ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

/, Литература, Блесок бр. 107/ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!


Состојбите кои Лешоски ги опишува во своите стихови се неговите (претпоставени, вистински или фиктивни) секојдневни рутини на пиење, пушење, дружење со пријателите, водење љубов, расправање и смирување. Како такви, тие се повикуваат на и ја будат мелодраматичната имагинација кај читателите бидејќи, како што вели Иен Анг, „тоа е категорија која покажува дека секојдневното постоење (со сите негови страдања, триумфи, порази, победи) има длабоко значење за обичниот човек. Мелодраматичната имагинација создава терен за идентификација на обичната публика со ликовите од фикционалниот свет (кои ја подражаваат стварноста). Мелодраматичната имагинација ја организира стварноста, со сета палета на контрасти и конфликти“ (според Атанасова: 2012, 319). Така, се чини скоро неизбежно дека неговата поезија (исто како сапуниците, лесната поп музика или сликите од турбо-фолкот) привлекува значителен број жени како консументи, бидејќи производите на популарната култура наменети за жените „се насочени кон емоциите и личните односи, а машките кон акцијата и физичката борба за власт…“ (Višnjić & Mirosavljević, 2008: 260). Современите феминистички теоретичари укажале дека „жените играат централна улога како консументи на одредени производи на популарната култура,… тие се централна тема на популарната култура и за жените и за мажите…“ (Rakow: 1998, 278).

Токму оваа широка женска публика на поезијата на Лешоски, заедно со темите и содржините на неговите стихови (или сликите кои тие ги презентираат или на кои асоцираат) исто така (или повеќе од други прашања) отвора значајни прашања за позицијата на жените во овој конкретен жанр на популарната култура и пошироко, во тековниот културен контекст во Македонија. Од една страна, „позицијата на жената како консумент на вкоренетото патријархално разбирање имплицира дека женската публика е поподложна на… културни производи како слаткаста поп музија или сапуници…“ (Nenić, 2008: 265). Заведени од сликите на моќните емоции во (традиционално женската) сфера на приватното наспроти (традиционално машката) сфера на јавното, во своите коментари под неговите песни, читателките ги повторуваат стиховите кои им оставиле впечаток: „чувај го оној што те чува“ и „чувај го оној потем на наткасната од креветот што ќе ти остави / Нескафе што чади во црвена шоља како неговото срце по тебе“, додавајќи „ќе го чувам, ќе го чувам“. Консумирањето, но и повторувањето (во вид на коментари и споделувања) на сликите од оваа поезија од страна на жените задира и во прашања како: „(1) какви слики се присутни и што откриваат овие слики за позицијата на жената во културата? (2) чии слики се тие и кому му служат? (3) кои се последиците од тие слики?“ (Rakow, 1998: 279).

Сликите кои се произведуваат (и се повторуваат) во поезијата на Лешоски се пред сѐ машки слики на женски објект, бидејќи „повеќето слики на популарната култура се во најголем дел машки слики за жените“ (Ibid), а неговиот јазик е фалогоцентричен.8F Без оглед на ситуацијата во која се сместува сликата на жената, „таа секогаш претставува само едно – предмет на задоволство, желба, уживање“ (Višnjić & Mirosavljević, 2008: 260). Се чини дека (младиот, машки, измачуван) поетски субјект е во постојана, скоро вечна потрага по целосно исполнување на неговите љубовни (или страсни) чувства, а единствениот начин на кој се презентира женскиот предмет на неговата љубов (или страст) е преку призмата на овие чувства. Иако е централна тема на неговите стихови, жената не е и нивен централен субјект – таа не може да постои на ниеден друг начин освен како отелотворение на неговите емоции, обожувана ако ги возвраќа чувствата, проколната ако не го прави тоа.9F „Никој не знае колку те сакав / Никој не знае колку јас уште те сакам / … Само за миг во мислите те колнам утрината / Кога ќе ми пријде убава девојка на која во очите ѝ се гледа дека е спремна / Сѐ да ми даде / и животот / и љубовта во гради која ја чува / и иднината / … Сѐ што ти никогаш не ми даде / Сѐ што и сега и не би ми дала“,10F вели поетот, ламентирајќи заради невозвратената љубов. Сликата која се прикажува (онаа која им се допаѓа на читателите на овие стихови, потенцирана со повторување) е многу позната, оваа „рехабилитирана слика на жената како предмет“ (Višnjić & Mirosavljević, 2008: 261) е сликата на музата на трубадурот, една од најопредметуваните и најпасивизирани извори на машката инспирација. Повикувањето на овие романтични архетипови, иако наизглед ја сместува жената на пиедесталот на светата испирација, истовремено ја емитува и пораката за нејзината пасивност и евентуална анонимност (па дури и непостоење) вон и настрана од стиховите (или која било уметничка творба) која ѝ е посветена. Читателките на овие стихови се идентификуваат со музата, со инспирацијата на поетот, со инцијалната каписла на машката креативност и чувствуваат дека би достигнале целосна среќа, исполнување, па дури и суштетствено постоење, кога тие самите би биле на тоа место.11F

Фактот што жените се најчестата публика за ваквите културни производи не ја намалува моќта на нивната порака, туку покажува дека „ако мизогинијата е доволно долго инкорпорирана во културата, ако е нејзин дел,… дури и самите жени често немаат саморефлексија за нејзино препознавање, туку тие… често се неспособни да го редефинираат вкоренетото разбирање за своето место и позиција во општеството. Парадоксално (иако не и ретко) е што самите жени, свесно или не, емитираат мизогина содржина“ (Višnjić & Mirosavljević, 2008: 250). Истрајноста на мизогинијата во нововоспоставената сфера на македонската популарна култура на Фејсбук поезијата исплива на отворено во дебатите за естетските и културните вредности, од кои најочигледни беа оние кои ги поттикна една статија објавена во весникот „Нова Македонија“, која се обиде да го анализира феноментот на „машката доминација“ во македонската поезија (исто така осврнувајќи се и на Фејсбук поезијата).12F Обожавателките на Дарко Лешоски реагираа со изјави дека (наводната) „машка домнација на поезијата на Дарко Лешоски во ’виртуелниот свет на Фејсбук’ ја создадоа жените. Не мажите, туку жените…“, така покажувајќи ја својата несвесност за тоа дека учеството на жените во одредени културни практики не значи и дека овие вториве не се родово пристрасни, патријархални или мизогини. Освен овој став, имаше и брзо застранување во добро познатите мизогини сексуални објектификации на жените, кога некои поддржувачи на поезијата на Лешоски кажаа дека критичарките кои изјавиле дека таа [поезијата] е дел од машката доминација во креативните процеци можат „да му го пушат“. Добро познати јавни личности (исто така мажи) им го одредуваат на критичарките поетнцијалот за креативност (тие не можеле ни да сонуваат да пишуваат такви големи песни), и советуваат овие жени да се занимаваат со традиционалните женски работи, како готвење или плетење.13F Овој изблик кон она што Фејсбук заедницата на обожувачи на Лешоски го гледаше и го идентификуваше како „радикален феминизам“ јавно ги покажува перцепциите (и можните ефекти) на сликите и на пораките кои оваа поезија го има.

2018-12-17T12:51:53+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 107|