: Хелен не е дома, отиде во Единбург на два дена. Има некои обврски на универзитетот Напиер и на гости е кај една пријателка. Само на кафе, ако сакаш.
Зошто, по ѓаволите, да не отидам на кафе кај него? Доволно добро се познававме да знам дека нема зошто да се плашам од некое додевање од негова страна; па, нели сме пријатели. Знаев дека нема да направи ништо против моја волја. И освен тоа јас сум овде таа што ги држи сите конци в раце, нели? Тој своите карти веќе ги покажа; јас моите уште не. Значи: кафе и слушање ЦД-а. Потоа ќе можам да си позајмам нешто музика. Дури и ти не можеш да речеш дека во тоа не би било нешто како што треба.
Потоа на работа размислував дали би доликувало да купам нешто за неговата ќеркичка. Сигурно после работа ќе оди да ја земе од градинка, а мало подароче може да биде добар почеток на нашето познанство. Бев љубопитна каква е, дали повеќе личи на дебелкавата, црнокоса Хелен или на Џејсон, на неговата залижана светла коса и тркалезно лице. Но, немав време за продавници и како што се виде подоцна, кога се најдовме после работа, и подобро што беше така. Не застанавме кај градинката; малата Мајри е кај баба и, кај мајка и на Хелен во Аур, рече Џејсон. Добро. Кога подоцна влеговме кај него дома и го разгледував станот, сфатив со некакво, иако непотребно изненадување, дека стан што се наоѓа точно зад општината не значи и раскош. Станот беше мал и необично мрачен, но многу грижливо среден и прилично кичесто опремен. Се гледаше дека тоа го има направено раката на Хелен. Џејсон ми покажа големо, речиси полно стојало со ЦД-а на кое можеа да се сместат најмалку сто. Потоа отиде да свари кафе. Стоев пред оние ЦД-а и ги гледав насловите. По некое време решив изборот да го одложам за подоцна; главата ми беше некако преполна од работа тоа попладне. Во банката имавме огромна гужва. Во грамофонот ставив плоча од Лаура Ниро и се загледав низ прозорецот. Надвор врнеше. Дождот лиеше од темното сиво небо и ги миеше фасадите на високите, темни куќи на другата страна од улицата. Си помислив дека кај тебе е сигурно поинаку, таму долу на југ; сигурно температурата во тоа време од годината не паѓа под триесет степени. Барем последниот пат се жалеше на големата жештина.
Кога се врати Џејсон со кафето во собата го стави на масата подавалникот со шолјите и бисквитите. На него стоеше и лонче со млеко и шеќерник. Се свртев кон него, потоа се приближив до масичката и седнав. Лаура Ниро на грамофонот пееше нешто за некој тип што не ја сака кога таа плаче. Џејсон седна покрај мене и ми се насмевна.
Што се случи потоа? Дури и да сакам да се сетам, не знам. Знам дека зборувавме за нешто, но немам поим за што. Толку време помина од тогаш. Не знам ни дали се сетив и наредниот ден. Најверојатно не.
Сигурно разговаравме уште некое време. Испивме неколку кафиња. Најпосле Џејсон ја стави својата шолја на масата и кога се сврте кон мене наеднаш сфатив дека јазикот ми е повторно во неговата уста. Убедена сум дека првото движење го беше направил тој; морал да се наведне над мене и да ме бакне. Но, воопшто не се сеќавам на неговиот јазик во мојата уста, само на мојот во неговата. Имаше вкус на кафе, малку и на нешто друго, ми се причини дека на виски. Можеби пред тоа во кујната испил чашка виски. За храброст. Штета што не ми го понуди и мене. Можеби и мене добро ќе ми дојдеше.
По некое време му се извлеков и реков дека морам да одам во тоалет. Џејсон изгледа беше некако збунет, како да не е на чисто што е сега на ред – дали ќе му избегам низ врата или нешто друго. Ме следеше со поглед додека одев во ходникот, а потоа, како што видов низ отворената врата на дневната соба кога влегов во бањата, ја зеде својата шолја со кафе и се загледа пред себе.
Во бањата се вџарив во огледалото. Што правиш, по ѓаволите? се прашав себеси. Што мислиш дека правиш? Се бакнуваш со оженет човек во неговиот стан. Со маж кој навистина е многу симпатичен и полн со разбирање, но ти во него никако не си и вљубена. Ни за миг не помислив дека би била вљубена во него. Едноставно не беше мој тип. Дали тогаш помислив на тебе? Не. Тебе тогаш воопшто те немаше. Седнав на школката и се измочав. Зедов тоалетна хартија покрај школката – во тоалетот имаа светложолта тоалетна хартија, кој би помислил! – и се избришав. Потоа се загледав во бидéто од зелен порцелан што стоеше покрај школката.
Без ниту една помисла седнав над бидéто и внимателно се измив. На ништо не мислев. Се избришав со пешкирот што висеше покрај бидéто. Сигурно беше пешкирот на Хелен. Беше розов и многу мек. Ги наврев гаќичките и црните хулахопки, потоа пуштив вода. Уште еднаш се погледнав во огледалото. Бев иста како и секогаш.
Кога излегов од бањата, во ходникот стоеше Џејсон. Изгледаше нервозен, стоеше таму како да не знае точно што прави, дали ја чува бањата или нешто друго. Не знаев точно што ќе следува сега. Ми ја стави раката одзади на главата и ме бакна. Не се тргнав. Го бакнав и јас. Ми ја стави раката на градите.
Последно на што се сеќавам беше каучот во дневната соба. Му седев на колена, а тој ми ја слекуваше блузата и се обидуваше да ме допре под здолништето. Моите хулахопки баш не му одговараа. Чувствував дека ме расфрла некаква сила што долго ја немав почувствувано. И јас го допирав него, го допирав насекаде. Мислев ли при тоа на нешто? Да, помислив дека тоа не е можно, дека тоа никаде не води. Едноставно не сум способна да спијам туку-така со некого што не си ти, со оженет човек, тоа е нешто забрането, нешто што луѓето го осудуваат, нешто што би го осудиле моите родители, пријателки, дури и ти. Знаев дека тоа нема да може да оди до крај, дека мора нешто да се случи на средината. Едноставно не сум таква да направам нешто такво. Размислував за тоа што би можело да се случи и кога. На тоа мислев дури и тогаш кога веќе бев гола и тој на брзина ги влечеше надолу панталоните. Го гледав како се соблекува, неговото благо округло бело тело и залижаната светла коса. На самиот кауч се обиде да легне врз мене. Не одеше, каучот беше претесен и незгоден. Се бакнувавме и си ги галевме телата, срцето ќе ми излезеше од гради. Ова е невозможно. Ова е невозможно.

АвторАндреј Е. Скубиц
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 51|