„Среброљубива или алчна за пари?“

/, Литература, Блесок бр. 59/„Среброљубива или алчна за пари?“

„Среброљубива или алчна за пари?“

или: За проблематиката при преведување поезија од македонски на германски

Задачата на преведувачот не е воопшто лесна, и секако дека не е за потценување. Нему му е доверено не само содржинското, стилистичкото и уметничкото пренесување на едно дело на друг јазик, туку исто така и презентирањето на една култура во друга јазична средина. Секако дека преведувачот има за цел да ја пренесе сликовитоста, моќта на кажаното, симболиката, а особено во поезијата секако и ритамот и звучноста. Оној што ќе го постигне сето тоа, а згора на тоа ќе створи читлив текст, тој е добар во својата професија.
За жал, навистина нема многу преводи од македонски на германски јазик, за да може редовно да им се обрне внимание, да се истакне нивниот квалитет, да се направи анализа на преводливоста, или – едноставно – да се пренесат германските рецензии за делото. Една од причините за тоа е секако и недостатокот на преведувачи од македонски на германски. Во последно време се забележува зголемен интерес за македонскиот јазик и литература, што од една страна е многу важно за презентација на нашата литература во германското говорно подрачје, но од друга страна може да се одрази и негативно. Тоа од причина што потребата за преведувачи од македонски јазик им служи како предизвик на некои лаици и неталентирани љубители на убавиот збор да се нафатат да ја практикуваат оваа дејност. Сè повеќе и повеќе слависти се обидуваат преку забрзани курсеви по македонски јазик или пак преку познавањето на бугарскиот јазик да навлезат во „сржта“ на македонскиот и да се закитат со својот прв литературен превод. Резултатите од овие обиди би биле поразителни за авторите, кои не би можеле ни да претпостават на каков начин и во каква форма нивното дело всушност комуницира со германската читателска публика преку преводот.

Освен изборот на делата, за добра презентација на книжевноста на една земја и култура од пресудно значење е секако и квалитетниот превод. Бидејќи, како што веќе спомнав, нема многу преводи на кои би можеле да им посветиме внимание, ќе се задржам на преводите на поезија од македонски поети на порталот за поезија lyrikline.org.
Листата на поети не е долга, меѓутоа изборот на поетите и нивната лирика е одличен. Се надевам дека изборот во иднина ќе биде проширен, бидејќи Македонија има традиционално квалитетни поети и поетеси, кои заслужуваат да бидат приклучени и презентирани на овој или други поетски портали во германското говорно подрачје.
Сите песни се преведени/препеани на германски јазик. Особено се истакнуваат преводите на поезијата на Богомил Ѓузел од Керстин Ханзел, каде поетскиот тон и содржината се пренесени на едно високо книжевно ниво, целосно кореспондирајќи со оригиналот. Тие доловуваат беспрекорен и течен поетски израз, каков што би требало да биде содржан во секоја преведена поезија. Истото ниво го поседува и преводот на песната „Ѕвона“ на Матеја Матевски од Ина Јун Брода, кој е за жал единствен превод на оваа преведувачка. Преводи кои веродостојно го пренесуваат поетскиот збор се преводите на поезијата на Влада Урошевиќ од Холгер Зигел и Ранка Грчева.
Во преводите на поезијата на Матеја Матевски од страна на Матиас Брониш на моменти се забележува несигурноста во изборот на соодветни зборови, меѓутоа преводот не губи во течението и изразот, иако содржината од оригиналот е понекогаш помалку веродостојно пренесена (како пример Пелин – Апсинт, иако овие два збора во двете култури имаат сосема различна конотација). Истата проблематика се јавува и во преводот на поезијата на Катица Ќулавкова од Михаел Фистер, каде содржинскиот, а кај Фистер делумно и стилскиот тек на поетскиот тон на моменти се оддалечува од оригиналот. И покрај тоа, се работи за добри преводи. Во преводот на поезијата на Ефтим Клетников од Норберт Рандов и Маја Гулевска, со одредени стилистички зафати врз некои германски изрази би можеле да се подобрат текот и близината на поетскиот исказ, кој на моменти делува дистанцирано и студено во споредба со оригиналот.
За разлика од сите овие, преводот на поезијата на Катица Ќулавкова од Улрике Дрезнер делува аматерски, лаички, и, за жал, не го задржува поетскиот израз на оригиналот. Преводот е нешто сосема поинакво од оригиналот и на моменти тој наликува на чисто слободен превод, кој ни оддалеку го нема нивото на оригиналната поезија. За да се изнесе проблематиката на преводот, која важи општо за превод на современа поезија, ќе се задржам на преводот на неколку песни и стихови, преку чија анализа ќе наведам примери и ќе дадам можни решенија како тој би требало да изгледа.

АвторЕлизабета Линднер
2018-08-21T17:21:11+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 59|