Задоволството и отаде него

/, Литература, Блесок бр. 43/Задоволството и отаде него

Задоволството и отаде него

(„Баналии“ од Бране Мозетич, „Блесок“, Скопје, 2004)

#1 Круцијалниот избор во постоењето на човекот, изборот помеѓу животот и смртта, е артикулиран во поетската збирка „Баналии“ на еминентниот словенечки поет Бране Мозетич, нам сега достапна на македонски преку извонредниот препев на Лидија Димковска и во издание на „Блесок“. Таквата артикулација на нагонот за живот изразен преку очајничка потреба за откривањето на смислата на постоењето („А веќе половина живот / мака мачев да останам жив и можеби да ја откријам / тајната на животот!“) и нагонот за смрт („Првото што ти паѓа на памет во овој град / е да си ги пресечеш вените, да си врзеш јамка / околу вратот, или да се фрлиш од облакодер“) детерминиран од отуѓувањето („Пријателите не се пријатели, / познајниците не се познајници, љубовниците / не се љубовници мајката не е мајка, / таткото не е татко, жената не е жена, тлото не е тло“) резултира со потполно губење на смислата на постоењето и задоволството: „Нештата станаа банални, животот и пишувањето – / излишни.“
Објаснувајќи го во „Од онаа страна на принципот на задоволството“ и „Его и Ид“ принципот на задоволството, Фројд сугерира дека овој принцип автоматски го регулира текот на психичките процеси; тој „секогаш се побудува со непријатна напрегнатост, а потоа зазема таков правец што крајниот исход е намалување на таа напрегнатост, односно избегнување на незадоволството, или, пак, создавање на задоволство“ (Фројд 1984а: 253). Задоволството и незадоволството Фројд ги доведува во однос со квантитетот на возбудување кое е присутно во психата, при што „незадоволството одговара на зголемување, а задоволството на смалување на тој квантитет“. Овој однос е однос на „директна пропорционалност; чинителот кој го одредува чувствувањето веројатно е величина на зголемување или намалување на квантитетот на возбудувањето во даден момент“ (исто: 254).
Принципот на задоволството е регулирачки, но тој не е и доминантен, бидејќи му се спротивставуваат други сили и односи. Заради тешкотиите во околниот свет, принципот на задоволството е попречен, или поточно заменет, од принципот на реалноста, чија крајна цел можеби е исто така задоволството, но првична – опстојувањето, а „наметнува одлагање на задоволството, одрекување од разни можности за тоа задоволување и привремено поднесување на незадоволството на долгиот, заобиколен пат кон задоволството“. Иако се случува, под влијание на, како што вели Фројд, „тешко ‘воспитливите’ нагони“, принципот на задоволството да го победи принципот на реалноста (исто: 255), преобразбата од непосредното задоволување во одложено задоволување, од задоволството во ограничување на задоволството, од радоста во труд, од рецептивноста во производност, што севкупно претставува преобразба на принципот на задоволството во принцип на реалноста, е она што е нужност во тнр. цивилизиран свет.
Вториот извор на незадоволство е последица на конфликтите и во психата, настанати во периодот кога „егото го минува развојниот пат до поорганизирани фази“. Со оглед на тоа што вродените нагони не достигнуваат исти развојни фази, некои од нив, стремејќи се кон своите цели и барања, доаѓаат во судир со другите кои се обединети во единството на егото. Тогаш тие „со процесот на потиснување се одвојуваат од тоа единство, се задржуваат на понизок степен на психички развој и се оддалечуваат од можноста за задоволување. Ако потоа успеат по заобиколен пат да дојдат до непосредно или посредно задоволување,“ и тука Фројд како чест случај го наведува задоволувањето на потиснатите сексуални нагони, „тогаш тој успех, кој инаку би бил можност за задоволство, егото го чувствува како незадоволство“, односно „невротично незадоволство кое е задоволство кое не може да се чувствува како такво“ (исто: 256). Иако задоволството и возбудувањето се наоѓаат во еден вид на спрега, едното (задоволството), сепак, го предизвикува гаснењето на другото (возбудата) (исто: 295):
Принципот на задоволството (…) е тенденција која е во служба на функцијата на која ѝ е задача психичкиот апарат сосема да го ослободи од возбудувања или неговото возбудување да го одржи на постојано и што пониско ниво (…). Таа функција би имала удел во најопштиот стремеж на сè што е живо, имено во враќањето на мирот на неорганскиот свет. Сите ние сме искусиле дека најголемото задоволство кое можеме да го постигнеме, задоволството на сексуалниот чин, е поврзано со миговно гаснење на многу силното возбудување. Врзувањето на нагонското побудување би било подготвителна функција која возбудувањето треба да го подготви за негово завршување во задоволството на растоварувањето.
Поетскиот субјект од збирката „Баналии“ на Мозетич копнее по враќањето на задоволството, по возобновувањето на способноста за негово доживување: „Нека го употреби / сето свое знаење, сета своја умешност, / само да ми го поврати барем за миг она чувство, / чувство што го немам повеќе.“ Не наоѓајќи конечно исполнување во ништо, во него уште повеќе се засилува танатичкиот порив, па така во „Петок е денот кога помислуваш на смртта“ вели: „се надеваш / дека утрото никогаш нема да осамне“.
Во „Од онаа страна на принципот на задоволството“ и „Его и Ид“ Сигмунд Фројд ги објаснува и концептите на Ерос и Танатос. Претставувајќи ги како два спротивставени нагони1 кои се во постојан сооднос, бидејќи и двата се суштински поврзани со принципот на задоволството, тие се формираат во спрега еден со друг уште во најраните фази на психичкиот развој на индивидуата. Херберт Маркузе во своето дело „Ерос и цивилизација“ напоменува дека и Ерос и Танатос, и нагонот на животот и нагонот на смртта, се подеднакво опасни за општеството, па оттаму и подеднакво санкционирани од општествениот систем. Тој вели дека „нивната разорувачка сила произлегува од фактот што тие се стремат кон задоволувањето кое културата не може да го допушти: задоволување како такво и како цел самото на себе, во кој било миг. Нагоните затоа мораат да се одвратат од својата цел, мораат да бидат спречени во нивната намера“. Според Маркузе, „цивилизацијата започнува кога примарната цел – имено, интегралното задоволување на потребите – ефикасно ќе се отфрли“ (Маркузе 1985: 23). Таквиот нездржан Ерос и Танатос Маркузе ги наоѓа во два лика од античката митологија. За Нарцис и Орфеј тој вели дека ги помируваат нагонот на смртта и нагонот на животот (исто, 147148):
Тие го повикуваат во сеќавање искуството на светот со кој нема да се господари и кој нема да биде контролиран, туку кој ќе се ослободи – слобода која ќе ги разреши силите на Еросот кои сега се попречени во потиснатите и скаменетите облици на човекот и природата. Тие сили се сфаќаат не како разорување, туку како спокој, не како ужас, туку како убавина. Доволно е да ги наведеме собраните претстави за да ја дефинираме димензијата која ја имаат: искупување на задоволството, застој на времето, апсорбирање на смртта; тишината. сонот, ноќта, рајот (…)

2018-08-21T17:21:32+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 43|