За време на празникот

/, Литература, Блесок бр. 64/За време на празникот

За време на празникот

Таа го чекаше пред куќата загрижена прашувајќи зошто отишол туку така, каде бил. „Сè е во ред“ рече тој. „Чувствувам немир во срцето во последно време“. Влезе внатре и се испружи на креветот.
Таа дојде и сервираше дал-бат на масичката, потоа ја стави дланката на неговото чело, небаре ќе му го смири срцето. „Што е?“ го праша. „Сè е в ред на работа?“
Тој кимна и ги затвори очите. Нејзината рака на челото му годеше, го успокојуваше, но се плашеше дека ако ѝ дозволи да остане така ќе се чувствува уште послаб, затоа се исправи триејќи ги очите. „Гладен сум“ рече кревајќи ја чинијата. Јадеше брзо и откако заврши сфати дека таа не јадеше со него.
Таа ноќ, откако се увери дека таа спие, замота шал околу половината и отиде на балконот. Огромната месечина се беше виснала над дворот. Прозорецот на самоуверениот човек беше осветлен, но завесите беа навлечени. Ганеш можеше да забележи фигура како исчезнува и повторно се појавува. Седна на студениот под од балконот. Фигурата се движеше низ собата, силуетата стануваше јасна и повторно исчезнуваше.

Се разбуди пред зори со црцорењето на птиците и забележа дека стапалата му се студени. Треперејќи се врати во креветот.
Утрината таа побара пари за да оди на пазар. Посегна во џебот и полека ѝ пружи банкнота од педесет рупии. Таа рече „Но треба да купам и ориз и керозин“. Тој ѝ подаде уште една банкнота од педесет рупии.
Вечерта, кога се врати од работа, немаше ништо на шпоретот, а неа никаде ја немаше. Се чувствуваше застојан мирис во спалната соба, небаре некој веќе бил внатре. Снагата му се вкочани и седна на креветот.

Ганеш отиде во кафеана со пријателот. Се стутулија на клупата во ќошот, порачаа рум и луто мезе и разговараа за работата, за колегите, за градот, за храната. Бучавата во просторијата му ѕунеше во главата како рој муви. Набргу главата на Ганеш почна да лебди.
„Па, како е жена ти“ го праша пријателот потсмевнувајќи се.
„Има љубовник“, рече Ганеш обидувајќи се да остане достоинствен, но смеа му избувна длабоко од грлото. Неговиот пријател зјапаше во него за миг; тогаш и тој почна гласно да се смее. Обајцата се кикотеа тропајќи со нозете и истурајќи го пијалакот на масата. И наеднаш, небаре смеата беше неопходен прелудиј, Ганеш почна да плаче. Гостите на околните маси почнаа да гледаат во нив, а газдата дојде да ги праша дали е сè во ред.
Ганеш едноставно заниша со главата повторувајќи „Како можеше да ми го стори тоа?“
Потоа се смири, тој и неговиот пријател разговараа за празникот Дашаин кој беше за неколку недели, дека ќе колат кози за да ги жртвуваат на божицата Дурга. „Размислувам колку да заколам,“ рече Ганеш. „Минатиот пат заклав четири, сметав дека е доволно“.
Пријателот порача уште по една тура.
„Не можам повеќе да пијам“, рече Ганеш. Утробата му гореше и просторијата стануваше задушна.
„Мамино синче“, рече пријателот смеејќи се. „Те сметав за поиздржлив“.
„Не викај ме така“.
„Што? Па што, ти си маминото синче“.
„Мислиш?“ рече. „Сакаш да видиш колку можам да испијам?“
Побара од газдата да донесе уште еден бокал пијачка и пиеше, со погледот втренчен во својот пријател кој не можеше да се мери со него. „Е па, кој е мамино синче? Рече. „А? Ајде кажи сега, никаквецу?. Грлото и утробата му гореа но продолжуваше да пие задевајќи го својот пријател кој на крајот рече, „Добро де, добро. Си го повлекувам зборот“.
Минуваа часови и тие беа единствените гости во кафеаната, се тетеравеа удирајќи се ден со друг по грбот, кикотејќи се. Уличните светилки им ги осветлуваа делириозните лица. Забележувајќи една венчална поворка на патот кон дома се придружија на толпата танцувајќи зад оркестарот.
Следното утро сопругата не му донесе чај. Ганеш се нишаше на прозорецот. Таа беше долу во дворот, разговараше со самоуверениот кој му беше завртен со грбот. Ганеш чекаше, главата му пукаше од пијанката од претходната ноќ. Човекот се смееше, а неговата жена исто така покривајќи си ја устата со дланката. Викна едно од децата што играа во дворот и со прстот покажа кон човекот кој силно замавна со главата и повторно прсна во смеа. Ганеш се повлече. Отиде во спалната каде што најде аспирин и го проголта без вода.
Подоцна, кога таа се врати, тој лежеше на креветот со лицето кон ѕидот. Потпевнуваше во кујната, тој ја слушаше обидувајќи се да открие нови тонови, некоја странска мелодија.
Таа се појави со шолја чај. „Нели е веќе време да се разбудиш?“ го праша.
Тој погледа на часовникот; време беше да појде на работа.
Во автобусот, во главата постојано му се вртеше сцената од дворот и со секое ново повторување чувствуваше слаб бодеж во стомакот. Се обидуваше да се убеди дека таа само разговараше со човекот, но аура на тајност, лага, ја обвиваше сцената и тој можеше да ги замисли како се бакнуваат на креветот на самоуверениот човек, со рацете на неговите мускули.
На работа пријателот му се приближи велејќи, „Забавно беше минатата ноќ, а? Одамна не сум пиел толку многу, уште од минатогодишниот празник“, направи пауза. „Се лутеше ли жена ти?“
Ганеш ги згрчи рамениците.
„Сè ќе биде добро“, рече пријателот. „Штом ќе се вратиш дома“.
Таа вечер враќајќи се дома Ганеш отиде до базенот. Трепереше; не можеше да поверува дека претходната ноќ нуркаше во таа гнасна вода.
Беше темно кога стигна дома. Чекорејќи низ дворот речиси се судри со некого. Беше тоа самоуверениот човек, светлината од еден од прозорците ги осветлуваше неговите мускулести раце. Ганеш си помисли: може да ме убие. Гласот на човекот пловеше во темнината: „Ја познавам вашата жена“.
Ганеш не можеше да му го види лицето, делумно беше во темнина. „Ве видов заедно“, проговори Ганеш. „Се смеевте“. Се искачи по скалите во својот стан.
Сопругата го пресретна на вратата. „Кој беше човекот? Да не беше пијан?“
„Твојот љубовник“, одговори.
„Не прави невкусни шеги. Кој беше?“
„Не се шегувам“, рече. „Требаше да ми кажеш“.
Таа се заврте и отиде во кујната, а тој ја следеше. „Колку време трае ова?“ Здивот му го стегаше грлото.
Свртена со грбот таа почна да сече домати.

АвторСамрат Упадјај
2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 64|