За (театарските) чуда и анонимноста

/, Литература, Блесок бр. 89/За (театарските) чуда и анонимноста

За (театарските) чуда и анонимноста

Страници за Мирисите на циметот на БИТЕФ Театарот

Умешноста на театарскиот запис, денес, во екот на семожното, чинам се состои од отсуство на истото. Им се радуваме на едноставните решенија, без многу помпа и претенциозна театралика. Ги наградуваме сите оние изведувачи и постановки кои што постојат токму поради една доследна идеја, еден импетус за креација и приказ. Бараме доследност без претерана повторливост, живост без цикличност, игривост во сукцесија. Можеби наједноставно речено, очекуваме чудо без претерани миракули, меѓу две завеси.
Но честопати за да дојде до едно такво чудо неопходни се многу мали и големи миракули, и пред и зад завесите. Во текот на минатата драмска сезона, на сцените на белградските професионални театри имавме можност да видиме голем број на автентични обиди за автентични чуда. Дел од нив, со потпис на македонски чудотворци. Дел успешни, и комерцијално и идејно. Дел игриви. Дел излишни. Што би рекол белградскиот театролог и БИТЕФ татко, Јован Ќирилов, и не мораа да ни се случат. Ќе можевме и без нив. (лесно е да се пишува за претстави чија што просечност е толку податна за критика, но и за тоа во некоја друга прилика). Оние успешните, особено од комерцијален аспект, верувам ќе се играат уште некое време, барем додека главните двигатели во нив имаат некаква корист од таа игривост. Но што ќе биде со нивните побратими по успех, креативен ама не и комерцијален. Дали ќе доживеат и тие заслужен аплауз на отворена сцена, од многубројна и шаренолика публика? Особено ако главните двигатели на таа креативна игривост се анонимуси? Додека ја изгледував, по втор пат, успешната копродукција на БИТЕФ Театар и еден холандски кореографски тим, насловена како Мирисите на циметот, не можев а да не помислам за нејзината иднина. Имено, неполниот час на ова магично креативно решение, движено од агилните тела на седумте млади танчари – дел класично образувани, дел деца на белградскиот акробатски бетон – не повикува да се запрашаме и околу времетраењето на неговиот репертоарски живот. Како танчарска игра, Мирисите на циметот, по сè изгледа ќе продолжи да постои и по завршетокот на оваа сезона, бидејќи постои интерес за младите тела без кои ова чудо од приказна не би можело да се движи. Тие сигурно ќе бидат ангажирани од страна на познати режисери, се со цел да ја засладат својата театарска понуда и ги примамат театарџиите во големите сали на ЈДП, Ателје 212, Позориште на Теразије или пак земунскиот Мадленијанум. Така што анонимноста ќе биде заменета од синтагмата – тоа се децата на Мирисите на циметот. Но што ќе биде со идејата наречена Мирисите на циметот? Каде со неа? Ова театарско доживување, ниту единствено танцово ниту пак самостојно драмско – би рекла, дете на просторниот театар – по се изгледа ќе остане засекогаш здомено во старата црква која БИТЕФ Театарот ја користи за свој дом, таму долу на Дорќол. Одличен дом, меѓутоа тажно ако е единствен.
Еланот на приказната, и не така библиска (иако во дел инспирирана од сензуалноста на Песна над песните), пронесен низ телотворноста на седуммина танчари-актери кои педесетина минути се борат – со себе, со нас, со идејата – за правото да танцуваат, и вертикално, и хоризонтално, и битијно, е потребен и во големите сали на ценетите белградски театри. Во нив, навистина, се дава одлично конципиран театар. Но, она што недостасува е приказна проследена од тела кои веруваат во нејзината моќ и не се плашат да и се предадат и да учат од неа. Се надевам дека оваа сезона, Мириси цимета (ќе) му донесе на Белград можност за едно ново театарско дружење, една игривост и на духот и телото.

2018-08-21T17:20:50+00:00 мај 9th, 2013|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 89|