За време на празникот

/, Литература, Блесок бр. 64/За време на празникот

За време на празникот

Кога неговата сопруга се врати дома Ганеш веќе беше в кревет и нејзината студена кожа го преплаши. Го чувствуваше допирот на нејзиното здолниште, го заплисна мирисот на нејзиниот парфем. Потпевнувајќи таа си играше со неговата коса. Кога нејзиното дишење се успокои тој се измолкна од креветот и тивко слезе по скалите.

Ги запали светилките во кујната, го отвори креденецот и во чашата си нали јак алкохол. Пијалокот му го гореше грлото. Меѓу две голтки тивко ја потпевнуваше мелодијата што таа му ја наметна. Врелината на течноста му ги загреваше екстремитетите. Го облече палтото и се втурна надолу по скалите, на улица. Сознанието дека таа е горе, несвесна за неговото отсуство, го исполни со возбуда. Ведрото небо и студените треперливи ѕвезди му создаваа чувство на слобода, чувство на олеснување што му се ширеше во градите.
Токму кога чекореше под градскиот часовник во центарот на градот тој почна да отчукува. Погледа нагоре и виде дека е три часот наутро.
Ја прекачи оградата на Кралскиот базен, ја соблече облеката и се нурна не грижејќи се дека полицијата може да го открие. Свежата вода го живна додека се пробиваше низ лилјаните што пловеа на површината. Размислуваше колку време ќе му биде потребно ако нурне подлабоко и водата му ги исполни градите. Размислуваше за чудовишта со долги пипала што можеби живеат на дното и ги замислуваше како му го кинат месото. Дали неговата сопруга ќе може да го препознае неговото тело?
Слушна како градскиот часовник отчукува четири пати и почна да плива кон работ. Кога стигна дома се лизна под креветскиот покривач, таа нешто мрмореше, но не се разбуди.

Сончевите зраци го заслепија кога се разбуди следното утро. Лежеше во креветот испотен од врелината на доцното утринско сонце, а пижамата му се беше залепила за влакната на градите. Посегна по цигарите и запали една, ја поткрена перницата и се потпре на неа. Во светлината на денот пливањето од претходната ноќ му се чинеше невистинито.
Кога го турна резето од балконската врата слушна рамномерно бамп-бамп-бамп. Неговата сопруга беше долу во дворот, до чешмата, удирајќи со алиштата по камените плочи. Неколку жени стоеја околу неа, зборуваа, чекаа да ги наполнат бокалите со вода. Едно девојченце, со палецот во уста, ги гледаше движењата на неговата жена додека мајка ѝ ја држеше во раце, вдовица која живееше во куќата отспротива. Одеднаш си замисли како се качува на оградата и се фрла, како паѓа надолу четири ката, алиштата му се виорат нагоре, чувството од паѓањето удолу под ведрото сончево небо, девојчето како го забележува во воздухот и очекувано посегнува кон мајка си, мајката полека ја свртува главата и конечно, трас, совеста полека се смирува, ужасот на неговата жена додека водата од чешмата рамномерно се слева во месинговиот бокал.
Сега неговата жена погледа горе и забележувајќи го потпрен на оградата извика, „Оградата е слаба!“ Тој се повлече назад еден чекор и го забележа самоуверениот човек отспротива во дворот како гледа кон него, потпрен со рацете на первазот од прозорецот со мускулите набабрени под кошулата. Човекот се насмевна и му кимна со главата.
Ганеш бргу влезе во собата.
Отиде до креденецот и најде врамена црно-бела фотографија од нивната венчавка, неговата сопруга гледаше директно во камерата, небаре се обидува да се премисли. Тој изгледаше среќен; главата му беше зафрлена на страна, со обид за насмевка на усните. Му се чинеше дека таа можеби не била среќна на денот на венчавката; можеби тајно посакувала да се омажи за друг, некој со повеќе пари, поубав, од угледно семејство.
Ставајќи ја фотографијата назад во креденецот, со прстите дофати друга фотографија, онаа на неговата мајка. Ја извади. Беше застаната во подножјето на еден храм, го препозна, беше тоа Буда, градскиот будистички храм каде секојдневно се собираа илјадници поклоници. Беше тоа стара фотографија, направена непосредно по неговото раѓање; хартијата беше пожолтена на рабовите. Мајка му гледаше директно во апаратот, исто онака како и неговата сопруга. Можеби така прават жените, помисли. Фотографијата на неговата мајка го потсети на луѓето од соседството кои шепотеа, кога Ганеш беше млад, дека тој е дете на љубовта со нејзиниот сакан, а не со неговиот татко. Во текот на детството го прогонуваше ликот на тој таканаречен љубовник: строен човек со раце како прачки, тажни очи и со воздржано однесување. Еден ден на седумгодишна возраст ја праша мајка си дали познава висок човек со тажни очи, а таа одговори не. Бараше таков човек во соседството и на карневалите каде што го водеше неговата мајка, карневали со игри и музика и огромни тркала, но никој не наликуваше на сликата што постојано му се плеткаше во главата.
Сопругата го зготви ручекот и, додека јадеа, таа се наврати на венчавката. „Шаторот беше огромен“, рече. „Собираше околу илјада гости, но имаше само околу стотина. Невестата носеше ѓердан со тринаесет – не, дванаесет – големи дијаманти. Замисли да носиш такво нешто! Толкав товар на вратот, а уште и стравот додека го носиш. Еден ме прашуваше за тебе, рече бизнисот му е тропа, бетер од твојот; нема никакви приходи, или така нешто“.
Зборуваше за вечерта небаре тоа него многу го интересира. Нејзините зборови му одекнуваа во умот додека за неговите мисли немаше место. Со време бесот во него растеше и тој го смени расположението. „Не сум гладен“, рече, излезе од собата и слезе долу по скалите.
Бесот му пулсираше во слепоочниците. Не го праша ни што правел минатата вечер додека неа ја немаше. Се чувствуваше понижен. Надвор, чекореше по тесните улички без компас. Си замислуваше дека оди во куќата на својот пријател, застанува зад неговиот кревет, неговиот пријател чита некое глупаво списание, и вели: „Жена ми има љубовник“. Се разбира, не знаеше дали тоа е вистина, но сакаше да ја дознае вистината, независно каква е, па дури и лага.
На улиците имаше многу луѓе, убаво облечените деца се бркаа трчајќи низ толпата. На плоштадот Дурбар Ганеш наиде на група луѓе кои свиреа на тапани и чинели. Едно мало момче, со лице бојадисано со бела боја, се шегуваше со еден човек со маска со широки танки усни и големи оџарени очи, со ноеви пердуви забодени зад главата и со тантели на рабовите од палтото што се виореа на сите страни додека мавташе со рацете. Малото момче танцуваше подбивајќи се со него. Човекот со маската, и тој танцувајќи, се обидуваше да го удри момчето – на шега или од бес, тешко е да се каже – во моментот кога музиката достигнуваше крешчендо, но се повлече кога музиката се врати на нормален ритам. Човекот со маската се онесвести со божествена моќ, а гледачите му направија постела.
Ганеш се потпре на ѕидот од една куќа и набљудуваше. Луѓето гледаа од прозорците и толпата околу изведувачите се згуснуваше. Секогаш кога момчето ќе се доближеше до човекот со маската набљудувачите ќе испуштеа крик, а тапаните се закануваа да го расцепат парчето небо над нив. И секојпат кога момчето ќе му се приближеше на човекот, Ганеш гледаше страв кај детето, опасност, возбуда да се биде толку блиску до божество кое со еден удар можеше да го простре преку поплочената улица. Кога момчето ја одбегна казната, Ганеш внимателно го гледаше маскираниот танцувач, сепак ја забележа неговата понизност, недостаток од почит од толпата, налудничавиот бес поради својата немоќ да го замолчи оној што го задеваше.
Во еден миг, маскираниот човек, со нозете расчекорени за следниот чекор во ритмот, бесно го погледа Ганеш кој како сенка се стутка покрај ѕидот, нозете му се тресеа од возбуда.

АвторСамрат Упадјај
2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 64|