Црнила како национална драма

/, Литература, Блесок бр. 57/Црнила како национална драма

Црнила како национална драма

Познатата драма на Коле Чашуле – организирана во прилично нестандардна квадрифониска/„четиричлена“ форма (во четири дела, а не, како што би вило вообичаено, во четири чина), насловена со прилично стигматична и соодветно конотативна синтагма „Црнила“ – несомнено е една од клучните македонски драми, едновремено и драма што лаконски („по автоматизам“) се атрибуира како „национална класика“, што и да значи оваа прилично неодредена/неодредива формулација. Текстот што следи има намера да ги истражи потенцијалните значења на таа формулацијата, обидувајќи се истите да ги аргументира или да ги проблематизира со помош на егзактни и апсолутно проверливи факти.
Најпрвин оние навидум формални:
Пишувана помеѓу 1956 и 1960 година, драмата најпрвин била објавена/објавувана во делови или во фрагменти: во весникот „Нова Македонија“ (1960) и во списанието „Разгледи“ (1960/61). Дури потоа – откако целиот нејзин текст бил публикуван, што значи: авторски „проверен“ – се случи и праизведбата, инсценирана на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје, тогашниот централен (најпрестижен / најрепрезентативен / највлијателен…) театар во државата, национален по своето номинално (ономастичко), но културално/идеолошко значење. Во режија на Илија Милчин, праизведбата се има одиграно на 26 јануари 1961, со учество на најдобрите актери со кои диспонираше тогашниот ансамбл: Петре Прличко како Фезлиев, Илија Џувалековски како Луков, Вукан Диневски како Иван, Тодорка Кондова-Зафировска како Неда, Ацо Јовановски како Младичот… Постпремиерниот успех беше децентен (како и доликува на малата средина), ама и – евидентен1F. Дури по признанијата што оваа драма ги доби надвор од Македонија, нејзината „цена“ во домашниот контекст како да „порасна“.
Во текот на изминативе 45 години, „Црнила“ бележат дури 26 премиерни постановки (14 во Македонија и 12 надвор од неа), станувајќи една од пет-шест најизведувани македонски драми, воопшто2F. И во текот на последниве две години, оваа драма забележала две исклучително успешни и навидум исклучително радикални инсценации, потпишани од режисерите Дејан Пројковски (2004 во Народниот театар во Штип) и Слободан Унковски (2005, во Македонскиот народен театар во Скопје).
Попатно, „Црнила“ е прва македонска драма наградена на некој од тогашните респективни и влијателни фестивали, што се одржуваа во поранешната заедничка држава (Шесто Стериино позорје, 1961: Специјална Стериина награда за драмски текст, доделена на авторот; Стериина награда за глума, доделена на Петре Прличко) и прва која била преведена и објавена на повеќе странски јазици (хрватски, 1962; чешки, 1964; полски, 1972; српски, 1975; англиски, 1977 – публикувана во Њу Јорк, во тогаш мошне важна едиција «Five Modern Yougoslav Plays»). Според мотивите од „Црнила“ снимен е и еден од првите македонски играни филмови (ако добро бројам – седмиот, „Денови на искушение“, кој во 1965 година го режирал Бранко Гапо).

*

Што е тоа што „Црнила“ ги прави интригантни на толку долг рок?
Дали, можеби, на театрите и на нивните гледачи постојано им е интересна таканаречената „драмска приказна“ (сиже, plot), која што авторот, како извонреден драматург-занаетчија, мошне вешто ја развива?
На прв поглед, таа „приказна“ е организирана/театрализирана околу експлозивниот мотив на предавство (национално, се разбира!), „комбиниран“ со неизбежно и безочно (политикантско) манипулирање со луѓе и нивните судбини, дополнително гарнирано со насилство и со тероризам. Формално и сосема навидум, таа „приказна“ го театрализира (реферира, рециклира, коментира со/преку театарски изразни средства…) еден автентичен историски настан од 1921 година: убиството на Ѓорче Петров, идеолог на македонската кауза и, како што стои во историските книги и ини референтни публикации, „еден од апостолите на револуционерното и националноослободително движење на македонскиот народ“ (Павловски, 2002:249). Во сигнираната 1921 година, Македонците се народ без простор, без сопствена држава. Дури и рационалната („хегелијанска“) историја (а не само фабулозната и секогаш поетична, дури и патетична митологија!), ваквиот маркиран, Горан Стефановски би рекол: тетовиран3F народносен статус го детерминира како исклучително контигентен, односно, колоквијално речено, како проклет(ство). Самиот Чашуле, ама и неговите читатели/толкувачи, вклучително и овие „најсовремени“, „Црнила“ милуваат да ги декодираат и како парадигма на она што на еден народ без простор му се случува низ долгиот и неизвесен процес на неговата мачна територијализација. Доколку воопшто се инсистира на евентуалниот историзам/историцизам (Historicism) на оваа драма, тој треба да се бара (но и наоѓа!) предимно преку следење на оваа контигентна, оттука и мошне заводлива („рикеровска“) трага.
Меѓутоа, некои од рецентните толкувања, особено оние што се среќаваат во учебиците – бидејќи наставните програми по мајчин јазик и литература „Црнила“ ги регрутираат во задолжителна училишна лектира – умеат и да се слизнат: не препознавајќи ја „рикеровската“ стапица, неретко се случува одделни толкувачи драмата автоматски да ја квалификуваат како историска (по жанр) и, се разбира, како национална (по тема, централна идеја, лајт-мотив, таканаречената содржина… и така натака).
Дали ноторниот факт – дека „Црнила“ го „допираат“ еден автентичен историски настан (а го „допираат“ така што условно ги тематизираат и ги театрализираат некои драмски ситуации, условно поврзани со него) – дали таквиот артифициелен/конструиран факт треба да фигурира како достоен/валиден аргумент за оваа драма да се детерминира како историска?

#b
1. Интересно е да се споредат критиките, пишувани и објавени непосредно по праизведбата, со оние што беа публикувани по првите сериозни признанија и награди, кои уследија по неколку месеци; македонската театарска критика како допрва да ги „откриваше“ метатекстуалните импликации што драмската партитура ги загатнува, препознавајќи ги нивните релеванции.
2. Доколку ја „изземеме“ прворангираната и апсолутно нестандардна театарска судбина на „Буре барут“на Дејан Дуковски (праизведена 1995) – пиеса со само една премиерна постановка во Македонија, ама со уште триесеттина во странство – најголем интерес кај домашната театарска публика досега предизвикале драмите од нагласено национален тип: „Бегалка“ на Васил Иљоски (од 1928 до денес 24 постановки), „Чорбаџи Теодос“ од истиот автор (од 1936 до денес 23 постановки), „Печалбари“ на Антон Панов (од 1936 до денес 23 постановки – 21 во Македонија и 2 во странство) и „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински (14 премиерни постановки во Македонија и 1 во Софија – легендарната праизведба од 1900-та, која потоа, до 1930/35, доживеала повеќе репризни обнови, режирани од самиот автор).
3. в. Горан Стефановски, 1985, Тетовирани души, театарска пиеса

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 57|