Јазикот како слобода во Сартровата философија

/, Литература, Блесок бр. 14/Јазикот како слобода во Сартровата философија

Јазикот како слобода во Сартровата философија

Ова е во согласност со Рокантеновото откритие дека не постојат авантури. Тој го заснова овој став врз размислувањето дека авантурите се приказни, а „приказната не се живее“.20F Таа е еден востановен чин кој го стекнува определувачкото значење на авантура имајќи го предвид неговото завршување; следствено, човек е принуден да ги живее своите искуства единствено преку нивното поврзување со некој настан, поскоро одошто низ самиот акт на доживувањето. Рокантен се соочува со растајнувањето на сегашнината: кога некој би можел да раскажува за животот откако го проживеал, тогаш е принуден да го стори или едното или другото: „може да живее или да раскажува но не и обете истовремено“.21F Со други зборови, со цел да го осмисли животот, човек мора да го забележува онака како што тој се одвива, и само отпосле, читајќи го како книжевно дело, слушајки го како музичко дело, или согледувајќи го како уметничко дело, може да го согледа значењето на животот во неговиот тоталитет. Согледувањето на тоталитетот на животот е мошне важно, бидејќи Сартр го определува егзистенцијалниот хуманизам како „онаа релација на трансценденција која е конститутивна за човекот (не во смисла дека Бог е трансцендентен, туку во смисла на само-надминување) и неговиот субјективитет (во смисла дека човекот не е затворен во себеси, туку засекогаш е присутен во човечкиот универзум“.22F
Рокантеновиот обид да ја поврзе сопствената приказна како значење на неговиот живот, страда од отсуството на извесност во јазикот. Загледан во седиштето во трамвајот, Рокантен си мрмори на себеси:“тоа е седиште, како вид егзорцизам. Но зборот остануваше на моите усни: одбиваше да оди и да се прилепи за нештото… Нештата се ослободени од нивните имиња. Тука се, гротескни, тврдоглави, огромни, и изгледа лудо да ги нарекуваме седишта или да велиме што и да било за нив“.23F Овие мисли продолжуваат за време на неговата посета на јавниот парк, како и рефлексиите за отсуството на перципираните релации помеѓу зборовите и сликите на самите нешта. Рокантен ги осознава овие лимитации преку употребата на зборовите; отсуството на „среден пат „помеѓу не-постоењето и изобилието на нештата е идентификувано како отсуство на именувањето, идентификувањето на дејствувањето, процесот на станување слободен, кој Сартр подоцна го формулира во Битие и Ништо. Тоа се зборови кои го дефинираат бидувањето, како нешто различно од простото егзистирање. Зборовите доаѓаат онака како што се обликува записот на оваа историја, мојата историја, а со тоа и значењето на моето бидување како суштина. Имено, сè додека не сум способен да го дефинирам процесот на ова настанување24F во облик на приказна која можам да ја поврзам и преку која можам да го објективирам моето бидување-како-свест, јас само егзистирам како празна свест.
Така, се покажува дека на индивидуите им е неопходен јазик – кој не се сведува на просто поврзување на зборовите – за да ја идентификуваат и дефинирааат содржината на нивната суштина. Себноста е конституирана во тоталитетот на зборовите кои ги определуваат нејзините моменти на „настанување“. Според Сартр, себноста добива значење во самиот акт на себе-објективирање, иако единствено за самиот миг на ова дејствување. Нејзиното значење е мигновено и се состои во времето кое е потребно за да се дејствува, или да се изговори некоја реченица, и тогаш себноста е изменета преку тој чин, станувајќи друга за себеси (т.е. Себноста пред чинот да биде извршен). Така, зборовите изговорени со цел да го изразат првиот момент од една дејствена свест не можат да се сметаат за конечни, и ќе мораат да сочекаат додека себноста престане да дејствува, да ја собере суштината од сите претходни дејства во нивниот тоталитет, и да сочини еден последен наратив кој може да се употреби за нејзиното дефинирање. Оттаму, зборовите, иако не ја дефинираат непосредната, празна себност, се јавуваат, и како што сугерира Рокантен, се неопходни, за препознавањето, за спознавањето на овој
проживеан живот.

3.

Во поглед на јазикот, Сартр поставува и еден друг проблем, бидејќи во оваа дистинкција помеѓу егзистирањето и бидувањето, егзистенцијалистичката angst се јавува како отсутност на оваа извесност присутна во именувањето на природата на она што јас сум. Во Тегобност, она што го плаши Рокантен, предизвикувајќи ја тегобноста, е спознанието дека додека ги изговара зборовите „корен“, „галеб“, и т.н. Тој не се здобива со никаква слика на овие нешта, и, следствено, ја спознава бесполезноста на изговорените зборови, и, следствено, бесполезноста на зборовите кои ги употребува со цел да го испише сопствениот живот. Рокантеновото знаење на сопствената субјективност се измолкнува, бидејќи дејството коешто го определува битието секогаш доаѓа однадвор а не однатре; тегобноста е незнаењето, немоќта да ја измениме ситуацијата во која се наоѓаме, додека продолжуваме да ја сносиме одговорноста за дејствата кои своеволно сме ги извршиле во рамките на пред-одредените околности. Себноста не е автор на нејзиниот свесен чин, бидејќи себноста не е другото во кое таа се препознава себеси, во кое се рефлектира врз самата себеси, низ кое vстанува свесна и стекнува вредност.
Проблемот кој се поставува пред Сартр е двојствен: од една страна, јас, како рефлективна свест, ја перципирам сопствена слобода како ограничена од погледот на Другиот. Од друга страна, таа е исто така ограничена од јазикот. Јазикот се јавува како „медиум“ кој ја објективира свеста на Другиот и му дозволува да се запре врз мене, и на тој начин да ме објективира. Згора на тоа, јасно е дека Сартр е длабоко засегнат со апсолутната нужност на индивидуата да биде перципирана, и, следствено, да се перцепира себеси како субјект во светот. Оттаму следува дека за Сартр е неопходно да ја спознае вистинската природа на За-себноста (како слобода и субјективитет), како различна од секоја другост. Сепак, како човек може да биде слободен во светот кога самиот свет е затвор во кој свеста секогаш се среќава со други суштества кои се јавуваат како постојана закана за нејзиниот субјективитет, и следствено, за нејзината слобода? Уште позначајно, како човек ја спознава оваа слобода?
Еден можен одговор на ова прашање се крие во едно од раните Сартрови дела, Психологија на имагинацијата (1940), каде што Сартр воспоставува директна врска помеѓу ништоста и слободата: „за да имагинира, свеста мора да биде ослободена од секаква специфична реалност и оваа слобода мора да биде способна да се дефинира себеси преку“ едно „суштество во светот кое истовремено претставува конституирање на светот, но и негова негација“.25F Со други зборови, свеста, За-себноста, мора да биде способна да воспостави свест за „нереалното“.26F Ова се јавува бидејќи нереалното „е продуцирано вон светот од една свест која останува во светот, и човекот може да имагинира поради тоа што е трансцендентално слободен.“27F Токму оваа слобода, во суштина, го „поништува“ детерминираното суштествување на општеството, и им дозволува на индивидуите да ја воспостават сопствената себност независно од социјалниот свет. Во имагинацијата, индивидуата е слободна да го постави сопственото разбирање на сите феномени како проживеана реалност. Ова овозможува истовремено ослободување како од појавниот свет така и од неговото познание.
Ова е подеднакво очевидно во Тегобност. Во своето размислување за јазикот, Рокантен сфаќа дека „нема средина помеѓу непостоењето и ова зашеметувачко изобилие. Сè што постои, мора да постои на тој начин: низ пропаѓање, прелевање, опсценост. Во еден поинаков свет, круговите и мелодиите ги задржуваат своите чисти, строги контури. Но постоењето е дегенерирање“.28F Овие преокупации сугерираат дека изборот, намерата да се дејствува, макар и со просто именување на нештата, ги ограничува другите можности кои се потенцијално присутни во ништоста на свеста. Како и да е, тие исто така ја означуваат Сартровата приврзаност кон една поинаква сфера на постоењето, кадешто значењето останува слободно од разводнување, сфера во која мислителот е едно со искажаната мисла: царството на имагинацијата. Имајки ја предвид оваа поента, би сакала да покажам дека во имагинацијата, Сартр наоѓа пат преку кој свеста ја досегнува слободата, слободата која може да се изрази за себноста и за Другото преку јазикот. Сартр го појаснува ова во својата расправа за слободата и за односот помеѓу писателот и читателот.
Во делото Што е книжевноста, (1947) Сартр сугерира дека слободата е тесно поврзана со активноста на писателот чии дела допираат до читателите во рамките на универзалната определба на значењето на битието, и на тој начин ги ослободуваат. Релацијата помеѓу писателот и читателот Сартр ја согледува како дијалектичко aufheben, т.е. „креативната слобода“ на едниот мора да биде признаена од другиот, така што „колку подлабоко ја искусуваме сопствената слобода, толку повеќе ја признаваме слободата на другиот; колку повеќе (писателот) бара од нас, толку повеќе (читателот) бара од него“. 29F Тука Сартр укажува на еден начин на комуникација кој го сочувува субјективитетот на индивидуите, кој го имаше формулирано во Егзистенцијализмот и хуманизмот. Пишувањето и читањето стануваат медиум кој ја овозможува оваа размена и универзализација на суштината на себноста. Според Сартр, јазикот е „продолжение на сетилата, трето око кое гледа во срцето на блискиот. Во јазикот сме како во нашето тело. Тоа го чувствуваме спонтано кога го надминуваме стремејќи се кон други цели, како што ги чувствуваме своите раце и стапала; го перципираме кога го користи другиот, како што ги перципираме екстремитетите на другите.“30F Зборовите и пишувањето, според моето гледиште, претставуваат посебен процес на „активна објектификација“ на човечката суштина; тие конституираат еден чин кој го дофаќа без да го измени (бидејќи не е од феноменална природа) значењето на слободата како свест и како дејствување.

4.

Како заклучок, ќе покажам дека за Сартр, слободата претставува актуализација на себноста како субјективитет, процес кој бара индивидуите да ја одржуваат раздвоеноста помеѓу себеси и светот. Иако можеме да го спознаваме светот преку рефлексивната свест, нашата слобода почива единствено во нашиот капацитет да ја преживееме активната објектификација на нашите внатрешни себности, која се јавува секогаш кога ќе се сретнеме со другите. Имагинацијата не е зависна од природата на суштествувањето, туку се искусува како лет вон светот. Со цел да го воспостави светот на имагинацијата, индивидуата мора да изврши тројно движење. Според Сартр, имагинативниот акт „конституира, изолира и нихилира… Тој го конституира светот како свет, бидејки пред свеста не постоел“ свет „туку единствено полно, неиздиференцирано битие. Понатаму, тој го нихилира светот од една посебна гледна точка, и преку вториот цин на нихилација го изолира објектот од светот како недосеглив“.31F На овој начин, светот за индивидуата станува состојба на битието во свеста којашто е имагинација, или живот во мислата. Во умот, индивидуата никогаш не е подложна на нихилирачкиот ефект на другиот, и во имагинацијата Рокантен може да изнајде или да создаде светови кои најдобро го изразуваат неговото разбирање на светот кој го среќава. Во имагинацијата, индивидуата останува истовремено и слободна и субјект, и зборовите остануваат автентични. Како писатели и читатели, индивидуите се способни да ја искусат сопствената и туѓата субјективност и слобода, лишена од објектификација.

Текстот е презентиран на Дваесеттиот светски конгрес на философите, Бостон, Масачусетс, 10-15 август 1999

Превод од англиски: Ана Димишковска – Трајаноска

#b
20. Iris Murdoch, Sartre: Romantic Rationalist, (London: Penguin Books, 1987), p. 39.
21. Ibid. P. 40.
22. Sartre, Existentialism & Hum. ., op. Cit., p. 55 my italics.
23. J.P. Sartre, Nausea, tran. Hamish Hamilton, (New York: New Directions, 1962), p.69.
24. Сартр го воспоставува поимот на Настанување во своите подоцнежни дела Search For A Method (1960), и Critique of Dialectical Reason (1960); сепак, јас верувам дека самиот овој поим, иако не како Хегеловското Aufhebung, беше имплицитно присутен и во Сартровата поранешна дефиниција на егзистенцијализмот.
25. J.-P. Sartre, The Psychology of Imagination, (New York: Knopf, 1952), p. 269.
26. Ibid.
27. Ibid., p. 271. Курзивот е додаден.
28. Ibid.
29. Jean Paul Sartre, What is Literature?, trans. B. Frechtman, (New York: Harper & Row, 1965), p. 45.
30. Ibid., pp. 14-15.
31. The Psychology of Imagination, op. Cit., p.69.

АвторСалам Хава
2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 14|