Смртоносно точна желба

/, Литература, Блесок бр. 50/Смртоносно точна желба

Смртоносно точна желба

– кон поезијата на Ханс ван де Ваарсенбург –

Бидејќи на твојата крв ѝ ја дадов / одливот на квечерните векови на светот, / но во твоите срца крикот на галебите / над големата поплава.
(А. Роланд Холст)

#1 Ханс ван де Ваарсенбург тивко работи на едно импресивно дело. Тој поседува големи технички вештини, кои ги користи за да ги варира и интензивира своите стандардни теми и мотиви. Тој не е иноватор, ниту пак им робува на најновите трендови. Ниту пак е поет кој му се наметнува на нашето внимание во оној гласен ентураж кој сè повеќе ја заменува самата литература.
Лојалноста е клучот на делото на Ханс ван де Ваарсенбург. Неговата поезија изразува една лојалност кон луѓето околу него, лојалност кон нивните мотиви и желби. Тој има свест за нивната ранливост, нивната бесцелност и нивните ограничувања. Тоа е пред сè изразено во искрениот и внимателниот начин на кој тој го користи јазикот. Така, внимателниот слушател ќе го слушне индивидуалниот и непогрешлив глас кој се издига од неговата поезија.
Zuidwal
(Јужен ѕид, 1995) ја потврдува сликата за Ханс ван де Ваарсенбург како меланхолик. Свесни сме за мрачните тонови, тоновите на тага и носталгија. Повторно и повторно песните покажуваат дека човекот е минлив и дека сите негови напори се залудни. Би било неправедно кон ова дело ако останев со оваа карактеризација. Во овие песни нема ни трага од инерција или резигнација, толку често поврзувана со меланхолијата. Наместо тоа, овде меланхолијата го отвора патот за еден активен, борбен став. Неговата свест за минливоста го нагласува животот и во тагата и во задоволството. Неговата свест за ранливоста на човекот поттикнува утеха. За нас утехата се наоѓа во тоа како Ван де Ваарсенбург се стреми не да го користи јазикот како средство за (само)залажување. Тоа подеднакво се наоѓа и во интензивирањето и во забележувањето на нашите желби.
Овој процес е добро илустриран во циклусот „Жедта на пристанишните градови“ од истоимената збирка (1990). Пристанишниот град е регион на транзиција, како вечерта или самракот во другите збирки. Сè уште не на море, иако скоро го напушта брегот, сега желбата да се биде на друго место е најсилна. Веќе со кренато сидро, но сè уште незаминат. Редовното време е веќе вон нормалниот ритам, толку блиску до часот на заминување. Се чувствува незгаслива жед за живот. Ван де Ваарсенбург го претворил утопискиот копнеж за непознатото во телесна сопственост, така давајќи му една цврста и ветувачка основа. Човек не може да се удави во алкохол. Но поезијата е добра за поттикнување на жедта: тоа го содржат овие песни, дури и кога реалноста ги разнишала илузиите за други места. „Антверп“ завршува со губење на илузиите но сепак слепо се потпира на тој внатрешен простор од кого иднината може повторно да се визуелизира:
Штом еднаш си ожеднел
Водата ќе иде по тебе
Тивко ќе си зема форма

Усните на чашата ѝ служат
Лажни гозби, цел живот
Дури сонцето не зајде

Чашата, сонот скршен
Очите сега бескорисни и празни.

Има многу примери за меланхоличната виталност на овие песни. Една од нив се наоѓа во „Оти сè мора да мине“ од Јужен ѕид:
Ќе ги кренам солзите од твоите очи
Ќе ја бакнам солта на твојот образ
Ќе молчам за смртта на денот
И за квечерината врз твојата кожа

Оти сè мора да мине

Ќе им допуштам на шумата и огновите
Да украдат перо од твојата красна коса
Да посегнат по садот, а чадот да го остават
Дури и водата да изгори и да чекаат.

Бидејќи животот е минлив, тој мора целосно да се прифати и да се изживее. Во првата строфа има утеха, посветеност и љубов. „Смртта на денот“ е формула со неколку конотации. Таа се однесува на паѓањето на ноќта: денот е затворен во самракот, создавајќи чувство непознато на меланхоличарите. Формулата исто така ги спротивставува привремените тривијални појавувања на сеопфатното „сè минува“. Неговата сакана на која ѝ се обраќа овде не треба да биде парализирана од краткотрајниот момент. Бидејќи сè минува, оваа секојдневна смрт ја губи својата надмоќ.

АвторХанс Груневеген
2018-08-21T17:21:22+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 50|