Животот е сон

Животот е сон

Третпат во животот носам нечиј крст. Одам прв во процесијата. До мене е еден гробар, мошне млад, кој ја одредува маршрутата. Жештината ми удира в глава. Помислувам на ладно пиво. Дали е тоа неприкладно во ваков момент? Гледам во спомениците. Мермерот е скап, си мислам. Некои од портретите се баш успешни. Еве го мојот наставник по ОТП… па поранешниот градоначалник… Најпосле стигнуваме до ископаниот гроб. Над него има една малечка камена плоча а на неа две елипсести фотографии на порцелан. На едната е неговата сопруга. Починала пред дваесетина години.
На другата тој, само многу млад.
Бабите си ги знаат добро улогите. Претходно сигурно мавнале по една од нога, да им се пушти гласот. Го потпирам крстот до една ограда и се тргам подалеку од сиот тој циркус.
Палам цигара.

Ми беше далечен роднина но и комшија. Емил Павлов – Шпанец. Живееше сам во двоспратна куќа спроти нашата. Вдовец, без деца; поранешен референт во рафинерија. После вториот инфаркт му дадоа инвалидска пензија. И покрај забраната од лекарите, продолжи да пие. Се уништуваше перманентно.
Уште од мал кај него поминував добар дел од денот. Моите не ми бранеа. Ми беше пријатен неговиот хаос од книги, плочи, стрипови, еротски списанија. На ѕидовите имаше некакви чудни колажи од фурнир што ги правел татко му, икона на Свети Никола, еден огромен плакат на Бијело Дугме и постери од Ленон, Демис Русос, Индекси. Во младоста имал група. Свирел на игранки. Го гледав на фотографии со долга коса и обетка. Кога се вратил од војска, заедно со уште двајца другари формирале трио и изведувале мексикански песни кои во тоа време биле многу популарни. Ме учеше да ги пеам: Malaguena, Granada, Mama Juanita, Besa me mucho. Имаше еден куп синглици кои ги пуштавме на неговата тоска.
Шпанија беше неговата ветена земја. Знаеше сè: површина, број на жители, климатски особености, сè за Граѓанската војна; добар дел од поезијата на Лорка и Мачадо. Велеше дека еден ден ќе ја продаде куќата и ќе замине во некое андалузиско село.
… ќе одам бос по врелиот песок. Ќе носам бели подвратени пантaлони, раскопчана кошула и сламена шапка. Ќе имам пес кој ќе се вика Пако. Ќе пушам тенки долги цигари…, ќе пишувам песни…

Сакаше да живее.
Алкохолот го убиваше. Му попуштија и нервите. Го гледав од прозорецот (во тоа време пишував по цели ноќи), како тетеравејќи се, се прибира пред зори; Се расправа со некој имагинарен лик. Пцуе и влада, и држава. Веќе не беше оној Дикенсов Микобер, симпатичен веселник. Понекогаш комшиите му викаа полиција. Ќе го собереа на една ноќ колку да се отрезни и пак го пуштаа.

Еднаш, додека го пикаа во комбето ме забележа на балконот. Ја крена раката стегната во тупаница небаре го апсат како радикален политички дисидент и викна колку што го држи гласот: Фидел, но пасеран, Фидел… но пасеран!!! Му отпоздравив на ист начин, со стисната тупаница. Веќе беше внатре.

Го сместија во душевна болница – одделение за зависници.

Една јулска недела решив да го посетам. Првин бев на автопазар по некои делови за спачекот, потоа каснав нешто пред еден киоск. Се качив во такси.
– Добар ден, каде одиме? – праша таксистот. (Личеше на Рон Џереми).
– Душевна болница во Бардовци.
– Одлично! одамна не сум бил таму.
–???
Беше пријатен човек. Додека се возевме ми расправаше како порано работел во Железара; останал без работа; едно време продавал Бинго; собирал полжави, печурки и што уште не. Ми понуди Ротманс.

– Ајде запали од овие чоколадниве. Вакви пуши Бранко. Ми ги остави еден муштерија сабајле. Инаку јас пушам Југославија (Смеа).
– Музика, може? – праша чепкајќи со десната во едно купче касети.
– Може.
Пушта. (… Cantando bajo la luna… La vida es sueno…). Почна да потпевнува.
– Од мое време. Тоа беше музика, а не ова денес. – Пеењето стана погласно. Како да сакаше да ми покаже дека ја знае целата песна.
Ја знаев и јас…

Тоа место го замислував поинаку. Беше тоа една огромна зграда со решетки на прозорците од кои допираа некои чудни звуци; врисоци, удирање во некакво железо; некој од првиот кат на сиот глас ја пееше Bandiera Rossa. Поминав покрај еден чичко кој седеше на еден камен и читаше некоја прастара Политика Експрес, ама свртена наопаку. Ја движеше главата од лево кон десно, поминувајќи со очите по редовите. Кога ме забележа, направи загрижена фаца и како за себе рече: Опет неко срање у Бејруту.
Го здогледав како седи на една клупа со некоја медицинска сестра. Ѝ расправаше нешто, мафтајќи со рацете. Таа се смееше. Кога ме виде, се израдува.
– Фидел, que passa? Баш супер што намина. Вечерва планирам бегство. – Ова беше кажано со несериозен тон, демек се шегува со сестрата. – Запознај се со Долорес!
Се викаше Ена. Едвај да имаше триесет години. Имаше тркалезно лице, зелени очи, коса со боја на коњак и бронзен тен кој уште повеќе го потенцираше белата униформа. Се познаваше дека била на одмор. Седеше на самиот крај од клупата со скрстени нозе. Кломпите ѝ беа собуени. Лакот ѝ беше розов; ѝ карминот.
– Долорес е најубавото нешто овде. Ѝ напишав песна – рече и ја допре нејзината рака. Потоа се сврте кон мене – Како си ти, како се твоите?
– Добро сме. Сите те поздравуваат. Еве, ти донесов кајсии, ги набрав од твојот двор. Еве ти и некои стрипови Алан Форд.
Ја зеде кесичката со кајсиите, ѝ ја подаде на Ена. Почнаа да ги јадат.
– Тој е писател, знаеш – ѝ рече џвакајќи. – Таа многу чита, особено кога е дежурна. – Кажи, кој ти беше омилен автор?
– Куељо.
Ја викнаа. Гледав како се одалечува. Одот ѝ беше грациозен; кошулата залепена за кожата.
– А, што викаш? Зарем не е прекрасна?
– Икона.
– Сега може да запалам. Дај една. – Запали. Вовлекуваше длабоко, небаре му е последна. Гледајќи уште во неа рече: Ѝ ветив дека нема да пијам повеќе. Само пиво.

Беше некако променет. Очите му беа подуени, косата подрасната. Испуши три една по друга. Рацете му трепереа. Од лицето му исчезна ведрината од пред малку. Не издржа. Почна тивко да плаче. Го допрев за рамото. Требаше нешто да кажам.
– Животот е борба. Треба да се бориме. – Не знам од каде ми дојде таа излитена фраза.
– Грешиш, момче. – Ја крена главата. Веќе не плачеше. – Животот е сон; La vida es sueno. – Воздивна длабоко. – Само што јас мојот го отсонував.

Завршува погребната церемонија. Некои од роднините сакаат да ме префрлат со кола. Ги одбивам. Се спуштам пеш од гробиштата кон градот. Помислувам на Долорес. Чувствувам силна желба да ја видам; да ѝ речам Го нема веќе; да ѝ ја ставам главата на градиве кога ќе се расплаче; да ѝ поминувам со прстите по косата; да ја бакнувам во темето; да ѝ се удавам во парфемот. Ќе ѝ напишам песна. Многу песни.

Некои деца играат баскет на еден паркинг. Се потпирам на една кола и ги гледам. Се расправаат. Бараат јас да пресудам дали едниот од нив направил чекори. Од под колата се појавува едно мало црно кученце и ми се мотка околу нозете. Го земам. Машко е. Само на нозете има бели шарки како да носи чорапи. Жмирка со очињата и мрда со опавчето. Еј пријателче, сега си мој. Ајде, одиме дома. Тргнувам.

Ситен дожд.

Ќе го викам Пако.

АвторЗоран Зафировски
2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 44|