За време на празникот

/, Литература, Блесок бр. 64/За време на празникот

За време на празникот

„Сега воопшто не е важно“, рече, дланките му трепереа. „Нема да побеснам. Нема да викам на тебе. Ќе те оставам да правиш што сакаш. Така ќе бидам мирен“.
Таа изусти едно реско „Ах!“ и го стави показалецот на усната. Тој се доближи до неа, го зеде во рацете нејзиниот прст разгледувајќи го. Исеченицата беше мала, токму над вториот зглоб. Стави алкохол на памук и почна да ја трие раната. Не го гледаше в лице туку престрашено гледаше во раната.
„Еве, јас ќе ги исечам доматите“, рече тој.
„Љубоморен си, сомничав. Мислиш дека имам љубовник?“
„Не знам“, рече тој. „Навистина не знам“. Очекуваше таа да каже нешто.
„Ќе го убиеш ли ако мислиш дека ми е љубовник?“
„Кој? Оној од долниот кат?“
Беше многу лута. „Не, не“, рече. „Мојот љубовник, кој и да е“. Нешто и светна. „Кој беше човекот долу?“
Не ѝ одговори и продолжи со сечење на доматите.

Прав влегуваше внатре во автобусот, ситните честички блескаа на попладневното сонце. Автобусот се тетеравеше кон својата дестинација, храмот на божицата Дурга, на периферијата од градот. Неговата сопруга дремеше со главата навалена на прозорецот. Пред нив седеше еден човек со четири кокошки, нозете им беа заедно врзани. На секое потскокнување на автобусот кокошките се обидуваа да летнат во воздух безумно кокодакајќи, а пердуви летаа низ целиот автобус. Црната сенка на клепките од неговата жена во танок млаз се цедеше по образите. Ганеш се насмевна протегајќи ги нозете. Со нетрпение ја очекуваше церемонијата во храмот каде роднините ќе побараа од него тој да ги убие козите, зашто тој најдобро го правеше тоа. И Ганеш ќе го кренеше својот кукри нож високо во воздух, остриот врв ќе блеснеше во самракот, сред криците на одобрување на набљудувачите. Пред очите му излезе уште една визија. Беше седнат сред поле, неговата мајка во здолниште наведена над него, насмевнувајќи се и шепотејќи. Од носот ѝ течеше крв облевајќи го предниот дел од неговата кошула, се цедеше во танок млаз по неговите бутини а неговите пријатели чекаа со исплазен јазик. Тогаш неговата сопруга скокна од фотографијата и му се закани со прстот, а самоуверениот човек кој танцуваше го имаше неговиот лик. Одеднаш настапи тишина, птиците плачеа – тој ги отвори очите и погледа наоколу. Автобусот беше застанал, заглавен во сообраќајниот метеж.
Беше уморен небаре пешачел бескрајно. Ја разбуди сопругата.
„Што?“, рече таа, очите ѝ беа матни, горната усна и беше оросена со пот.
„Не сум сигурен“, рече тој.
„За што?“
„Дека денес ќе можам да убијам коза“.
Таа си го проверуваше лицето. „Што е? Никогаш до сега не си се жалел“
Кокошките повторно изрипаа во воздух и пердуви повторно се разлетаа.
„Гледај“, рече тој. Ги крена дланките. Трепереа.
Таа зеде еден пердув од неговата глава и му ја разбушави косата. Со врвовите од своето сари нежно ја исуши потта од неговите образи. „Не мораш да колеш коза ако не сакаш да го правиш тоа“.
Му годеше допирот на нејзината дланка на лицето. „Но, што ќе речат другите? Ќе ми се потсмеваат“.
„Што ти е грижа!“ рече таа. „Тоа не е наша грижа“. Ги затвори очите; ги почувствува нејзините усни на образот. „Синче на мама“, прошепоти таа. „Моето мило, мило мамино синче“. Нејзините усни му шепотеа на уво и тој ги отвори очите. Човекот со кокошките зјапаше во нив и нему му стана непријатно, но не ја запре; нејзините зборови го успокојуваа.
Автобусот застана. Излегоа, со врзопи ориз и овошје што го носеа како дар за боговите. Пред нив се протегаше широк простор со паркирани автомобили и товарни возила и, во далечината, се наѕираше пагодата на храмот.
Се придружија на толпата и, приближувајќи се кон храмот, заморот на Ганеш исчезнуваше. Застана да ги соблече чевлите; допирот на тревата му годеше под босите стапала. Го префрли врзопот ориз во другата рака и чекорејќи така со слободната рака ја допре раката на својата сопруга. Таа го погледна загадочно и ја зеде неговата рака во својата. Небото беше светлосино и сончевите зраци им ги милуваа лицата. Ѕвонеа ѕвоната од храмот, јасен звук динг-донг што ѕунеше внатре во неговата утроба се ширеше наоколу во просторот.
Толпата околу нив пееше песни што ја величаа Мајката Божица; тој за миг помисли на љубовникот на неговата жена, но во таа толпа, со својата непоколеблива побожност, човекот стана небитен, безизразен, обезличувајќи се во толпата низ која Ганеш се движеше.

Превод од англиски: Катица Г. Ацевска

АвторСамрат Упадјај
2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 64|