Странствувањето и провинцијализмот

/, Литература, Блесок бр. 71-73/Странствувањето и провинцијализмот

Странствувањето и провинцијализмот

Во џебот сè уште го носам клучот од некогашниот дом.
– Јосип Ости

Зборот странствување за првпат го сретнав како средношколка, во насловот „Странствувањата на Чајлд Харолд“ од Бајрон. Тоа беше еден од оние зборови кои сите ги разбираат, а никој не умее точно да ги објасни. Дури неколку години подоцна, го сретнав и оригиналниот наслов “Pilgrimages of Childe Harold” и сфатив дека македонскиот превод на англискиот оригинал може да значи и аџилак, т.е. свето патување, патување кое има одредена конкретна цел – духовно прочистување, но, што е исто толку важно, и патување кое има кружна траекторија, т.е. неминовно во себе го носи враќањето дома. Странствувањето така се формира како термин со позитивен полнеж, како процес на учење и просветлување преку патување, преку живеење далеку од дома, но и како враќање на домот како појдовна точка. Патникот, аџијата, странствувачот, одговорите кои ги нашол на тоа патување ги носи (ги враќа) дома, на вистинското место, онаму каде што се родиле и прашањата кои ги побарале тие одговори.
Со самата своја природа на трагање, движење, динамика, отвореност кон светот, странствувањето стои наспроти провинцијализмот. Овој вториов е термин полн со негативен полнеж, означуваjќи пред сè зачмаеност, неподвижност, застареност и ограничување. Во културна смисла, провинцијализмот, како што вели новинарката Мирјана Павловска во една колумна насловена како „Културниот провинцијализам“, не кореспондира со светот. Тој е агресивен кон сопствената средина, а крајно инфериорен во комуникацијата со другите. Провинцијалецот не поставува прашања, а уште помалку трага по одговори. Тој живее во својот ограничен свет на наследени лажни вредности кои ги проектира врз остатокот на светот, лесно и сурово судејќи го она што не го познава. Меѓутоа, во една подлабока смисла, провинцијализмот значи и скриен, никогаш неостверен копнеж по она што е светско наспроти провинцијалното. Така, провинцијалецот го посакува она што не го познава, тој сака да верува дека на некој начин се издигнал (или пак може да се издигне) над провинцијата на која, за негова жал, тој скоро природно ѝ припаѓа, без оглед дали тоа го сака или не.
Меѓу овие два термини, странствувањето и провинцијализмот, и меѓу овие два идентитети, аџијата и провинцијалецот, се наоѓаат последните генерации македонски емигранти, оние за кои можам да кажам дека припаѓаат на тн. емигранти-интелектуалци (наспроти претходните генерации на економски емигранти). Елизабета Шелева овие луѓе ги нарекува и дијаспорични интелектуалци. За генерациите на дисапоричните интелектуалци, пак, многу често се врзува и еден трет термин, номадство. Во обид да го објасни значењето на овој термин во совремието, т.е. надвор од неговиот познат историски контекст, Рози Брадиоти вели дека „да се биде европски номадски субјекти значи да се биде во транзит, но доволно вкоренет во една историска позиција за да се прифати одговорноста за неа.“ Токму тука, во овој простор меѓу „татковината“ и „туѓината“, скоро на ничија земја, се градат едни од поинтересните творечки идентитети во современата македонска женска проза – Кица Колбе и Лидија Димковска.
Иако романите „Снегот во Казабланка“ на Кице Колбе и „Скриена камера“ на Лидија Димковска, се стилски сосема различки, одразувајќи ги во потполност карактерите и светогледите на писателките (скоро сензуалната филозофско-романтичната природа на Колбе и скоро суровата иронично-остра горчина на Димковска), тие сепак започнуваат од една иста појдовна точка – доброволното заминување од домот (т.е. татковината). „А зошто избегавме од Македонија? Заради уверувањето на татко ми, според кое важи правилото, еднаш бегалец, секогаш бегалец!“ вели нараторката на Кице Колбе, поистоветувајќи ја својата судбина со скоро генетските пораки на историското бегалско, преселно наследство на македонскиот народ. Се чини дека и Лила на Лидија Димковска ја чувствува потребата да се патува, да странствува скоро како генетски код. Така, комбинацијата од националниот (заради кој зборовите печалбарство и печелбар постојат само на македонски јазик и никако не можат соодветно да се преведат на друг јазик) и родовиот (зашто жената со самото свое раѓање е осудена на преселба во домот на мажот) историски и социолошки полнеж е она што странствувањето, т.е. потребата да се патува за со преселбата да се најде ново, посуштинско место за себе во својот живот го прави централен движечки мотив и кај двете писателки.
Парадоксално, кога веќе еднаш се случува, патувањето и престојувањето далеку од домот, иако пред сè резултат на свесната, возрасна одлука и на двете писателки (а и на двата лика во нивните романи, кои се чинат многу блиски до авторките), во суштина носи повеќе горчина отколку возбуда. Причините за горчината се сместени во голем дел надвор од самите ликови, и тие ги пронаоѓаат во начинот на кој Западот во кој престојуваат гледа на нив. Во таа насока, Лидија Димковска вели „… од еден балкански писател а приори се очекува да има наклоност кон егзилот кој во светот на ументоста се признава само ако е од политичка природа.“ Така, интелектуалецот кој заминал од својот дом (т.е. од светот на провинцијализмот), поттикнат единствено од потребата за странствување, т.е. учење, потрага по одговори, духовно просветлување, разочарувачки сфаќа дека на Западот не владее ништо друго, туку самиот провинцијализам, манифестиран преку западната перцепција за Другоста за сè она што доаѓа од Балканот или од „сиромашните и неразвиени“ земји. Леснотијата со која странецот се дефинира и се класифицира врз основа на систем на претходно изградени предрасуди и убедувања, најчесто базирани на индиректни, многупати прераскажани и следствено на тоа многупати видоизменети (во стилот на познатата детска игра „расипан телефон“) податоци и ставови, не е ништо друго, туку една од препознатливите одлики токму на провинцијализмот. „За нас е од големо значење да видиме како се согласуваат една Македонка и една Албанка, на пр., или Азиец и Европејка. Имаме сосема поинакви стереотипи за тоа, а вие се однесувате сосема поинаку од нив. Сето тоа ни користи нам, на фондациите што ги помагаме сиромашните земји, да ги запознаеме подобро за да можеме уште повеќе да вложуваме во уметноста, да каниме уште повеќе уметници кај нас.“ – ѝ вели на Лила Австриецот Клаус, домаќинот на фондацијата која им обезбедува стипендии за неколкумесечен престој во Виена на странски студенти.

2018-08-21T17:21:02+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 71-73|