ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

/, Литература, Блесок бр. 107/ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!

ТОЈ ДА ГО ЧУВАШ, БЕ ЛЕПОТИЦЕ!


ЗА ТОА КАКО ФЕЈСБУК ЈА ПРЕЗЕДЕ МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА ОД АКАДЕМИЗМОТ И ЗА ИСТРАЈНОСТА НА МИЗОГИНИЈАТА

Во 1970 година, босанскиот писател Меша Селимовиќ напиша: „Верата е закон кој го дефинира целиот живот. Поезијата е вон тој закон, не го признава, бара слобода за зборот и мислата и го негира совршенството на зборот што го создал Бог. Да се живее сонувајќи, надевајќи се, исчекувајќи, значи да не се прифаќаат нештата такви какви што се. Таа е бунт“ (Selimović, 1970: 158). Сфатена и искусена не само како израз на човечката креативност, туку и како место за искажување на сопствената, исконска индивидуалност наспроти колективното, унифицираното и однадвор наметнатото, не е чудно што денеска, повеќе од четириесет години по овие зборови, поезијата стана еден од најчестите „статуси“ на социјалните медиуми, како Фејсбук. Социјалните медиуми се просторот во кој поезијата може да се пишува и од кој може да се испраќа без традиционалните филтри како лектори, уредници и издавачи; за читателите, таа е лесно достапна и бесплатна, а на авторите им дава експресна повратна реакција (во вид на „лајкови“ и „коментари“) која не би ја добиле од класичното објавување на хартија. Затоа, може да се каже дека Фејсбук поезијата стана жанр на популарната култура, културен производ за масовно консумирање наспроти поезијата која се објавува и се чита во ограничените кругови на писателските здруженија и академиите.1F Како и секој друг вид или облик на популарна култура, таа ги опфаќа „креативните изрази на обичните луѓе наспроти оние на елитата или едуцираните класи на општеството…” (Magoulick, 2006).

Феноменот на Фејсбук поезијата стана многу видлив во македонскиот контекст, особено во последниве неколку години. Пред нејзината појава, како и секој друг вид национална книжевност, новонапишаната македонска поезија ја создаваше и ја читаше ограничена публика, додека критериумите за тоа што значи „добра поезија“ ги препишуваа самите канонизирани поети, критичари и професори (скоро секогаш мажи), бидејќи „универзитетите се чувари на традицијата, заштитници на она што тие го сметаат за најдобри и највредни споменици на човековата инвентивност и креативен израз“ (Schudsom, 1998: 497). Интерпретацијата на поезијата и припишувањето на квалитет и вредност на она што се произведуваше често му значеше малку на обичниот читател, кој беше збунет и ретко можеше да се поврзе со песните (а впрочем и со поетите) кои ги добиваа најдобрите критики. На пример, Гане Тодоровски, еден од најистакнатите македонски поети, не штеди пофалби кога вели дека поезијата на еден колега поет (и претседател на Друштвото на писатели на Македонија) „успева да се самозаштити преку елиптичноста и спокојниот израз… и преку перманентната свртеност кон… доминантната проблематика на елегaнтно соопштениот дискретен начин, подрастворен од болештините на метафоризацијата, претпазливо благонаклонет кон компаративните предности на метонимискиот исказ…“ (Тодоровски, 2008: 105).2F Затоа, веројатно не би било претерано да се каже дека македонската поезија, особено во последните неколку децении, се промовираше себеси како израз на „висока култура“ и во голема мерка страдаше од академизим, а академизмот „е кичот на елитата: лажна Висока Култура која однадвор е вистинското нешто, но всушност е фабрички производ… Една до две генерации подоцна, нејзината вистинска природа ја разбираат сите и таа тивко паѓа во… заборав…“ (Macdonald, 1998: 26). Како таква, оваа поезија на елитата (и за елитата) остана херметична, исклучувачка и неразбрана (но и нецената) од пошироката читателска публика. Таа беше „културата на блокот на моќта која одлучува што, по дефиниција, ѝ припаѓа на културата, а што не“ (Атанасова, 2012: 147). Затоа, Фејсбук поезијата се појави како нејзин антипод, како „сила која е насочена против блокот на моќта. Ова создава еден свеж историски ’отвор’ во којшто е можно да се создаде култура која е вистински популарна“ (Ibid, 148).

Ако постои еден пример кој е парадигматски за она што се случува со македонската Фејсбук поезија во последниве неколку години, тоа би бил случајот на Дарко Лешоски (1983). Од 2012 година наваму, неговите песни, објавени како статуси на неговиот профил на Фејсбук (https://www.facebook.com/darko.lesoski?fref=ts) ги следат бројни корисници/читатели на Фејсбук, а неговата најпопуларна песна „Тој да го чуваш, бе лепотице“ (објавена на 7 септември 2013 година) ја „лајкнале“ повеќе од 2300 луѓе (или други профили на Фејсбук). Ако се земе предвид дека популарноста се смета за sine qua non во секоја дефиниција на популарна култура, како и фактот дека скоро сите книги од македонската книжевност (особено поезијата) се објавуваат (но ретко се продаваат) во повеќе од 500 примероци, би било соодветно да се каже дека тој е најистакнатиот и најеклатантиот пример за фактот дека во популарната култура „единствениот авторитет за убавина, извондредност или вредност се луѓето, оние кои одбираат да прифатат или да консумираат нешто“ (Hinds, 2006: 365). Токму овие луѓе,3F неговите читатели, обожувачи, следбеници и страсни пропагатори (во кои спаѓаат тинејџери и домаќинки, но и познати интелектуалци, актери, професори по книжевност, но и други писатели) и нивниот пристап кон неговата поезија (а во крајна смисла и кон неговиот севкупен имиџ)4F го промовираат она за што Frankie Goes to Hollywood еднаш рекол дека е „не толку да се продаде производот колку да се даде морална дозвола да се забавуваш без вина“ (според Ang, 1998: 274). Со други зборови, оваа масовна публика (или нејзините најгласни претставници) упорно го потенцираа ставот дека „нема оправдување за вкус, дека со други зборови, не се можни објективни естетски судови… секој има право на свој вкус и има слобода да ужива во задоволството на свој начин“ (Ibid, 273). Популарните портали објавуваа наслови како „Феноменот Лешоски ја оживеа поезијата“,5F а обожувачите на неговата поезија страсно и неуморно коментираа и дебатираа со „хејтерите“ со изјави како „заеби хејтерите, нѐ имаш нас, ме имаш мене, кога те читам душата ми цвета а срцето ми се полни со љубов пак и пак“ или „ти си некој антикод што го следам толку лесно, ти се поклонувам за твоето трпение досега“ или „прави што сакаш со својот живот – пцуј, пиј, еби, нервирај се, карај се на ФБ… само немој никогаш да престанеш да пишуваш“.

2018-12-17T12:51:53+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 107|