„Среброљубива или алчна за пари?“

/, Литература, Блесок бр. 59/„Среброљубива или алчна за пари?“

„Среброљубива или алчна за пари?“

Хронос на Катица Ќулавкова – врвно поетско достигнување
Хронос на германски – дали е воопшто поезија?

При анализата на преводот ќе се задржам на песните Хронос 1, 2 и 3, од кои најдетално ќе се посветам на Хронос 1. Проблематиката што ќе ја спомнам при оваа анализа се однесува на преводите на сите песни на Катица Ќулавкова направени од страна на Улрике Дрезнер.

1. Зборови од секојдневието

Во многу од преводите се забележува склоноста на преведувачката да употребува зборови кои воопшто не се поетични и на кои не им е местото во поезијата. Тоа се зборови од говорниот јазик кои на никаков начин не кореспондираат со оригиналниот збор, туку напротив, на стиховите им влеваат површност, баналност а понекогаш делуваат и навистина грубо.
Неколку примери се: За зборот „цел“ (потполн, целосен) таа на едно место во Хронос [3] го употребува зборот “total”, збор кој е речиси еднаков на супер, cool и сл. и покрај тоа што постојат соодветни зборови како “ganz, völlig, im Ganzen, gänzlich…” и кои во зависност од контекстот можат да се употребат поетски.
Понатаму, за стиховите: Или си ти во мене
или јас во Тебе!

Преводот гласи: Entweder du steckst in mir
oder ich stecke in dir!

што не само стилистички туку и содржински и граматички (глаголот на второ место) е непромислено, и заради сето тоа непоетично. Изборот на глаголот “stecken” е неоснован. Глаголот значи пика, пикне, вметне, стави и сл. и има широка употреба во фрази од секојдневниот говорен јазик (ich stecke fest, ich stecke immer noch im Büro, in der U-Bahn, im Stau fest, ich stecke mir einen Apfel in die Tasche…), така што целиот израз е груб и непоетичен. Решението е всушност многу едноставно, бидејќи сосема коректно може да се употреби идентичниот израз како во оригиналот со глаголот сум односно sein:
Entweder bist du in mir
Oder ich in Dir.

За истакнување на изразот би можело да се употреби: lauern, wohnen, leben (демне, живее) и сл. но, во никој случај „stecken“.
Друг пример е именката Anstrengung, која најчесто се употребува за означување физички, телесен напор, исто како и глаголот sich anstrengen, а особено секојдневната употреба на прилогот anstrengend: Die Arbeit ist anstrengend (работата е напорна). Или пак неговата придавска употреба: anstrengender Mensch (напорен/досаден човек), кои секако наоѓаат примена во прозните текстови. Поетски зборови за напор (напорен) би биле: Mühe, Mühsal (mühsam).
Оригиналниот стих: се обидувам, не без напор, да те сфатам!
Превод: versuche, nicht ohne Anstrengung, zu fassen dich!
Секако дека овој стих, во кој последниот дел (zu fassen dich) е исто така граматички некоректен, што не е заради поетскиот стил (види подолу), и треба да гласи:
versuche, nicht ohne Mühe, dich zu begreifen!

2. Непознати зборови

Многу често во преводот наоѓаме зборови и контексти кои преведувачката воопшто не ги разбрала и се одлучила за некакво решение, како што ќе видиме во примерот со следниот стих од песната Хронос [1]:
Овде сум на една топка-вртелешка
Вртелешка
од овој стих е очигледно непознат збор за преведувачката, бидејќи таа вака го интерпретира овој стих:
Auf einem Ball stehend kreise! (ich gefalle mir selbst,)

Односно на македонски: Стоејќи на топка кружам! (си се допаѓам сама на себе,)
Taa го поистоветува зборот вртелешка со вртење, кружење, меѓутоа употребата на глаголот во прво лице еднина без лична заменка делува чудно и нејасно на германски. Не може да се зборува за елипса, бидејќи во овој случај преку тоа не се подобрува стилот. Подобро решение би било да се изостави глаголската придавка stehend и да се стави само глаголска придавка односно партицип 1 од глаголот kreisen – kreisend
Auf einem Ball kreisend

што стилистички е подобро, меѓутоа повторно не би било најдобро решение бидејќи содржински губи од значењето на оригиналот.
За да се ублажи или превиди погрешноста на целокупниот стих, или можеби заради лична несигурност, преведувачката додава извичник, а зад извичникот стилистички и граматички го поврзува глаголот (кружам) со субјектот (јас) од следната реченица, која во оригинал и воопшто не гласи така и се наоѓа еден стих подолу.
Доколку навистина има потреба од елементи за подобрување на стилот, изразот или значењето на преводот, секако е сосема легитимно да се додаде знак за интерпункција, нов збор, да се спушти или искачи стихот или дел од него за еден или два реда и сл., меѓутоа во случајов се работи за обид да се најде решение за она што не било разбрано, при што е сосема уништен стихот на поетесата.

АвторЕлизабета Линднер
2018-08-21T17:21:11+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 59|